Доктори.мк | Истражување: Колку докторите во Македонија пушат цигари? | istrazuvanje-kolku-od-doktorite-vo-makedonija-se-pusaci | Портал за медицина и здравје

Истражување: Колку докторите во Македонија пушат цигари?

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Пушењето во светот е многу распространето. Според Светската здравствена организација, околу една третина од вкупното население над 15-годишна возраст се пушачи. Мажите се застапени со 47%, а жените со 12%. Докажано е дека цигарите се причина за голем број хронични неинфективни заболувања и предвремена смрт. Годишно во светот умираат над 4 милиони луѓе од заболувањата поврзани со пушењето, а прогнозите за 2030 година се дека таа бројка ќе се зголеми на 10 милиони.

Здравствените работници, посебно докторите, би требало да имаат основна улога во борбата против пушењето. Ако ги знаат последиците, зошто пушат? Како може докторот да делува воспитно, образовно и превентивно на пациентот кога и тој самиот пуши? Каква е таа докторска практика?

Податоците од десет градови во државава укажуваат дека околу половина од докторите се зависни од цигари

Целта на истражувањето беше приближно да се утврди фреквенцијата на доктори што пушат цигари во Република Македонија. Формирана е база на податоци, група од 730 доктори по случаен избор на возраст над 28 години, од десет градови: Охрид (92), Струга (53), Кичево (49), Гостивар (51), Тетово (107), Скопје (127), Кавадарци (41), Штип (49), Гевгелија (48) и Битола (113). Од анкетираните мажи се 57,32%, а жени 42,68%.

Најголем број од мажите се од 50 до 64 годишна вораст, а жените од 32 до 44 годишна возраст.

Од анкетираните 92 доктори во Охрид пушачи се 38 (41,30%), од 53 во Струга пушачи се 29 (54,71%), од 49 во Кичево 21 (42,85%) се пушачи, во Гостивар од 51 анкетиран 26 (50,98%) се пушачи, во Тетово од 107 анкетирани пушачи се 71 (66,35%), во Скопје од 127 анкетирани пушачи се 61 (48,03%), во Кавадарци од 41 анкетиран доктор 13 (31,70%) се пушачи, во Штип од 49 анкетирани доктори 24 (48,48%) се пушачи, во Гевгелија од 48 пушачи се 21 (43,75%) и во Битола од 113 анкетирани доктори пушачи се 51 (45,13%). Од вкупниот број анкетирани доктори (730) пушачи се 347 (47,53%).

Мажите се поинтензивни пушачи од жените

Мажите дневно просечно пушеле 18,3, а жените 11 цигари. Секој трет од анкетираните е редовен пушач (33,7%), а најзастапена возраст е од 35 до 44 и од 45 до 54 години.

Кај жените пушењето е најзастапено меѓу 45 и 54 години, потоа од 35 до 44 години.

Времетраењето на пушењето кај мажите просечно изнесува 20,3 години, а кај жените 18,7 години. Со возраста расте и должината на пушачкиот стаж, создавајќи поголеми ризици по здравјето.

Од анкетираните, од 11 до 20 цигари дневно пушат 44,4% . Мажите во однос на жените преовладуваат (51,3%). Мажите се многу интензивни пушачи, додека жените се умерени пушачи.

Голем дел од пушачите сакаат да прекинат со пушењето

Првиот час по будењето, наутро, пушат 36,6% мажи и 28,3% жени. Секој четврти испитаник првата цигара ја пали првите 5 минути по будењето. По половина час од будењето, секој трет пали цигара, а потоа следува скоро рамноправен однос (37,6% во однос на 36,8%).

Секој втор смета дека дека најголем проблем е да се откаже од првата цигара. Свесни се дека пушењето има реперкусии по своето здравје, по здравјето на семејството и на секој што го вдишува чадот од цигарите. Затоа сакаат да го прекинат пушењето. Меѓутоа, само 16,9% од докторите пушачи се загрижени за сопственото здравје, а секој единаесетти маж воопшто не е загрижен за своето здравје.

Голем дел од пушачите сакаат да прекинат со пушењето и прават обиди за тоа. Неуспехот во тоа е резултат од немотивираноста и од неподдршката од семејството и од средината.

Од анкетираните доктори пушачи секој втор има желба да го откаже пушењето (54,6% мажи и 47,5% жени). Групата на редовни доктори пушачи е значајно поголема од таа на епизодните пушачи.

Докторите пушат во присуство на членовите од семејството и пациентите

За пасивните пушачи чадот од цигарите е, исто така, штетен, како и за пушачите. Многу заболувања можат да настанат од пасивното пушење. Анкетираните доктори пушат во своето семејство, па, иако членовите на семејството не пушат, истите претставуваат пасивни пушачи.

Сите доктори, како пушачите така и непушачите, ги советуваат своите пациенти да не пушат. Односот на докторот е од големо значење за пациентите пушачи, посебно ако тие сакаат да го прекинат пушењето. Зачудува фактот дека една третина од докторите пушат во присуство на пациентите. Со тоа тие даваат многу негативен пример и впечаток дека пушењето не е штетно по здравјето.

Скоро половина од анкетираните сметаат дека мерките за ограничување на пушењето се многу строги, а секој седми дека тие треба да бидат уште построги. Повеќе од половина од докторите сметаат дека лековите што помагаат за откажување од пушење не треба да се употребуваат.

Заклучок

Има потреба од спроведување на дополнителни мерки за ограничување на пушењето меѓу докторите иако постои Закон според кој е забрането пушењето.

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 27.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил