Паротитот претставува инфекција со мумпс вирусот (mumps - вирусот на заушки), од кој што можат да бидат зафатени плунковните жлезди, тестисите, јајниците, мозочните обвивки и други органи.

Болеста ја предизвикува мумпс (mumps) вирус. Извор на зараза е болниот човек. Се пренесува по воздушно-капков пат и преку плунка, а поретко и индиректно, со контаминирани (заразени) предмети. Влезна врата е назофаринксот. Болните се максимално заразни околу времето на отекување на паротидните жлезди.
Клиничка сликаБолеста започнува постепено со зголемена температура, студ, трески, малаксаност, главоболка, намален апетит и отежнато џвакање. Овие симптоми се одржуваат 2-3 дена, а потоа се јавува оток на паротидните жлезди, прво на едната страна, а по 10-24 часа и на другата. Отокот е во пределот на увото и е лесно болен на допир, а бојата на кожата над отокот не е променета. Отокот се зголемува првите три дена, следните 3-5 се одржува, а потоа се повлекува и до целосна регресија доаѓа за 5-7 дена. Постои и оток на подвиличните и подјазичните плунковни жлезди, а многу често се зголемени и регионалните лимфни жлезди на вратот.
Орхит - семената ќеса и тестисите се честа локализација на инфекција со мумпс вирусот. Започнува нагло, со повторно зголемување на температурата, малаксаност, главоболка, повраќање и адинамија. Промените се јавуваат на едниот или на двата тестиси истовремено, а се манифестира со оток, заради кој тестисите се зголемуваат два или три пати. Отокот се одржува 10-14 дена и се повлекува. Семената ќеса е отечена, хиперемична и топла на палпација.
Оофорит - воспаление на јајниците кое се манифестира со осетливост и болки во долниот предел на абдоменот, зголемена температура, малаксаност, гадење и повраќање.
МоПаРу вакцината (морбили-паротит-рубеола) се дава во 13-тиот месец, со една ревакцинација на 7 годишна возраст.

Не постои специфичен третман за инфекцијата. Лекувањето е симптоматско, пред се - контрола на телесната температура со антипиретици.
Иако се можни компликации, паротитот е лесно инфективно заболување со добра прогноза.

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување
Контактирајте го нашиот тим