Диети кај децата

психолог
Центар за применета психологија "Зорба Консалтинг" - Скопје
Рубрика: Диети

Дебелината во светот полека здобива пандемски размери. За жал, се поголем процент од лицата кои имаат проблем со дебелина се деца. Дебелината кај децата претставува сериозна закана за нивното здравје и затоа е потребно мерките за превенција да се превземаат уште од најрана возраст.

Секое ненадејно зголемување на телесната тежина на децата, кое покажува тенденција на пораст, треба да биде сигнал за родителите, педијатрите и психолозите за превземање соодветни мерки. Ова особено важи за оние деца, чии родители и самите се дебели.

Здрава, редовна исхрана и физичка активност – основа за психофизичкиот развој на детето

Најдобар начин да се спречи дебелеењето или пак неисхранетоста кај децата е родителите уште од најрана возраст да почнат да создаваат здрави животни навики. Ова главно се однесува на навиките да се јаде претежно здрава храна, на децата задолжително да им се обезбедат пет балансирани оброци (појадок, ручек, вечера и две ужини) и уште од најрана возраст да се поттикнуваат децата кон редовна физичка активност. Во нашата средина дури и родителите од повисокиот социјален статус, за кои набавката на здрава храна не е никаков проблем, исхраната на децата им ја препуштаат на актуелните реклами, па нивните деца неконтролирано јадат огромни количества чолади, колачи, пици, сувомеснати производи, газирани пијалаци со многу шеќер и сл. Од друга страна, спортските активности во нашите училишта се до таа мера маргинализирани, што часовите по физичко воспитување веќе не се ни одржуваат или учеството во нив е препуштено на моменталното расположение на учениците. Тоа доведува до состојба во која имаме огромен број деца со зголемена телесна тежина и дебели деца, но исто така и деца со деформитети на скелетот, недоволно развиена мускулатура и други последици од физичка неактивност.

Еден од начините кој обезбедува здрав стил на живот кај децата е ставот и инсистирањето на родителите нивното дете да има обврска да се вклучи во извршување на некоја домашна работа (бришење на прашината, фрлање на ѓубрето, чистење на собата и сл.). Најголемиот број дебели деца немаат никаква физичка активност во домот и надвор од него.

Пренесувањето на здравите животни навики на децата е предизвик

Сепак, решавањето на проблемот со вишокот килограми кај децата ни оддалеку не е лесен. Некои деца, едноставно не се заинтересирани за својот изглед. Скратувањето на слатките и другите видови нездрава храна тие го доживуваат како голем удар. И покрај големите напори на родителите да ја контролираат нивната тежина, овие деца наоѓаат безброј начини да изедат чоколада или сендвич плус, кога се на училиште или кога родителите не се дома.

Од друга страна, некои деца и тоа како се загрижени за дебелината, па самоницијативно држат ригорозни диети кои немаат доволно хранливи материи за раст и развој. И овде, родителите на крајот излегуваат немоќни, затоа што едноставно не знаат како да го натераат детето да почне да се храни нормално. Ова честопати доведува до многу мачна атмофера во семејството. Родителите пак, кои тоа можат да си го дозволат, даваат значителни суми пари за разни третмани кои имаат многу краткорочни ефекти и на крајот се препуштаат на безнадежноста.

Психолошкото советување е важно во едукацијата на детето за правилна исхрана

Она што кај нас се уште е малку познато е дека решавањето на проблемот со дебелината кај децата, покрај консултациите со педијатарот, задолжително треба да вклучи психолошко советување во кое што семејството ќе биде едуцирано и советувано за најефикасните и најздравите методи за регулирање на телесната тежина.

Многу девојчиња на тинејџерска возраст, загрижени за својот изглед или мечтаејќи за манекенска кариера, се изгладнуваат до паѓање во несвест, изостанување на менструацијата и низа други здравствени проблеми. Ваквите изгладнувања се вистинско мачење за нив, но и за нивните родители. Тие сакаат, но не знаат како да му помогнат на девојчето да го реши проблемот (ако воопшто постои, затоа што многу девојчиња имаат сосема нереални очекувања за тоа како треба да изгледаат). Наспроти нив, момчињата можат да бидат многу несреќни ако се премногу слаби или дебели, а сакаат да изгледаат атлетски. Некои од нив се измачуваат со „билдерска“ храна и се оптоваруваат со огромни оброци и тренинзи во теретана со големи тежини. За жал, некои од нив копнежот по атлетско тело го решаваат со посегање по анаболички стероди, што може да има сериозни последици за нивното здравје.

Балансирана диета, редовна физичка активност и совети од психолог

Вистинскиот начин кој обезбедува здраво регулирање на телесната тежина кај децата и младинците е преку балансирана диета и редовна физичка активност. Балансираната диета треба да овозможи непречен раст и развој на децата, а редовната физичка активност да го интензивира метаболизмот и да ги превенира заболувањата предизвикани од неактивност.

Кон сево ова потребно е редовно психолошко советување во кое учество ќе земат и родителите и децата. Тоа е затоа што најчесто родителите, без да сакаат, самите им овозможуваат на децата да се хранат и да живеат на нездрав начин.

Освен тоа, понекогаш зад дебелината на детето се кријат проблеми од психолошка природа кои се причина за појава на дебелина, неисхранетост или други нарушувања во исхраната на децата, кои треба да се решат час поскоро, за да му се овозможи непречен психофизички развој на детето.

 

Во следната статија од рубриката Диети –прочитајте за

-Внимателно однесување со средствата за слабеење-

 

повеќе за авторот >>>

 -авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 21.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана