Пулпит (pulpitis)

0

Пулпитот (pulpitis) претставува воспаление на забната пулпа. Комплексниот пулпален систем, како најважен дел од пулпо-пародонталниот комплекс, иако се наоѓа во заштитна обвивка на дентинот, емајлот и цементот, под дејство на одредени иритации може да биде оштетен.

Заболувањата на забната пулпа може да се манифестираат во различни патолошки состојби. Но, треба да се нагласи дека за разлика од состојбата на хиперемија на пулпата (hiperemio pulpae) која е реверзибилна, при пулпитите настанува трајно иреверзибилно оштетување на истата.

Кои се причините за појава на пулпит?

  • Најчесто кариозен процес
  • Траума

Предизвикувачи се бактериите и нивните токсини (состојба на кариес), но налет на истите во забната пулпа не значи и инфекција на истата. Тоа зависи од одбранбената состојба на организмот и на забот локално.

Втората причина за појава на пулпитите е траума (удар, пад, оштетување при препарација, силно активирање на ортодонтските апарати, атриции, абразии, ерозии, трауматска оклузија итн.). Механичките дразби имаат повеќе акутен карактер, за разлика од микротраумите кои најчесто предизвикуваат хронични воспаленија.

Како настанува воспалението?

Кога доаѓа до воспаленија на забната пулпа, во ткивото настануваат истите промени како и при секое друго воспаление. Настапува ширење на крвните садови и волуменот на пулпиното ткиво. Но, бидејќи забната пулпа е опкружена со цврсти забни супстанци, притисокот во неа се зголемува па освен воспалението настанува и нејзино уништување. Заради зголемениот пристисок на забната пулпа при гризење со оштетениот заб се осеќа болка. Во оваа фаза забната пулпа може да се спаси од понатамошно оштетување.

Проверка на виталноста на пулпата

Со цел да се провери дали е пулпата се уште витална, стоматологот прави мало испитување: доколку при дразба со ладно болката трае само додека е провоцирана, тоа значи дека пулпата е се уште витална. Доколку болката продолжува и понатаму после дразбата, или се појавува спонтано, значи настанало поголемо оштетување.

Болка при пулпит

Доколку во почетниот стадиум на воспалението не се отстрани причинителот, настанува промена на ткивото на пулпата. Изумираат одредени клетки на пулпата, се затвораат крвните садови, најпрво во одредеден дел, а потоа во целата забна пулпа. Во овој период забоболката е најинтензивна и при најслаба дразба, а се јавуваат и спонтани болки во текот на ноќта и забот реагира на топло. Тераписките процедури во овој случај се ограничени.

  • Болка: остра – секавична, повремена, контуирана, тапа, пулсирачка, локализација, како и кога престанува, колку трае итн.

Од огромно значење е да се дефинира (опише) болката, бидејќи секој исказ на пациентот не насочува во понатамошно испитување. Понатаму се гледа состојбата на забот, дефектот, бојата, оток на околното ткиво, осетливоста при перкусија, електро-тест, локализација на забот итн.

Третман и компликации

Откако ќе се постави дијагнозата, терапијата ќе зависи од тоа каков тип на пулпит е присутен и зависно од тоа ќе се насочи и лекувањето. Најважно е да се отстрани причинителот, а со тоа се лекува и воспалението. Доколку се открие навремено, најчесто се третира со полнење на пулпата, кое има антиинфламаторно дејство и примарно се намалува болката. Но, доколку забот не се третира навремено и соодветно, забната пулпа целосно изумира, почнува да се распаѓа (gangrena pulpae). Во оваа фаза забот е безболен и неосетлив бидејќи се уништени сите нерви. Но, оваа состојба е само краткотрајно безболна, воспалението се шири надвор од пулпалното ткиво во апикалниот пародонт и преминува во периапикални патози – пародонтит (parodontitis).

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-