Пол и морал

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Моралот е една од најстарите форми на општествено сознание. Основна функција му е да го регулира општественото поведение и однесување. Моралот е историска појава. Моралното сознание се јавува како одраз на определена потреба на општественото битие. Притоа општествениот интерес секогаш го потчинува индивидуалното и личното.

Моралот е зависен од општественото уредување

Моралните норми се историски категории – тие не се вечни, туку се менуваат и се развиваат со историскиот развој на општеството, секогаш одразувајќи определени економски и социјални потреби. Секоја историска епоха создава свој морал и обичаи. Тие ги утврдуваат оние дејствија и постапки што во искуството на поколенијата се покажуваат корисни за зачувувањето на општеството како целина. Моралните норми одразуваат адекватно определена етапа во развојот на општествените односи, опстојувајќи во моментот на нивното создавање.

Промените на материјалните услови на животот на општеството ги менуваат и моралот и обичаите. Од појавата на човекот и времето на раниот палеолит до распаѓањето на првобитното родовско уредување и почетокот на робовладателското уредување поминале околу 800 000 години (а можеби и повеќе). Од тоа време до паѓањето на Рим под варварите поминале 4500 години, оттогаш до Големата француска револуција – помалку од 1400 години, а од последната до космичката ера – 200 години. Природно, моралот и обичаите, што биле култивирани со илјадници години, не можат да се совладаат за неколку десетици или дури стотици години.

Поради тоа, многу често луѓето се потчинуваат на бесмислени и ненужни обичаи и верувања што одамна ги одминало времето кога биле создадени и корисни. Така, некогашните неопходни морални норми постепено се претвораат во одживеани, заостанати, што повеќе не одговараат на потребите на општеството и пречат за негово нормално прогресивно развивање.

Половите морални норми се историски и општествени категории

Половите морални норми се историски категории што никнуваат во определена епоха и во определено општество за да регулираат определени негови никнати потреби. Половиот морал го регулира половото поведение на луѓето и заемните односи при остварувањето на половата дејност. Притоа првенство имаат не личните, туку општествените интереси. Ете зошто половиот морал регулира полова дејност во зависност од потребата на нејзината прокреативна функција и во голем степен ги негира и ги потчинува потребите на рекреативната функција.

Врската меѓу производството на човек и материјалното производство е јасна и една од главните причини што ја обусловуваат појавата на половите морални норми. Карактеристичен пример за тоа како условите на живот влијаат во формирањето на моралните принципи се наоѓа при споредување на половиот морал во старогрчкото и староеврејското општество – две општества од една иста епоха, но живеат во различни услови.

Во стара Грција условите за живот биле тешки. Малата плодна земја со мака го исхранувала зголемувањето на населението, кое било принудено да мигрира. Затоа порастот на раѓањето не бил пожелен и секоја полова врска што го зголемувала породот се сметала за развратна и непожелна за општеството.

Во исто време, во стара Јудеја се развиле други обичаи. Во плодните и богати земји малубројните еврејски племиња требало да се бранат од многубројни и силни непријатели. Поради тоа, зголемувањето на бројот на населението било животна неопходност за Евреите, прашање за опстанок. Ете зошто сите полови врски што не воделе до создавање на поколение се сметале за тежок грев пред Бога. За нив биле регистрирани тешки казни. Затоа Бог го убива несреќниот Онан, кој, за да го спречи забременувањето, извршува празнење на семето надвор – „исфрлувајќи“ го семето наземи за да не даде потомство; и ги уништува со оган и жештина градовите Содом и Гомор за нивниот хомосексуален грев, но ги затвора очите пред јавното крвомешање на Лот со сопствените ќерки бидејќи требало да се создаде потомство.

Влијанието на христијанството врз современиот полов морал

За современиот традиционален полов морал од решавачко значење е тоа што се родило од народите кои се наоѓале под влијание на христијанството. Во 313 г. класно-патријархалните и аскетски погледи на христијанството биле подигнати од императорот Константин Велики во државна религија и правна доктрина, која се сочувува и активно дејствува не само во целата феудална и буржоаска епоха, туку во голем степен го определува половото морално сознание дури и во современото општество, каде за тие морални норми не се остварени никакви објективни општествено-историски услови и потреби.

Илјадници години наназад е наложувана моралност, според која половиот живот е грешен и срамен, дело на ѓаволот и може да се одобри само како средство за создавање на поколение, но не и како извор на човечки радости и среќа, морал за кој сексуалноста треба да е лишена од секакво емоционално уживање.

Христијанството налага моногамен брак, но тоа се однесува повеќе на жената отколку на мажот. И сега тој „двоен морал” се смета за потполно природен и морален. До бракот девојката треба да внимава на својата невиност, т.е. на својата „чистота” и „нерасипаност”, од што произлегува дека половиот однос е нешто нечисто, неморално. Загубата на невиноста пред брак е најголем срам, не само за личноста, туку и за семејството и родот. При првиот полов однос жената ја губи невиноста, ја губи честа, дефлорацијата (латински: паѓање на цветот) е „обесчествување”, додека за мажот сношајот е постигнување, успех, гордост.

Истите морални причини се проследувале и во сите вонбрачни врски, и тоа пак, пред сé на жената, која што уште во старите закони на Хамураби во Вавилон (1750 г.пр.н.е.) при прељуба била строго казнувана. За истото дело мажот не сносувал или добивал сосема лесни казни. Вонбрачното дете и сега, согласно со многуте буржоаски закони, е „незаконско” и не ги користи правата и привилегиите на „законските” браќа и сестри.

Според класно-патријархалните и христијанско-аскетските морални норми, половиот живот е возможен само во бракот. Бракот е религиозен сојуз склучен пред Бога и не може да се раздели. Денес се поддржува од католичката црква. Уште во Библијата Бог му забранува на Мојсеј да ја открива голотијата на телото – тоа е „беззаконие”. И таа „божја заповед” христијаните ја зачувале досега. Кога Микеланџело во Сикстинската капела нацртал „Страшен суд” со голи светци и светици, избувнал скандал и папата наредил на „срамните области” да се постават драпери. Дури во современата анатомска номенклатура половата регија и половите органи се „пудендус”, т.е. срамни.

Пишувањето и претставувањето во уметнички слики на голи тела и посебно на полово општење од многумина се оценувало како „порнографија”. Таква оценка добивале многу голем број литературни, уметнички, театарски и филмски дела чие ширење било забранувано.

Разлика помеѓу истокот и западот – половиот морал кај нас

Сепак, постои разлика во појавата на христијанското непријателство кон сексуалноста и еротиката во земјите на источната и на западната христијанска црква. Веројатно борбата меѓу паганската традиција (многубожечки) што носи слободни, природни и неограничени од религиозни догми сексуални обичаи и поведенија и аскетското и непријателското на сексуалноста и еротиката во христијанството, формира, на различен начин, сексуално поведение и разбирање на западните христијани – католици и на источните христијани – православни, во Византија и во источните словенски земји.

Како резултат од наложената христијанска идеологија и бурното и тешко историско минато, нашиот народ формира скромно, срамежливо, неискусно и пасивно полово поведение, под кое се крие жешко паганско срце. По Првата светска војна, некои наши писатели си дозволиле малку поголема еротична слобода, а критиката не ги одобрувала, велејки дека се тоа погледи од западноевропејците. Таквото мислење продолжило и по 1944 година, кога започнува масовна миграција на населението од селата кон градовите и од малите кон големите градови. Повторно се вселуваат конзервативните традиционални сфаќања за сексуалноста и половиот морал што ги носи тоа население, уште повеќе што тоа беше многу згодно за тоталитарната власт.

Молчењето за сексуалните прашања продолжи до крајот на педесеттите години. Потоа, тивко и страмежливо, започна да се зборува и да се пишува за половите прашања, но со страв да не се каже нешто повеќе за да не се нарушат општествената учтивост и партиските догми и доктрини.

По 1989 година се доживува бурен, дури и мошне задоцнет „сексуален бран” што го задоволува љубопитството на одредени кругови. Сé уште отсуствува општоприфатливо гледиште за улогата и значењето на полот и половите заемни однесувања, како за одделни личности, така и за општеството како целина, за нивното место во нашиот социјален, културен, просветно-воспитен, трудово-производствен и општествено-политички живот. Сé уште мошне борбено се заштитува некаква маглива наша „традиционална моралност“, што се претставува како „модерна”, а всушност е обременета со одамна одживеани морални погледи и принципи. Несомнено, сето тоа ќе биде совладано. Нашите млади поколенија ќе се научат кон многу непринудени, слободни, отворени и природни, но заедно со тоа и поразумни, убави и одговорни полови однесувања и поведение. Меѓутоа, јасно е дека погледите и навиките наслоени низ вековите не можат да се заборават за неколку години.

Современа сексуална револуција

Она што се случува кај нас е дел од глобалната промена во моралните погледи на модерниот човек. Основните преобразувања во целиот живот на луѓето природно водат до промени во половите заемни однесувања и половиот морал.

Современите поколенија брзо и неповратно се ослободуваат од предрасуди. Тие сé повеќе примаат едно ново, модерно, рационално, отворено и соодветно со природните и социјалните потреби на човекот разбирање за половото поведение. Не сексуалните ексцеси („сексуален бран”) на некои средини, ниту „сексуалната револуција” на западните теоретичари од шеесетите години, туку новата промена во односот кон половиот живот и половите заемни однесувања е смислата и содржината на современата сексуална револуција. Таа е дел од погледите кон светот, идеолошка револуција на нашата епоха.

Од друга страна, давањето на полна полова слобода, за неограничување од ништо, потчинети единствено на инстинктите и отфрлувањето на секакви морални и правни општествени регулирања на половото поведение во принцип е невозможно.

Современата сексуална револуција не е појавена и развиена во нашиот век. Промените во погледите во половиот живот, во половиот морал и спротивставувањето на религиозните догми, започнува уште во епохата на Романтизмот со социјал-утопистите: Томас Мор, Томазо Кампанела, Шар Фурие итн. Современата сексуална револуција не е случајна и ненадејна, туку природна појава, резултат од прогресивниот развој на човечката култура и морал. Затоа кај современата наука, културата и моралот не е возможно повеќе да се заштитувааат традициите од минатото. Додека пред 50 или 100 години тогашниот религиозен учител или лекар успешно и убедително воспитувал за полово воздржување со заплашување со грев на половата врска, потпирајќи се на авторитетот на општоприфатливата религиозна доктрина, со право во кое сам бил убеден, како и со непотполноста на научното сознание, тоа сега е невозможно.

Полов живот – што да очекуваме во иднина?

Тешко е да се прават прогнози за идниот развој на толку сложена биолошка, психичка и социјална појава како што е половиот живот и половите заемни односи, но, многу веројатно, развојот ќе се постигне.

1. Преовладување на сознанието и изградување на еден модерен однос кон половиот живот, каде што повеќе нема да се спротивставува духовното на телесното, љубовта на сексуалноста, а тие ќе се сфатат како единствени и неделиви делови начовекот и човековото битие. Зашто нема и не може да има човечка полова љубов без еротика (очовечена сексуалност) и без љубов.

2. Воспоставување на полна и апсолутна рамноправност меѓу двата пола (еквијархат) со зачувување и на понатамошен развој на специфичните разлики меѓу мажот и жената како нивни суштински карактеристики. Рамноправноста ќе биде правна основа на бракот, а лидерството во него – во зависност од личните способности и талентот на сопружниците.

3. Основните извори на задоволствата, задоволувањето на човекот, изворите на радоста и среќата во неговиот живот ќе се бараат и ќе се наоѓаат, пред сé, во двете човечки дејности: творештвото во трудот и љубовта во половите заемни односи, без едното да се потценува за сметка на другото. Притоа половото општење ќе е толку пожелно и задоволително колку што ќе е поискрено, силно и мотивирано со длабоки чувства.

4. Постепеното ослободување на семејството од неговите неспецифични функции и претворање во институција за телесна и духовна репродукција на човекот. Бракот како административен акт, веројатно, ќе опадне, а моралната основа на семејството ќе биде бескорисна љубов, ослободена од сите сопственички чувства и стремеж за надоместок.

5. Ослободување на половиот живот од фаталноста на репродуктивната негова функција, што ќе биде свесно исползувана и сигурно регулирана преку средствата за семејно планирање, кога раѓањето на децата ќе биде сообразно со желбите и можностите на родителите и на потребите на општеството. Тука од значење ќе биде кооперирањето на општеството и семејството за одгледувањето и воспитувањето на поколението, па не само родителите, туку и општеството ќе биде инвеститор.

6. Претворањето на начинот на остварувањето на половото општење во исклучително лично прашање на двојката, која нема да подлежи на општествена контрола, правилници и санкционирање. Регулирачки фактор ќе биде разбирањето и почитувањето, личните вкусови и навики, сопствената свест и чувство за должност и одговорност, за чест и достоинство, за убавина и благородство на двата партнера.

Половата просвета е исклучително важна

Половата дејност, како секоја друга важна, одговорна и општествено значајна дејност, подлегнува на регулирање од општеството. Кога се зборува против традицијата, тоа не значи дека сосема треба да се исфрли. Во своето вековно искуство човештвото натрупало многу човечки вредности што никогаш нема да го загубат своето значење. Тие треба да се сочуваат и да се развиваат. Но, неважечките и антихуманите заблуди треба радикално да се отстранат. Општествената регулација на една толкава деликатна област не може да се поврзе преку административни забрани и правилници. Тука е основна високата, масовната, научно-образовната полова просвета и брачно-семејна култура.

Моралот на едно општество се мери со тоа колку долгот и одговорноста се претвориле од надворешна принуда во внатрешна убеденост и свесни потреби на личноста.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 18.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил