Доктори.мк | Пиењето кафе - омилениот ритуал на Македонците | pienjeto-kafe---omileniot-ritual-na-makedoncite | Портал за медицина и здравје

Пиењето кафе - омилениот ритуал на Македонците

м-р Ана Танаскоска
креативен соработник

Ритуалот на пиење кафе дома, на работа, со пријатели, колеги, познаници.... е секојдневна навика  која се практикува на секоја педа од оваа земја. И тоа пиење и муабетење по можност со часови. (-:

За Македонија нема официјална бројка за годишната потрошувачка на кафе, а доколку има, цифрите не би не изненадиле бидејќи оваа нација дише за да испие барем едно кафе во текот на денот во некој од локалите што секако излегуваат во пресрет на суфицитарната кофеинска побарувачка треска.

Овој ритуал е здрава навика бидејќи покрај тоа што приготвувањето кафе одмора,  уникатниот мирис ги остри сетилата. Пиењето од омилената шолја (поради бојата која ја обожавате, или шолја подарок од некој кој ви значи, било бидејќи сте ја добиле гратис со конзервата кафе) расположува и стимулира, дава физички поттик, прави да се чувствувате спремни за дневните предизвици, ја ‘’убива’’сонливоста  и носи и здравствени придобивки со секоја испиена кафена капка.

Кафето е богато со антиоксиданси, а содржи малку калории. Секако, доколку не претерувате со засладувач, шлаг и чоколаден прелив.

 

Од досегашните 18.000 спроведени студии за кафето, дедуциравме:

Умереното пиење кафе (1-3 шолји кафе дневно) ја намалува стапката од настанувањето мозочен удар. Тоа се должи на антиоксидансите кои ги содржи кафето, а кои ги има во поголеми количини отколку пр. во порција боровинки. Антиоксидансите ги намалуваат штетните ефекти од воспаление на артериите. Воедно го редуцираат ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.

Кафето го чува здравјето на црниот дроб и ги инхибира клетките заболени од рак. Ја намалува инциденцата од појава на цироза и др. болести на црниот дроб, односно може да го намали ризикот од појава рак на црниот дроб дури за 43%.

Кафето ја  изострува меморијата. Направените мемориски тестови спроведени како дел од една студија од 2007 г., биле со подобар резултат кај оние кои го консумирале овој пијалок повеќе од три пати дневно, за разлика од оние кои ретко пиеле или не пиеле. Кофеинот во случајов се покажал како корисен по здравјето на луѓето. Студиите покажуваат дека кафето го намалува ризикот од деменција, односно штити од болести на мозокот како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.

Истражувањата покажуваат дека кафето (регуларното и бескофеинското) го намалува ризикот од појава на камен во жолчка и камен во бубрези. Оваа констатација била поткрепена со фактот дека кофеинот го намалува создавањето на истите, односно го забрзува излачувањето урина, предизвикува контракции во жолчното ќесе и го зголемува протокот на жолчката.

Не ја прескокнувајте вашата дневна доза кофеин на која сте навикнале (но и не претерувајте). 200 mg кофеин обезбедува осолободување од главоболки, вклучително и мигрена. Најверојатно ова се должи на фактот дека кофеинот ја зголемува активноста на мозочните клетки.

 

Кафето помага во регулирање на нивото на шеќер во крвтa. Луѓето кои редовно консумираат кафе имаат помал ризик од развој на дијабетес тип 2 бидејќи кофеинот ја зголемува чувствителноста на клетките на инсулин.

Во алтернативната медицина се препорачува консумирањето кафе во случај на запек бидејќи кофеинот делува како диуретик и ја подобрува функцијата на дебелото црево. Консумирањето кафе во умерени количини  не дејствува како диуретик, не доведува до дехидратација ниту до електолитен дисбаланс.

Жените кои се редовни консументи на кафе, имаат за 15% помали шанси да страдаат од депресија во споредба со оние кои не практикуваат редовно пиење кафе.

I never laugh until I’ve had my coffee. – C. Gable

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

најчитани статии од авторот>>>

www.doktori.mk, 15.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана