Доктори.мк | Балансирани диети | balansirani-dieti | Портал за медицина и здравје

Балансирани диети

психолог
Центар за применета психологија "Зорба Консалтинг" - Скопје
Рубрика: Диети

Балансираните диети, како што кажува самото име, се диети кои содржат нутритивен материјал кој му овозможува на организмот да постигне рамнотежа т.е. баланс (хомеостаза). Кај овие диети соодносот на протеините, јагленохидратите и мастите е направен така што ги задоволува нутритивните потребни на организмот, ја поттикнува елиминацијата на вишоците и ги компензира недостатоците на хранливи материи, минерали и витамини. Балансирана диета е онаа која го подобрува здравјето, изгледот и општото расположение на човекот кој што ја држи.

Разлика меѓу балансираните и небалансираните диети

Разликата меѓу балансираните диети и оние другите, небалансираните, е во тоа што стратегијата на вториве главно се сведува на намалување на калорискиот внес и тоа обично за 500 до 1000 калории дневно. Еден килограм поткожно масно ткиво, содржи околу 3.500 калории, па логиката на небалансираните диети се состои во тоа дека, ако постојано се намалува калорискиот внес, ќе се намалуваат и килограмите. На пример, ако седум дена се внесуваат по 500 калории помалку, теоретски би требало да ослабеме пет килограми, ако се внесуваат по 1000 калории помалку – 10 килограми итн. Ова изгледа многу добро, па лаиците кои препорачуваат диети ги прават истите со таа „математика“.

Меѓутоа, праксата покажува дека тоа не функционира така. Зошто? Истражувањата покажале дека кога храната ќе биде внесена во организмот, има многу фактори кои треба да се земат предвид кога се предвидува дали тие ќе се претворат во масно ткиво, во енергија или пак ќе бидат исфрлени без да се употребат. Едно од нив покажало дека спортистите, кои за време на експериментот внесувале малку понизок процент калории од вообичаениот, имале многу помал процент на масно ткиво од оние спортисти кои внесувале многу понизок процент калории од вообичаениот. Тоа значи дека ефикасните диети препорачуваат систематско намалување и зголемување на калорискиот внес на подолг временски период. Само така диеталецот ќе може долгорочно да се ослободува од несаканите масни наслаги.

Адаптација на гладта

Објаснувањето на ефикасните диети лежи во она што во науката се нарекува адаптација на гладта. Адаптацијата на гладта претставува способност на организмот да ја забави стапката на метаболизмот за да си обезбеди долгорочна снабденост со енергија. Токму затоа диетите со гладување даваат краткорочни ефекти, т.е. за подолго време тие не делуваат. Се смета дека жените кои сакаат да ослабат, доволно е да внесуваат по околу 300 калории помалку во текот на еден ден, а мажите по 400. Со ваквото умерено намалување на калорискиот внес, може да се одржи релативно висока стапка на метаболизмот во текот на подолг временски период. Освен тоа, со вакво умерено намалување на калорискот внес, се избегнува најчестиот камен на сопнување од психолошка природа – го нема гладувањето, несоницата, мечтаењето по храна, вртоглавиците и дополнително демотивирачкиот и депримирачки јо-јо ефект.

Сепак, вистински балансираната диета не може да се состои само од тоа што ќе намалите 300 или 400 калории дневно. Многу е важно и кога ќе јадете, преку каква храна ќе ги внесете калориите и колку брзо ќе ги трошите. Затоа, најдобро е да се потрудите да добиете индивидуална диета која ќе биде изработена според вашите дневни потреби, но и според вашиот вкус, стил на живот и сл.

Основни правила за регулирање на телесната тежина

Постојат неколку основни правила кон кои е добро да се придржувате ако сакате да ја регулирате вашата телесна тежина.

Прво, не изгладнувајте се! Да се биде постојано гладен е мачно, па повеќето диеталци редовно ги „прекршуваат“ диетите затоа што не можат да издржат постојано да бидат гладни или едноставно не знаат како да се воздржат кога ќе им биде понудено нешто многу вкусно. Затоа и нискокалоричните диети траат кратко и завршуваат со чести прејадувања или откажувања. Тоа не само што доведува до нарушувања на работата на органите за варење и недостиг на одредени материи потребни за оптимално функционирање на метаболизмот, туку и до намалување на чувството на самоефикасност па дури и до депресија.

Намалете го внесот на масти. Ова важи и за оние кои сакаат да ослабат само со диета, но особено за оние кои сакаат да ослабат само со вежбање (најчесто мажите). Ако вежбате во теретана, па дури и ако вежбате аеробик или пилатес, а не водите сметка колку масти внсувате, најверојатно телесната тежина ќе се зголеми. Тоа е затоа што со вежбањето се трошат калории и потоа луѓето имаат поголем апетит. Од друга страна организмот бара повеќе храна за изградба на мускулно ткиво кое учествува во вежбањето.

Вежбајте додека држите диета. Ова е важно затоа што ако само држите диета без да вежбате, заедно со мастите ќе ги губите и мускулите, а тоа не е вашата цел. Запомнете, колку повеќе мускули, толку побрз метаболизам, т.е. елиминација на мастите. За да ги зачувате мускулите при држењето диета за слабеење, внесувајте доволно протеини, а внесот на масти ограничете го на маслиново масло и други нерафинирани масла.

Внесувајте сложени јагленохидрати. Јагленохидратите се потребни затоа што од нив се добива енергијата за функционирање на организмот. Сложени јагленохидрати се оние кои бавно ја ослободуваат енергијата во организмот. Тоа значи дека на подолг временски период обезбедуваат нормално ниво на шеќер во крвта, т.е. чувство на ситост. За разлика од нив, простите јагленохидрати со кои изобилуваат слатките, производите од бело брашно и сл. брзо го креваат нивото на шеќер во крвта, но тоа за кусо време опаѓа и човекот пак е гладен. Освен тоа, во храната која содржи сложени јагленохидрати вообичаено има и доволно влакнести материи кои го забрзуваат варењето на храната, т.е. метаболизмот.

Никогаш не прескокнувајте го појадокот. Појадувајте најдоцна до 10.00 часот наутро и најадете се добро. Тоа ќе ви обезбеди долготрајно чувство на ситост во текот на целиот ден, но и добро расположение и енергизираност за извршување на секојдневните активности.

И на крајот, запомнете дека добрата диета не е нешто што треба да трае две-три недели или месеци, туку тоа е стил на исхрана која треба да се вклопи во вашиот стил на живот и да стане составен дел од него.

 

Во следната статија од рубриката Диети –прочитајте за

-Диетите во детската возраст-

 

повеќе за авторот >>>

 -авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 14.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана