Дијабетесот на долги патеки - фронтови на кои ја губиме битката

студент по медицина

Пред многу години кога научниците се трудеа да си ги објаснат начините на кои настанува дијабетесот, метаболните промени кои се клучни настани кај болеста како и тоа како да се справат со болеста и нејзините компликации не можевме ни да претпoставиме дека наскоро ќе се соочиме со вистинска епидемија на дијабетес.

 Нема да погрешиме ако кажеме дека 21 век меѓу другото е ера во која се повеќе ни станува јасно дека дијабетесот е во подем и дека навистина се соочуваме со епидемија која според епидемиолошките студии и прогнози нема намера да стивне. Напротив - проекциите за заболени од дијабет до 2020 се далеку поголеми од онаа бројка со која се соочуваме денес. Се смета дека до 2020 дури половина од американците ќе се соочат со дијабетесот, податок кој е навистина фрапантен.

Изминатите години донесоа многу сознанија за тоа како настанува дијабетот, кои се клучните проблеми во текот на заболувањето и клиничките аспекти на целата приказна. Исто така не помалку важни денес постојат и специјални програми и едукациони центри ширум светот кои се обидуваат да го едуцираат населението, да ги охрабрат болните и се разбира да ги спрелат компликациите кои со себе ги носи дијабетесот.

 

Дијабетесот е заболување на метаболизмот

Дијабетесот е заболување на метаболизмот. Само ќе се залажуваме ако се убедуваме дека кај дијабетесот е пореметено само нивото на глукозата во крвта и дека смао тоа треба да ни биде таргет во лекувањето. Всушност поради намаленото или отсутно лачење на инсулин од страна на бета клетките на панкреасот (кај дијабетес тип 1) и субнормалното лачење на инсулин меѓутоа и неосетливоста на ткивата на излачениот инсулин кај заболените од дијабетес тип 2 се основните причини за да настане хипергликемијата односно зголемената концентрација на глукоза во крвта. Во нормални ситуации инсулинот е кавалерот кој и ја отвора вратата на глукозата за таа да навлезе во клетката и да биде искористена за добивање енергија. Но абнормалната секреција на инсулин носи и пореметување во метаболизмот на мастите така што речиси редовно дијабетичарите имаат хиперлипидемија (зголемување на концентрацијата на мастите) односно зголемување на хоелстеролот пред се ЛДЛ (оној “лошиот”) и зголемување на триглицеридите кои се првата алка во синџирот на оштетувањето на крвните садови.Помалку е засегнат протеинскиот метаболизам.Но секако овие базични пореметувања на метаболизмот доведуваат до сериозна предиспозиција односно склоност за оштетувања на крвните садови, од најмали па се до најголеми.

 

Фронтови на кои дијабетесот ја добива битката

Оштетувањето на крвните садови и прераната појава на атеросклеротични промени кои го стеснуваат луменот на крвниот сад како и стимулацијата на клеточна пролиферација и задебелување на самиот ѕид на крвниот сад доведуваат до најсериозните компликации по долгогодишно живеење со дијабетес.Така промените на ниво на малите крвни садови се одразуваат со сериозни и неповратни оштетувања на бубрезите, срцето, окото, нервите и екстремитетите.Всушност оштетувањата на микроциркулацијата е основен причинител за лош крвен проток во органите и се разбира како резултат на тоа и нивна лоша функција, па оттука велам тоа се фронтовите на кои дијабетесот тивко, полека но сигурно ја добива битката...

 

Фронт: Бубрези

Далеку најчесто страдаат бубрезите и тоа се очекува кај секој пациент кој боледува од дијабетес веќе 10 години.Може да се најде лесна или средно изразена влошена бубрежна функција која кај пациентите ќе може да ја детектираме со појава на протеини во урината или таканаречената микроалбуминурија односно протеинурија.Протеинуријата откриена кај дијабетичар е сериозен показател дека бубрезите страдаат. Нелекуваните, недијагностицираните или пак оние кои не се придржуваат кон режимите на терапија завршуваат како лица со хронична бубрежна инсуфициенција (слабост) и се разбира редовно стануваат кандидати за хроничен хемодијалзиен програм.Затоа редовниот рутински контролен преглед на урината кај пациентите со дијабет е начинот на кој ќе ги држиме под лупа бубрезите.

 

Фронт: Очи

Не поретко и не помалку значајни се и пормените што се случуваат во окото. Пациентите со дијабет може да имаат различни симптоми односно потешкотии со видот, нејасно гледање, неможност да се гледа со една половина од окото па се до тотално слепило како резултат на промените во микроциркулацијата односно промените во крвната мрежа на ретината односно на очниот нерв.

Диајбетичарите заболуваат и од катаракта, но и од глауком (зголемен интраокуларен притисок) и сето ова се доволно сериозни состојби кои ја прават шеќерната боелст една од водечките причини за слепило во светот. За нештата да не отидат предалеку се препорачува редовен офталмолошки преглед и следење на упатставата од страна на офталмологот и ендокринологот.

 

Фронт: Срце и крвните садови

Бидејќи со промени се зафатени речиси сите крвни садови срцето е уште едно од фронтовите каде многу често ја губиме битката. Несомнено е јасно дека шеќерната болест претставуа ризик фактор за јавување на коронарна исхемиска болест односно за јавување на миокарден инфаркт. Но страдаат и периферните крвни садови па така се јавуваат трофички промени на кожата на горните и почесто на долните екстремитети.

 

Фронт: Екстремитети

Се јавува студенило, намалена влакнавост, кршливост и промена на ноктите, бледило и намалено потење како и тешко осетлив пулс на екстремитетите и се разбира во крајниот стадиум се јавуваат и гангренозни промени кои се апсолутна индикација за ампутација на екстремитетот која не претставува само физичка туку повеќе психичка траума за секој човек.

 

Фронт: Нерви

Промените на ниво на нервите се исто така забележани па позната е таканаречената дијабетична невропатија која може да се манифестира со променет сензибилитет на кожата, промена во варењето на храната и нејзиниот транзит низ дигестивниот систем како резултат на нарушување на нервните структури итн.

 

Дијабетесот e сериозен непријател

Сите овие компликации кои на долги стази ги прави дијабетесот сериозно го загрозуваат животот на човекот и не само што го зголемуваат морталитетот и го скратуваат животниот век туку и се причини за намалување на квалитетот на животот на луѓето и во периодот додека тие се соочуваат со својата болест. Тому затоа треба да се трудиме да ја зголемиме свеста дека овие компликации иако не може комплетно да се запрат тие секако дека може да се минимизираат или барем одложат.

 

Како да си помогнеме?

За да можеме да ги одложиме или намалиме потребно е правилно да ја лекуваме болеста, а пациентите редовно да прават рутински контроли на гликемијата со глукометар во домашни услови или пак кај својот матичен лекар, редовно да ја земаат својата терапија и она на што се повеќе му се придодава значење е начинот и стилот на живот односно промена на животните навики.

Дека промената на животните навики и секојдневието влијае на болеста потврда добиваме од една американска студија во која луѓето кои како група на испитаници биле ставени на едногодишен режим на исхрана која е сиромашна со јаглехидрати и масти и секојдневен режим на блага физичка активност, а притоа конзумацијата на храна била намалена и количински покажува дека битно се намалила телесната тежина за околу 8,6% од почетната но со тоа и нивото на глукозата, и компликациите од болеста.

 

Заедно сме посилни

Овие охрабрувачки податоци треба да бидат причина повеќе пациентите кои боледуваат од дијабет и понатаму да продолжат да се борат со болеста затоа што битно можат да ги минимизираат ефектите од нејзиното постоење и покрај фактот дека дијабетесот на долги патеки е непобедлив. Како здравствени лица наше е да делуваме едукативно, превентивно и куративно и секако пациентите во нас да гледаат сериозна поддршка, но пациентот е тој кој има потреба од промена на животните навики додека неуморно и секојдневно ја води битката со дијабетесот.

 

повеќе за авторот >>>

aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 13.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина