Доктори.мк | Натриум хлорид или кујнска сол – употреба во и надвор од кујната | natrium-hlorid-ili-kujnska-sol-upotreba-vo-i-nadvor-od-kujnata | Портал за медицина и здравје

Натриум хлорид или кујнска сол – употреба во и надвор од кујната

магистер по фармација

Вообичаена фраза во многу емисии за готвење е „за вкус додаваме малку сол”, но всушност додаваме повеќе сол отколку што е потребно. Точно е дека секој човек има различно „наштимани” вкусни папили, но се факт е дека се додава многу повеќе сол отколку што навистина треба.

Натриум хлорид (NaCl) или обична сол е јонски кристал кој содржи еднаков број на натриумови и хлоридни атоми и е есенцијална компонента во човековата исхрана, содржејќи се во крвта, потта и солзите.

Солта била употребувана како конзерванс уште од античките времиња. Прв пат била пронајдена во Кина 6000 г.п.н.е. Трговците од Египет почнале да ја продаваат солта на Феничаните 2800 г.п.н.е. Египјаните ја користеле во нивните обреди при погреб. Некои извори откриваат интересен факт дека во античките времиња на војниците им плаќале со сол. Оттука доаѓа англискиот збор за „плата” (salt → salary). Зборот „салата” исто така доаѓа од зборот „сол” и таа почнала да се користи кога Римјаните почнале да го посолуваат нивниот зеленчук. Без сомнеж историјата на солта е широко распространета и единствена, оставајќи неизбришлив белег во културите насекаде низ светот.

Повеќето ја знаат само најчестата употреба на натриум хлорид и тоа при подготовка на храната за подобрување на вкусот. Но, освен тоа, има и неколку други употреби.

Медицинска употреба на солта

  • Таблети од натриум хлорид – Најголемата медицинска употреба на натриум хлорид е правењето на натриум хлоридни таблети. Понекогаш има намалено ниво на натриум во нашето тело поради дехидратација или прекумерно потење. Во овие случаи се препишуваат таблетите.
  • Интравенски натриум хлорид – Познато е дека натриум хлоридот доведува до зголемување на крвниот притисок и затоа се користи како третман за луѓе со низок крвен притисок. Ниските нивоа на сол во крвта мора да се третираат за да се избегнат понатамошните влошувања на состојбата.
  • Натриум хлорид инјекции – Се користат како извор на соли и електролити. Интравенскиот натриум хлорид е повеќе користен од инјекциите.
  • Масти за очи – Во одредени случаи, растворот на натриум хлорид се користи за лекување на оток на рожницата во окото.

Употреба на солта во кујната и при чистењето

  • Средство за чистење – Била користена како средство за чистење многу долго време. Во античките времиња, ја користеле при чистење во домаќинството, едноставно поминувајќи со неа преку површините. Исто така, таа е и состојка на сапуни, детергенти и шампони.
  • Конзерванс – Уште од античките времиња солта била користена како конзерванс. Иако денес многу конзерванси ни се достапни, солта е се уште најшироко употребувана. Таа е се користи при конзервирање на сирење, млечни продукти, месо, кисели краставички и сосови.
  • Лупењето на јајцата ќе биде полесно ако јајцата се варат во солена вода.
  • Тестирање на свежината на јајцето – Поставете го јајцето во чаша со вода во која има две кафени лажички сол. Свежите јајца ќе потонат а сомничавите ќе пловат.
  • Го превенира темнеењето на некои плодови – Кога излупените јаболка, круши или компири се ставаат во ладна, малку солена вода ја задржуваат својата боја.
  • Миење на спанаќ – Доколку спанаќот се мие со солена вода, повторното миење и чистење не е потребно.
  • Го превенира зашеќерувањето – Малку сол додадена на глазурата на тортите или на слаткото ќе превенира зашеќерување.
  • Посолувањето на салатите веднаш, пред да бидат сервирани, им ја задржува нивната свежина и крцкавост.
  • Чистење на масни тави – Масните тави полесно ќе се измијат доколку се додаде сол и се избришат со хартија.
  • Триењето со сол на чашите и шолјите помага во отстранување на дамките од кафе или чај.
  • Смеса од сол и цимет го отстранува мирисот на изгорена храна.
  • Многу малку сол го подобрува вкусот и ја отстранува горчливоста на „преварено” кафе.
  • Триење на прстите со сол натопена во оцет помага во отстранување на мирисот од кромид.
  • За да се спречи развивање на мувла на сирењето, потребно е да се замота во крпа натопена со солена вода пред да се стави во ладилник.
  • Додавање малку сол на млекото ќе ја одржи неговата свежина.
  • Отстранување на дамки од вино – Доколку ви се истури вино на покривката од масата или ќилимот потребно е веднаш да се избрише и дамката да се покрие со сол која ќе го абсорбира виното.
  • Продолжување на животот на сунѓерот преку негово потопување во ладна, солена вода.
  • Отстранување на дамки крв – Извалканата облека или крпа се потопува во ладна, солена вода.
  • Попрскување на малку сол на платното од чевлите повремено ќе ја впие влагата и ќе го отстрани лошиот мирис.
  • Топење на мраз – Солта има својство да ја зголеми точката на топење на мразот. Затоа, се истура на патиштата за брзо топење на мразот.

Употреба за подобрување на некои полесни здравствени состојби и во третмани за убавина

  • Гаргара – Измешајте половина лажичка сол во чаша топла вода за употреба како гаргара за болно грло.
  • Чистење заби – Измешајте еден дел сол и два дела сода бикарбона откако ќе ја иситните солта во блендер. Ги побелува забите, помага во отстранувањето на дамките и е здраво за непцата.
  • Плакнење на устата – Мешање на еднакви делови на сол и сода бикарбона како раствор за плакнење на уста и подобрување на здивот.
  • Плакнење на очите – Половина лажичка сол во две чаши (пола литар) вода се користи како раствор за плакнење на очи.
  • Компреси натопени во смеса од една кафена лажичка сол во две чаши (пола литар) топла вода помагаат во намалување на отокот на очите.
  • Држење на нозете во топла вода одредено време, во која има една полна рака сол помага во ослободување од уморот и болката на нозете.
  • При убод од пчела, ако местото веднаш се навлажни и покрие со сол ќе нема болка. Истото важи и за убоди од комарци.
  • Отстранување на сува кожа - По капењето на се уште влажната кожа се прави масажа со сува сол. Со тоа се отстранува мртвата кожа и помага во циркулацијата.
  • Солта содржи јод кој е неопходен за синтеза на хормоните во тироидната жлезда на човечкото тело.
  • Помага во одржување на нивото на шеќер во крвта.

 

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот>>>

www.doktori.mk, 07.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости