Кој се плаши од порнографијата?

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Западот го имитираме во сé, па сигурно нема да не заобиколи ниту гледањето на порно-филмови во клубови со додаток на звучни ефекти во сцените. Дали треба да ја игнорираме порнографијата и пред неа да ги затвориме очите или треба да се плашиме од инвазијата на таквата содржина?

Модната новатерија порнооки што последно време е присутна во светските клубови брзо доаѓа и кај нас. Се работи за сихронизација на порно-филм, односно се додаваат гласовни ефекти на позадината на сцената што се прикажува на голем екран. Прашање на ден e кога тоа ќе стане составен инвентар на нашите клубови. Изгледа дека засега никого не го интересира дали такавата забава е штетна за психичкиот, емотивниот и сексуалниот живот на публиката. Можеби затоа што без сексот не би постоеле ниту ние или затоа што порнографијата е најстар занает на светот.

Што е порнографија?

Зборот порнографија е составен од зборовите „порне“ – жена што има сексуални контакти со различни мажи и „графо“ – пишува. Во стара Грција порнографи биле луѓе што ги разубавувале тие жени. Подоцна поимот ја добил сегашната содржина. Во речниците порнографијата се одредува како: „развратна уметност што на неуметнички начин ја возбудува сексуалноста”; „литература со непристојна, неморална содржина”; „пишување на гнасни работи”; „литература, цртежи, снимки, филмови со кои се стреми да се надразне половиот нагон”; „сексуални мотиви предадени на вулгарен начин”; „блудно пишување, блудопис, гнасна литература” и др.

Порнографијата е „неоправдано и самоцелно покажување на сексуалното, без драмско образложување”, како „евтино скокоткање на примитивните желби со комерцијална цел”. Тука сексуалното и еротичното се поставени во посебно дискриминирана положба. Неоправдано и самоцелно, со комерцијална цел, се покажуваат различни „пикантни особености” без тие да се казнуваат.

Порнографијата не е природна!

Всушност, тука сосема неправилно на едно кривично-правно однесување му се дава природна карактеристика и оценка. Порнографијата не е природна и правна појава, туку кривично дело и така треба да се третира. За „порнографијата“ се зборува во сите европски законодавства, но никогаш не била точно дефинирана. За да биде порнографијата престап, таа треба да оштетува лично или општествено богатство. Според некои автори, порнографијата е опасна зашто може да стимулира полови ексцеси. Порнографските дејствија грубо ги навредуваат моралните чувства и создаваат, посебно кај младите, развратна и цинична претстава за интимните односи меѓу половите. За канонското (црковно) право предизвикувањето на половата желба е грев и престап, но штом се зема дека половиот живот е нормална и важна социјална појава за личноста и за општеството, стимулирањето на една таква дејност, активирањето на една природна мотивација не може да се смета за престап. Тоа е како некој да го стимулира и да го предизвикува инстинктот за храна.

Без сомнение, некои сметаат дека порнографијата во современата смисла е рожба на западната христијанска култура каде што полот е под забрана. Сексуалното и еротичното се забранува, не зашто се повредени некои општествени вредности, туку зашто е недозволено за христијанскиот морал. Во исто време, секојдневно во кината, на телевизијата и во масовните медиуми, ги преплавуваат гледачите и читателите со ужасни убиства и жестокости без да биде тоа забранувано. Пред 400 години Мишел де Монтен напишал: „За да се уништи човекот, се бара широко светло поле; за да се создаде, се кријат во темни и тесни катчиња. Се смета за должност да се криеш кога го создаваш, а кога го уништуваш – тоа е слава и раѓање на многу добродатели. Едното е срам, другото – чест.”

Порнографијата поттикнува насилно однесување

Поврзувањето на сексот со насилството забележително дејствува на растот на агресивноста кон жената. Во случаите каде што се поттикнува престапна полова дејност, извршувањето на половиот престап, на половото насилство, нарушувањето на половата слобода и неприкосновеноста на личноста – само таквата стимулација на половата дејност треба да биде призната за престап. Тие треба да бидат забранети и казнувани според законот.

Порнографијата се дефинира како претстава на полот, на половата појава и заемните односи преку збор, слика или сцена, што поттикнува кон престапно полово поведение, кон дејствија што се оквалификувани од законот за полов престап. Суштината не е половата содржина на дејствието, туку поттикнувањето, потстрекувањето кон престапно полово поведение, подбуцнувањето за полов престап.

Сите останати случаи во кои се третира еротичен или сексуален мотив, не се и не можат да бидат престап. Тие или се производ на уметноста – уметничка еротика или се еротографија. Со лошата, груба, цинична и неморална еротографија треба да се води борба, не со силата на законот - туку со зголемувањето на моралната и на природната нетрпеливост и имунитет кон слично творештво.

Порнографијата секогаш добро минува во јавноста

Порнографијата во јавноста секогаш добро поминува. Затоа е и многу тешко да се отстрани од прометот. Ако се истисне од јавниот промет, таа ќе се јави во илегална трговија. Најчести потрошувачи на порнографски слики и написи се мажи во средна годишна возраст. Порано се сметаше дека со порнографија се занимавале исклучиво мажите. Но, поновите сексолошки испитувања укажуваат дека и многу жени се заинтересирани за порнографски содржини. Порано жените ја потиснувале својата половост и го кочеле исполнувањето на сексуалните интересирања. Затоа со порнографијата не се занимавале, иако често тоа тајно го правеле. Паралелно со ослободувањето на женската половост од оковите на патријархалниот менталитет, многу жени отворено го покажуваат својот интерес кон порнографијата.

Во законите во кои под „порнографија” се подразбира и еротографија има нешто парадоксално: „може да се претстави полово општење, но да го нема самиот акт, да нема полови органи во дејство”. Но, тоа е лицемерие. Тие, како и оние што ги издаваат забраните, ако не се болни, имаат полови органи и прават однос. Или, да го правиш е добро, насладно, но да го гледаш, дури и на екран, е лошо, развратно! А, кој и со какво право може да си ја присвојува власта и да ги учи другите и да налага своја претстава за добро и лошо, да презема санкции. Со какво право една група, без да се знае дали е мнозинство, може да налага свои гледишта и разбирања на останатите? Не може да има сомнение за гледиштата, за разбирањата и за субјективизмот во проценката што е „гнасно”, „вулгарно”, „грубо морално чувство”, „развратна и цинична претстава”.

Обично мажите и жените што влегле во четириесеттата и чиј помладок зачекорил во пубертет, сакаат да внесат ред во третирањето на порнографијата. Во тоа им помагаат научниците, психолозите, психијатрите, педагозите и сексолозите кои сé погласно го поставуваат прашањето дали порнографијата во јавноста е штетна и колку е штетна. Германскиот психијатар Гунир Шмит за порнографијата, која длабоко влегла во порите на општеството, смета дека не чини престрого да се суди, но не треба ниту да се брани. Битен е стилот на порнографската содржина. Агресивните филмови што денеска се најчести можат да предизвикат насилно однесување најчесто кон жената, па дури да предизвикаат и силување. Спротивно од тоа, еротските филмови со весел стил можат да ја отстранат агресивноста или барем не ја предизвикуваат. Очигледно, во сексуалното однесување сепак постои одредена зависност меѓу порногафијата и раздразнетоста, бесот и агресивноста. Еден англиски сексолог заклучува: „Сексуалната стимулација со голем интензитет може да ја зголеми агресијата, додека таа со мал интензитет ја намалува.“

ПЕТ ПРАВИЛА!

Иако е темата жешка, за дејството на порнографијата на децата и пубертетлиите малку има испитувања. Таа е се уште табу тема во многуте семејства и во многу училишта. Можеби тоа е така затоа што никој не сака погрешно да ја толкува таквата деликатна содржина или пак возрасните не сакаат пред децата да влезат во непријата состојба. Сепак родителите мораат да ја одиграт таа улога најдобро што можат. За тоа ќе им користат следните сознанија:

1. Забранетото овошје е најслатко. Сé што не е забрането не привлекува ниту половина внимание како што е тоа што е под ембарго или е прогласено за забрането.

2. Никогаш не е рано со детето да се започне разговор за сексот. Важно е разговорот да се води постапно, во етапи зависно од возраста на детето. Познатиот детски психијатар Рајнбрет Шталмен истакнува: „Децата трпат многу поголема штета од прераното сексуално кочење, отколку од прераното упатување во најважните податоци за половиот живот”.

3. Сексот е нормална и природна појава. Затоа пред љубопитното дете не треба да се вознемирувате. Оскар Вајлд напишал: „И најобичната работа, штом се обидуваме да ја скриеме или да ја забраниме, станува забранет плод и со самото тоа волшебна”. Германскиот сексолог Фолкман Зигуш таквото тврдење го дополнал: „Секоја, па и најнеобичната работа станува банална штом престанеме да ја криеме”.

4. Не треба да се измислува и да се лаже, туку треба да се држите на фактите. Приказната за штркот кој ги носи децата предизвикува повеќе штета отколку вистината. Децата од кои се крие или им се зборуваат лаги за сексот можат да ја доживеат љубовта и половиот однос како нечесни и забранети.

5. Многу е важно да се прилагодите во средината и во времето, без кукање поради еротските содржини на ТВ екраните од утро до утро. Детето нема да им дава значење ако родителите тоа не го прават. Најбитните податоци треба да се дадат отворено, содветно на возраста, така да детето нема да има емоционална ниту некоја друга последица.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 06.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил