Самопреглед за рано откривање на карцином на дојка

студент по медицина

Што е карцином на дојка и колку често се јавува?

Карциномот на дојка е најчестиот карцином кај жените и е најчеста причина за смрт кај жените во западниот свет. Се јавува во 20-25% од сите малигни солидни тумори. Смртноста од ова заболување во Европската Унија изнесува 58 000 жени годишно, а секоја година се дијагностицираат нови 135 000 заболени. Инциденцата на ова заболување е во постојан пораст. Сепак, треба да се забележи дека со редовни самопрегледи на дојките можат да се откријат рани знаци на заболувањето.

Кои се ризик фактори?

  • Позитивна фамилијарна анамнеза;
  • Рана прва менструација;
  • Бенигна промена на дојката;
  • Нераѓање и малобројно раѓање;
  • Доцна прва бременост;
  • Доцна менопауза.

Како најлесно да направите самопреглед на дојка?

Најдобро е самопрегледот да се изведува во првите пет до десет дена од почетокот на менструацијата, а додека пак кај жените кои немаат менструација - најдобро е да се одбере некој датум во тек на месецот кога ќе се врши самопрегледот (на пример: првиот ден во месецот).

  • Започнете го прегледот со набљудување на дојките во стоечка положба.

1. Соблечете се до половината, застанете пред огледало со рацете спуштени и доближени покрај телото. Најнапред погледнете ги внимателно двете гради. Обратете внимание на нивната симетричност, евентуално постоење на вовлекување на брадавицата, промена на големината и бојата на брадавицата, нејзино зголемено перутање и секреција. Разгледајте дали има: вовлекување на кожата на дојката, оток, чворови во кожата и поткожното ткиво или улцерации на кожата. Правете ротација на телото кон лево и десно, така да можете да ги видите дојките од профил.

2. Кренете ги рацете над главата и повторно внимателно набљудувајте ги своите гради барајќи евентуална промена.

3. Поставете ги рацете на колковите и стегнете ги мускулите на градниот кош. Внимателно проверете ја формата и изгледот на градите и внимавајте на секоја необична промена.

  • По внимателното набљудување, следи палпација (напипување) на дојките во стоечка положба.

1. Палпирањето (напипувањето на дојките) се врши со испружени прсти на рацете и тоа со јагодиците на прстите, а не со врвовите. Со кружни движења од ареолата на брадавицата кон горе, на замислен часовник до положба 12 часот. Потоа се враќате кон ареолата и повторно во правец на стрелките на часовникот го опипувате секој дел од дојката. Палпирањето е завршено кога сте направиле цел круг, не подигнувајќи ги рацете од дојката.

2. Продолжете со палпирањето во предел на пазувите со цел да проверите постоење на зголемени лимфни јазли. Левата рака спуштете ја покрај телото и со испружени прсти на десната рака внимателно напипајте ја левата пазувна јама со движења од долу према горе и од надвор кон средина. На ист начин прегледајте ја и десната пазувна јама.

3. Нежно притиснете ги брадавиците помеѓу палецот и показалецот и проверете дали се цеди секрет. Доколку заблежите секреција, веднаш јавете се на лекар.

 

Самопрегледот на дојките со напипување може да се врши и во лежечка положба. Легнете на кревет, ставете перница под рамото, кренете ја левата рака и поставете ја позади главата. Со испружени прсти на десната рака напипувајте ја левата дојка на ист начин како и во стоечка положба. Со палпација прегледајте ја и пазувната регија. Повторете ја постапката и со десната дојка. Секогаш имајте на ум дека повеќето подуетини и промени не се симптоми на рак на дојка! Најчесто тоа се безбедни цисти или грутки кои се лекуваат лесно. Но, при секое сомневање задолжително да се обратите на лекар!

Планирање на преглед

  • 20-35 години - самопреглед на дојките еднаш месечно; клинички и ултразвучен преглед на секоја една до две години; мамографија на дојки.
  • Над 40 години - самопреглед на дојките еднаш месечно; клинички и ултразвучен преглед еднаш до два пати годишно; мамографија на секои 2-3 години.
  • Жени во чие семејство има заболени од карцином на дојка - самопреглед на дојките еднаш месечно; прва мамографија на 35 годишна возраст, а потоа еднаш годишно; клинички и ултразвучен преглед еднаш годишно по 20 годишна возраст.
  • Жени со излекуван карцином на дојка - самопреглед на дојките еднаш месечно; клинички и ултразвучен преглед двапати годишно; мамографија еднаш годишно.

Дали постои превенција?

Редовна самоконтрола еднаш месечно и редовни гинеколошки прегледи најмалку еднаш годишно овозможуваат рано откривање на карциномот.

Карциномот на дојка, спротивно на општото сфаќање, е излечива болест бидејќи дојката е достапна за самопреглед и ракот може да се „фати" во рана фаза. Во таа фаза тој се отстранува радикално пред да даде метастази т.е. расејувања на други места по телото - најчесто во белите дробови, коските и мозокот.

Бидете свесни за своите дојки, запознајте се со нив, со нивниот изглед, размислувајте за нив, чувствувајте ги за да можете да ги забележите промените на нив.

ДОКОЛКУ СЕ ОТКРИЕ НА ВРЕМЕ, КАРЦИНОМОТ НА ДОЈКА Е ИЗЛЕЧИВА БОЛЕСТ.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 01.03.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина