Трансплантација на глава – реалност или фикција?

студент по медицина

Во 1925 год. Александар Белаев ја објавил книгата „Главата на проф.Довел“ која претставува храбра визија за развојот на медицината што во тоа време се чинела утописка. Во романот се говори за зачувување во живот на мозок кој е изваден од телото и за трансплантација на глава. Но, по сите достигнувања и напредоци направени во медицината, биологијата и технологијата, трансплантот на глава се уште останува во делот на научна фантастика. Денес, скоро 90 години од објавувањето на книгата останува да се запрашаме колку далеку сме од тоа достигнување и дали истото би било добро или лошо за човечкиот род.

Експерименти со трансплантација на глава

Во 50-тите години на минатиот век се направиле неколку експерименти во ова подрачје, и тоа најчесто во поранешните комунистички земји. Еден од пионерите на тие испитувања е русинот Владимир Демихов, кој ги поставил основите на модерната трансплантологија, особено на трансплантацијата на срце и бели дробови. Тој исто така е познат по тоа што извршил трансплантација на глава на куче кај кое не ја заменил главата, туку трансплантот го прикачил на веќе постоечката. Во 1959 год. Кинезите објавиле дека извршиле успешна трансплантација на глава од едно на друго куче. Во 1963 год. и Американците пионирале на ова поле. Професорот Роберт Вајт направил делумно успешна трансплантација на глави од еден на друг мајмун, со заменување. Мајмуните не преживеале, но имале кратко време вид, слух, мирис и вкус.

Што е потребно за трансплантацијата на глава да биде возможна?

Досега колку што се знае не е направена слична операција на човек. Но, се поставува прашањето што би било потребно од медицинска гледна точка за да се оствари тоа.

Како прво, главата треба цело време да биде снабдувана со крв затоа што мозокот е многу осетлив на намалено количество на кислород и би умрел ако се прекине крвотокот. Вакви експерименти се направени на кучиња за кои има документирани докази.

Друга потреба за таква операција е компатибилност на ткивата и органите помеѓу донаторот и примателот, проблем кој од ден на ден се повеќе се надминува во трансплантологијата.

Тимот на хирурзи кои ја прават операцијата треба да се екстремно прецизни и внимателни затоа што треба да спојат многу мали артерии, вени, нерви, мускули и лигаменти.

Но, за најголема пречка се смета обновувањето на врските во ‘рбетниот мозок. Долго време се сметало дека неуроните еднаш прекинати - не можат да се обноват. Но, од 1990 г. наваму многубројните експерименти покажале дека нервното ткиво има капацитет на обновување во хипокампусот и плус со истражувањата во областа на стем клетките, кои се способни да постанат било која клетка во човечкиот организам, се доаѓа до заклучок дека не сме многу далеку од комбинирање на здраво тело од човек чија глава е смачкана во сообраќајна несреќа со глава од човек кој има смртоносна рана од куршум во срцето, како што е раскажано во романот од Белаев.

Етички аспекти

И кога би била возможна трансплантацијата на глава, дали таа би била посакувана? Со неа би се отвориле нови перспективи во лекувањето на неизлечливи видови на рак, срцеви болести, тешки трауми. Но, која би била таа личност? Дали таа ќе е старото тело, новата глава или би се креирала некоја нова личност што е најмногу возможно. Иако мозокот е центар на мислите, тој е таков каков што е поради чувствата кои ги примаме од рецепторите во телото и нашата претстава за се околу нас е направена не само во нашите мисли туку и во телото. Ова е сепак само една од многуте теории на психолозите, филозофите и докторите. Друга е теоријата на Рене Декарт кој го става духот над материјата и смета дека само мозокот (мислите) го прават човекот од што произлегува „Cogito ergo sum“ („Мислам, значи постојам“).

Но, колку и научниците да спорат, ништо не може да се докаже се додека не се направи таква операција и „хибридната“ личност што ќе произлезе од тоа да каже што чувствува, што за среќа или не - до ден денес не е направена.

 

Доколку сте заинтересирани за трансплантацијата на глава и сакате да дознаете повеќе, погледнете ги следните видеа. Сепак, бидете предупредени дека видеата содржат снимки кои не се пријатни и можат да ве вознемират:

 

Oстанати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 28.02.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости