Болна менструација – Дисменореа

студент по медицина

Дисменореа претставува болка за време на менструацијата, која се локализира во инфериорниот абдомен (долниот дел на стомакот). Кај некои жени менструалната болка е умерена, а кај други е посериозна и неспецифично остра болка која ги спречува секојдневните активности повеќе денови во месецот.

Симптоми на дисменореа

Главниот симптом на дисменореата е болката во долниот дел на стомакот која се шири во бутовите, вагината и ректумот. Менструалната болка е спазматична (во форма на силни грчеви). Се јавува обично во првите 4-6 часа од почетокот на менструацијата и може да трае до 48-72 часа.

Знаците поврзани со дисменореата можат да бидат релативно многубројни:

  • Дигестивни нарушувања (повраќање, гадење, пролив);
  • Обилно потење (дијафореза);
  • Главоболки;
  • Вртоглавици;
  • Болки во грбот;
  • Болки во пределот на градите.

Фактори кои често влијаат во појавување на дисменореа

  • Возраст помала од 20 год.;
  • Рано влегување во пубертет (под 11 год.);
  • Изобилство на проток на крв во менструација (менорагија);
  • Депресија или анксиозност;
  • Диети (помеѓу 14-20 год.);
  • Никотински зависници;
  • Недостаток на физичка активност;
  • Емоционален стрес.

Дисменореата ги опфаќа приближно 50% од жените во репродуктивната возраст, но почесто се јавува кај девојки на возраст помеѓу 15 и 20 години. Поради непријатноста која се јавува кај дисменореата забележано е отсуство од работа/училиште приближно кај 26% од женските деца на возраст под 15год., 51% од девојките на 19 годишна возраст и 34% на возраст над 24 год. Во првата година по менархата (првата менструација), 30% од девојките имаат дисменореа, а во втората година уште 20% се жалат на болки. Целокупно, приближно кај 80% од девојките, во првите 3 години по менархата се јавува дисменореа.

Класификација на дисменореата

Во зависност од причината постојат 2 типа на дисменореа: примарна и секундарна.

Примарната дисменореа се јавува при нарушување на овуларниот циклус (процесот на формирање и ослободување на јајца од јајниците). Таа не е поврзана со генитална болест, туку е аномалија на контрактилноста на матката предизвикана од слаба васкуларизација (снабдување со крв) на матката и зголемено лачење на простагландин (хормон кој ги предизвикува мускулните контракции на матката за да ја исфрли мукозната обвивка на матката при менструација). Поради зголеменото лачење се зголемуваат и контракциите на матката со што се добиват мускулни грчеви.

Секундарна или стекната дисменореа се јавува ретко и е предизвикана од голем број на заболувања на гениталниот тракт, како што се:

  • Ендометриоза - болест која се карактеризира со пролиферација (ширење) на ендометриумското ткиво (слузокожата на матката) надвор од матката, во јајцеводите, јајниците или во ткивото во пределот на карлицата;
  • Пелвична инфламаторна болест - инфекција на женските репродуктивни органи, најчесто предизвикана од бактерија која се пренесува по сексуален пат;
  • Користење на спирали - овие контрацептивни уреди се вметнуваат во матката и можат да предизвикат интезивни грчеви, посебно во првите месеци по инсталацијата;
  • Фибром и полипи на матка;
  • Хормонални нарушувања;
  • Аномалија на обликот или на положбата на матката;
  • Пречка во протокот на крв помеѓу матката и вагината, преку грлото на матката.

Дијагностицирање

Во потешки случаи потребна е посета на гинеколог, за дијагностицирање и третман. Покрај гинеколошкиот преглед, гинекологот може да ги изврши и следните тестови:

  • Имиџинг тестови – овие неинвазивни тестови ни овозможуваат визуелизација на карличните органи и често се користат за дијагностицирање на причината на секундарната дисменореа. Такви тестови се: ултразвук, компјутерска томографија и магнетна резонанца;
  • Хистероскопија – процедура во која гинекологот внесува уред преку вагината и грлото на матката за да ја прегледа матката;
  • Лапароскопија – во рамките на оваа хируршка процедура, гинекологот ја прегледува абдоминалната празнина преку мали резови во стомакот, преку кои внесува цевка опремена со оптички систем.

Третман и прогноза

Мерките за сопствената грижа можат да ја ублажат непријатноста на дисменореата. Одморот и правилната исхрана се задолжителни. Редовното спиење и периодите на одмор се многу важни кај тинејџерките. После 20 год. возраст, се препорачува најмалку 8 часа спиење. Треба да се избегнува констипацијата (запекот) со консумирање на овошје, зеленчук и житарици.

Регулираните физички вежби можат да ја ублажат симптоматологијата. Други комплеметарни мерки можат да бидат: намалување на консумирањето на кафе, внесување на калциум во организмот, топли бањи и топли облоги со локална употреба.

Третманот кај секундарната дисменореа е само по препорака на гинеколог и бара медицински надзор. Пациентките со примарна дисменореа можат да преземат некои мерки за ублажување на болката и намалување на непријатноста.

Болката кај дисменореата може да се ублажи со користење на нестероидни антивоспалителни лекови, како што се: кетопрофен, ибупрофен итн.

Во случај на тешки менструални грчеви, само гинекологот може да препорача орална контрацепција за прекинување на овулацијата, која може да ја намали синтезата на хормонот простагландин и со тоа да се намалат и контракциите на матката и тешките грчеви.

Добро е да се знае дека менструалните болки се намалуваат со текот на стареењето и понекогаш исчезнуваат по првата бременост.

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Повеќе за авторот >>>

www.doktori.mk, 16.02.2015

Последна вест

Најчитани статии - медицина