Фрапе десерти за витаминско освежување

м-р Ана Танаскоска
креативен соработник

Зимскиот период единствено што нуди се цитрусните овошја чија бројка е ограничена. Токму во овој годишен период треба најмногу да внимаваме на имуниот систем и да се заштитиме од настинки и вируси, па заради таа причина предлагаме неколку фрапе рецепти кои изобилуваат со витамини круцијални за одржувањето добра здравствена состојба и јакнење на имунитетот.

 

Банана

Почнуваме со банана бидејќи достапна е преку целата година. Бананата може да се испасира или да се приготви со блендер. Со ова овошје во комбинација одат мед и млеко (а може и ванила, морско оревче итн.). Бананата е богата со железо со што го стимулира производството на хемоглобин во крвта и затоа е добра за лицата кои се анемични. Ова тропско овошје содржи големи количини на калиум кој го регулира крвниот притисок и штити од мозочен удар. Бидејќи е богата со растителни влакна, ја подобрува работата на дебелото црево. Бананата содржи триптофан, еден вид протеин кој телото го претвора во серотонин кој прави да се чувствуваме опуштено, го подобрува расположението и не прави посреќни.

 

Замрзнати бобинки – јагоди, малини, капини, боровинки

Овие плодови со замрзнувањето не ги губат своите хранливи материи бидејќи не се изложени на дополнителна топлина и светлина како во други случаи. Бобинките се богати со антиоксиданси, диетални влакна и витамини А, Ц, Е, Б6,  а воедно важат за храна која се бори против заболените клетки од рак, го нормализира шеќерот во крвта, го чува здравјето на очите и срцето, го редуцира лошиот холестерол и триглицеридите (последното особено важи за боровинките). Одговараат со мед и млеко, др. комбинација е со сок од калинка и мед или пак јогурт и мед.

 

Замрзнати нектарини – праски, кајсии, сливи

Содржат фитохемикалии кои дејствуваат како антиоксиданси и се од клучно значење за одржувањето на здравјето на кожата, што оди потешко во зимскиот период. Богати се со витамини (Ц и А), диетални влакна и минерали, а содржат многу малку калории. Нектарините покрај со млеко може да се комбинираат и со јогурт или кефир или пак со екстракт од бадем.

 

Киви

Кивито е богато со витамин Ц, бета каротен, железо, калиум, фосфор итн. Витаминот Ц ги чува клетките од оштетувања и ги неутрализира слободните радикали. Покрај сокот од киви, се додава и лимонов сок или сок од ананас и секако засладувач.

 

Фрапе со кафе

Доколку не сакате овошно фрапе, тогаш би можеле да испробате домашно нескафе фрапе за кое покрај кафе и млеко, потребен ќе ви биде и ситно исецкан мраз. Сосема друга варијанта е фрапе со млеко како основна состојка на кое би можеле да додадете цимет, екстракти од ванила, какао, марципан, лешник или чоколаден прелив, шеќер во прав итн. Во случајов, оставаме на вашата имагинација.

Уживајте во:

дегустацијата,

декорирањето и

приготвувањето,

но, во обратен редослед :-)

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

најчитани статии од авторот>>>

www.doktori.mk, 22.02.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана