Кинезитерапија и спортување за време на бременост

магистaр по кинезитерапија при мускулно-скелетни дисфункции

Бременост (лат. Graviditas) е развивање на еден или повеќе плодови во матката на жената и трае приближно 280 дена или 40 седмици.

Промени на телото на жената за време на бременост

Бременоста со себе носи голем број на анатомо-физиолошки промени на телото на жената. Телесната тежина се зголемува од околу 9 до 14 кг (нормално), а матката се зголемува во должина за 5-6 пати. Респираторниот систем, исто така, трпи промени, со тоа што дијафрагмата се подига за околу 4 см и обиколката на градниот кош се зголемува за 5-6 см, а со тоа и кислородната потрошувачка е за 15-20% поголема. Во првите две тримесечја, волуменот на крв се зголемува за 40%, додека пулсот се зголемува со 10-20 удари/мин.

Во текот на бременоста, промени настануваат и во држењето на телото. Општиот центар на тежината се поместува напред и нагоре, а тоа го отежнува одржувањето на рамнотежата и води до зголемување на појасната лордоза. Растењето на фетусот води до растегнување на стомачните мускули и тие се помалку способни да се стегаат и да го држат долниот дел од грбот во соодветна положба.

Бремената жена има посебен начин на движење. Со развојот на бременоста, чекорот на жената се издолжува како резултат на зголемената тежина и промените кои се однесуваат на држењето на телото. Во просек, стапалото на жената во текот на бременоста може да се зголеми за половина број, но и повеќе.

Умерената спортска активност е препорачана за време на бременоста

Умерената спортска активност за време на бременост не е само дозволена, туку е и дефинитивно препорачана од многу специјалисти. Оптоварувањето со физички вежби и кинезитерапија кај жените со нормална бременост зависи од периодот на бременоста, како и од индивидуалниот здравствен статус и движечките способности. Колку жената ќе се движи за време на бременоста зависи и од нејзините физички активности пред тоа. Жените со патолошка или проблематична бременост, како и тие кои имаат дополнителни болести, се под посебен надзор и третман од специјалистот гинеколог. Оние кои не спортувале, тие со зголемена тежина и хронични болести треба да избегнуваат спортување до третиот месец. Кај мајките на возраст од 20-42 години кои се занимавале со спорт биле установени помал број на компликации, како раѓање со царски рез и неопходност од користење на форцепс или вакуум при раѓањето.

Позитивниот ефект од вежбањето за време на бременост се однесува на:

  • Поддржување на функцијата на кардиореспираторниот и мускулно-скелетниот систем;
  • Поддржување на надворешниот изглед и самодовербата;
  • Помало зголемување на тежината;
  • Намалување на болките во појасниот дел на ‘рбетот;
  • Подобрување на сонот;
  • Намалување на ризикот од појава на дијабет во бременоста.

Позитивниот ефект од физичките вежби врз плодот е научно докажан. Намалувањето на крвотокот во матката за време на вежбите стимулира развивање на плацентата и ја подобрува отпорноста на плодот кон физиолошкиот стрес за време на физичка активност. Децата на мајките кои се спортски активни се повеќе имуни на заболувања и дебелеење.

Корисни вежби за време на бременоста

  • Вежби за време на првиот триместар

Во првиот период на бременоста (првите 3 месеци) настануваат нарушувања во вегетативниот нервен систем, како што се: вртоглавица, гадење, повраќање, често мокрење и емоционални промени со лесна возбуденост. Во овој период треба да се започне со кратки физички активности од 15-20 мин кои ќе вклучуваат внимателно и лесно оптоварувње. Вежбите се лесни, слободни, во комбинација со правилно дишење. Вежбите со кревање на тегови, скокање, со сложена координација, напорните вежби за стомак и големите движења на карлицата и колковите во овој период треба да се избегнуваат.

  • Вежби за време на вториот триместар

Вториот период (од 4-6 месец) е најсоодветен за поголеми физички активности и вежби. Кинезитерапијата помага за психо-емоционалната состојба и создавањето на самодоверба и благопријатна бременост, во општото зајакнување на целиот организам, во подобрување на дишењето и кардиоваскуларниот систем, подобрување на еластичноста на карличните мускули и тонусот на матката, како и во подобрувањето на подвижноста на колковите и крвотокот во долните екстремитети. Таа превенира од рамни стапала, ја зацврстува рамнотежата и грбната мускулатура. Вежбите кои се прават се најразлични. Тие вклучуваат лесни гимнастички вежби, растегнување, вежби за засилување на стомачните и карличните мускулите, вежби за положбата на телото и релаксација. Се користат различни позиции меѓу кои најчесто „седење по турски“ и вежби со голема гимнастичка топка „Fittball“.

  • Вежби за време на третиот триместар

Третиот период (последните 3 месеци) е сврзан со најголеми промени во телото на жената и затоа физичката активност треба да биде усогласена со нејзините можности и состојба, со тоа што времетраењето на вежбите се намалува до 20 мин. Во овој период треба да се внимава на болката која се јавува во долниот дел од грбот за која е потребна обука на жената за носење и кревање на тешки работи, одржување на работна позиција и позиција за одмор.

За време на целата бременост се препорачуваат чести прошетки во природа, бидејќи истите ќе го контролираат зголемувањето на килограмите. Притоа препорачано е секогаш да се носат ниски обувки. Пливањето и аква гимнастиката, преку тренирањето на телото и срцето, имаат потенцијал да го намалат стресот и болките во грбот, како и јогата - која е доста полезна за стресот, болките и подвижноста на зглобовите.

Контраиндикации за спортување за време на бременост

  • Предвремени контракции;
  • Постојано крварење во 2 и 3 период;
  • Многубројни раѓања;
  • Висок крвен притисок;
  • Срцеви и белодробни заболувања.

Релативни контраиндикации се: забавено растење на плодот, анемија, хипертиреоидизам и дебелеење.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 17.02.2012

Последна вест

Најчитани статии - вежби