Анемиски синдроми како резултат на заболувања на гастроинтестиналниот систем

студент по медицина

Анемискиот синдром, или едноставно анемијата, може да биде предизвикана од многу различни причини. Статијава ја посветувам на анемискиот синдром настанат заради некое претходно гастроинтестинално заболување, бидејќи токму дигестивната туба претставува сериозен извор на причини за настанување на анемија која може различно да се презентира во цито-хематолошки поглед, но може да има униформна клиничка слика или пак таа може да биде толку слабо изразена што е причина редовно да се занемари постоечката анемија. Покрај навидум лесните и безопасни форми на анемија како резултат на гастроинтестинално заболување, на другиот крај на палетата се сериозните и понекогаш животозагрозувачки анемии кои исто така може да бидат предизвикани од заболувања на различен сегмент од гастроинтестиналниот тракт (ГИТ).

Акутно крварење од ГИТ – причина за сериозна анемија

Постои цела палета на заболувања на ГИТ кои даваат различно изразена анемија, и лабораториски и клинички. Со оглед на ургентноста, важноста и потребата од итен третман, како и тежината на клиничката слика, далеку најсериозно треба да се сфати акутната анемија која настанува како резултат на посериозни акутни дигестивни крварења. Оваа форма на анемија може да биде причинета од разни форми на ерозивен гастритис (gastritis acuta erosiva), крварење од претходно постоечки желудочни или дуоденални улкуси или евентално крварење од езофагеални варикси (varices esophagei).

Акутниот гастрит може да биде предизвикан од најразлични причинители, вклучувајќи ги и иритативните храна и напитоци, некои лекови како на пример вибрамицинот или нестероидните антиинфламаторни лекови.

Улкусите како засебен ентитет кај секој болен може да имаат различна еволуција, па дури и понекогаш може да пројават сериозно и обилно крварење чија единствена тераписка можност е интервентната ендоскопија.

Од друга страна исто така ургентна состојба е руптурата или крварењето од варикозно проширените вени на хранопроводникот кои се класична презентација на секоја црнодробна цироза која минува во црнодробна инсуфициенција. Кај езофагеалните варикси терапијата е исто така ендоскопска.

Последниве две состојби се манифестираат со акутна и нагла болка, но најзастрашувачки симптом кај пациентите е повраќањето на свежа крв или пак хематинизирана крв, црна како талог од кафе. Со оглед на тоа колку состојбата е акутна и колкава може да биде крвозагубата јасно е дека овие состојби предизвикуваат нагла и сериозна анемија која завршува како еден циркулаторен колапс (хиповолемичен шок) кога волуменот на крвта паѓа под едно критичко ниво и кога веќе кардиоваскуларниот систем нема да може да ја компензира крвозагубата. Хематолошки ова е нормоцитна и нормохромна анемија со важен пад на бројот на еритроцитите, но и на хемоглобинот. Симптомите се најчесто сериозно неподносливи, односно пациентот е длабоко малаксан, изнемоштен, чувствува замор, блед е, обложен со ладна и леплива пот, има забрзана срцева акција, неговиот пулс е речиси неопиплив, има нетолерирачка вртоглавица и може комплетно да ја изгуби свеста. Кај ваквите пациенти давањето на крвна трансфузија ќе биде апсолутно бесполезно доколку не биде детектиран и прекинат изворот на крварењето. Потоа може да се даваат најмалку 2 единици еритроцити и се разбира инфузии со што ќе се надомести течноста која била загубена. Ваква ургентна состојба може да предизвика и Zollinger-Ellisson-овиот синдром каде долж дигестивната туба постојат многубројни улцери кои крварат. Од сето гореспоменато може да заклучиме дека анемијата која е последица на едно дигестивно крварење може сериозно да го загрози човековиот живот.

Анемија поради тумори на ГИТ

Друга, и најчесто анемија која поминува сосема незабележително или со многу неспецифични тегоби за да се посомневаме на истата се до моментот додека не се направи една обична крвна слика, е анемискиот синдром кој многу често може да биде прв ран, а воедно и единствен симптом на некоја туморска пролиферација во дигестивниот систем. Всушност многу често малигните тумори на дигестивниот систем, и тоа пред се на дебелото црево, се тие кои поради својот брз раст и инвазија како и несоодветна пролиферација на крвните садови многу често даваат површински крварења кои со текот на времето ќе предизвикаат една лесна или средно изразена анемија. Но, крварењето кое се сретнува кај туморите на ГИТ е најчесто незабележително со голо око и во изметот нема да видиме крв, па ваквите крварења ги означуваме како скриени или окултни крварења кои ќе се откријат единствено со скрининг hemocсult тестот. Доколку хемокулт тестот биде позитивен, односно доколку во изметот биде пронајдена крв, тоа е апсолутна индикација за правење на колоноскопија која ќе ни даде релевантни информации за евентуално постоење на туморска маса во дебелото црево. Овие анемии се со хроничен тек и затоа организмот добро ги толерира и најчесто не даваат никаква или даваат само блага симптоматологија. Затоа од есенцијално значење кај секој човек постар од 50 години кој има анемија која е резистентна на терапија или постои анемиски синдром за кој нема адекватно објаснување, е да се направи најпрво скрининг тестот за окултни крварења, па потоа доколку истиот е позитивен се оди чекор понатаму и се практикува комплетно гастроентерохепатолошко иследување од лекар специјалист. Ваквите анемии најчесто се презентираат како микроцитни поради пролонгираниот губиток на железо заедно со еритроцитите. Во овој случај давањето на железо нема да биде доволно за да ја корегираме состојбата, туку ваквата анемија особено кај популација со соодветна возраст треба секогаш да биде сфатена сериозно како еден аларм за постоење на посериозно заболување чија последица е анемискиот синдром.

Пернициозна анемија – недостаток на витамин Б12

Не помалку важна состојба која е врзана со заболувања на гастроинтестиналниот систем, а може да биде причина за анемија, е пернициозната анемија. Пернициозна анемија е назив кој се користи за анемија која настанала како резултат на неадекватна ресорпција на витаминот Б12. Всушност, овој витамин е неопходен за вообичаен развој на еритроцитите исто како и фолната киселина. Дури и тогаш кога овој витамин се внесува во поголеми количини, ресорпцијата може да биде незадоволителна и да биде причина за анемија. Состојби кои доведуваат до ваква анемија се најчесто хируршките отстранувања на дел од желудникот како резултат на претходно постоечки процес во желудникот, и тоа таканаречената суптотална желудочна ресекција или пак постоење на сериозен атрофичен гастрит, како и постоење на автоантитела кон клетките на желудникот од антралната регија, кои се неопходни за синтеза на таканаречениот intrinsic фактор, кој пак е неопходен за витаминот Б12 да се ресорбира. Исто така, недоволниот внес на овој витамин или евентуално фолната киселина, доведуваат до истиот тип на анемија, позната уште и како макроцитна или мегалобластна анемија. Овој тип на анемија се карактеризира со намален број на еритроцити кои пак поради недостатокот на витамините не созреваат адекватно и се поголеми од вообичаено и се означуваат како мегалоцити. Многу позначајно е што овој анемиски синдром не се манифестира само со класичните знаци на анемија туку дава и симптоматологија која потекнува од нервниот систем односно трнење во раката и ногата, треперење во мускулите се до нарушено одење па дури и појава на психијатриски симптоми во најтешките случаи што е познато како „мегалобластно лудило“. Овој тип на анемија се лекува со суплементација на витаминот Б12 или пак фолната киселина. Ваков тип на мегалобластна анемија може да биде причинета и од хроничните инфламаторни болести, пред се тоа е Кроновата болест, која пак претставува едно имунолошки посредувано заболување каде Т клетките го напаѓаат делот од терминалниот илеум или крајниот дел на тенкото црево каде всушност се врши ресорпцијата на витаминот Б12. Па така дури и тогаш кога витаминот ќе биде внесен во нормални количини и истовремено нема да постои дефект во синтезата на интринзичниот фактор, анемијата ќе се појави бидејќи нарушен е оној дел од цревото каде витаминот се ресорбира. Анемијата кај цревните инфламаторни заболувања се корегира со третирање и внесување на болеста во ремисија.

Други причини за анемија од ГИТ

Други причини кои може да доведат до анемија, а потекнуваат од ГИТ, се не толку честиот, но возможен синдром на кратко црево - „short bowel syndrome“ кој настанува тогаш кога во тераписки цели на некоe претходно постоечко тенкоцревно заболување е извршена хируршка ресекција на голем дел од цревото при што цревната површина која преостанува е апсолутно недоволна за да ги задоволи човековите потреби за хранливи материи, па оттука настанува еден малапсорптивен синдром и редовно се појавува анемија. Анемијата во склоп на хроничните инфламаторни заболувања не е единствено предизвикана од недоволната апсорпција на витаминот Б12, туку делумно е предизвикана и од загубата на крв бидејќи овие заболувања во склоп на нивната клиничка слика подразбираат и постоење на чести и течни крвави столици. Цревната форма на туберкулоза исто така може да биде причинител за анемиски синдром. Целијакијата како имунолошки посредуван феномен подразбира и морфолошки промени во тенкоцревните ресички, односно нивно зарамнување со што битно се намалува ресорптивната површина, па анемијата е очекувана последица. Анемијата како резултат на неадекватна ресорпција на железо, иако се внесува доволно, е исто така возможна, а настанува најчесто заради атрофични промени на желудочната слузница кога не се лачи доволно хлороводородна киселина која е неопходна за трансформација на железото во ресорптивна форма.

Дигестивниот систем е чест извор на анемиски синдроми

Од претходно наведеното можеме да резимираме дека дигестивниот систем претставува потенцијален и сериозен извор на причини за настанување на анемиски синдром, кој во зависнот од причината и местото на патолошкиот процес може да се манифестира со различна тежина на клиничката слика и варијации во лабораториските вредности за бројот на еритроцитите, хемоглобинот, MCV, MCH, MCHC, серумското железо и седиментацијата. Вообичаено рутинските анализи на крвта се доволни за дијагностицирање на анемијата, а секогаш кога нема да постои логично и рационално објаснување за појава на анемијата може да биде од доволен поттик да продолжиме со дијагностичкиот протокол чекор понатаму. Акутните крварења кои имаат јасна клиничка слика не се дијагностички проблем туку повеќе терапевтски за разлика од анемиите предизвикани од малигни процеси кои не само што се потешки за дијагноза туку се од есенцијално значење за што порано откривање на малигниот процес. Оттука еве уште една причина повеќе да се прават редовни рутински анализи на крвта на секои 6 месеци или барем еднаш годишно, како некои работи и понатаму не би останале мистерија. Сериозно треба да се сфати и скрининг тестот за окултни крварења во изметот кај лицата постари од 50 години.

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 09.02.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина