Леукоцитите – цела армија од клетки-војници кои се борат за нас

студент по медицина

Леукоцитите, или белите крвни клетки, се единствените кои можат да ни го заштитат интегритетот во организмот тогаш кога најразличните бактерии и вируси ни го напаѓаат. Станува збор за клетки кои имаат многу специфики во својата морфологија, врз основа на кoja се делат на свои поткласи, но имаат една единствена цел - да го штитат човековиот организам од секојдневната опасност да биде нападнат од најразлични микроорганизми. Нормално е во крвта да има од 4000 до 9000 леукоцити во милиметар кубен крв. Кога бројот на леукоцитите ќе се зголеми, тоа е вредна информација која ни укажува на присутно воспаление, а поретко во случаите кога бројот на леукоцитите достигнува екстремно високи бројки може да се сомневаме за некоја леукемоидна реакција или пак за леукемија.

Врз основа на морфолошките карактеристики, леукоцитите можеме да ги поделиме во две големи групи:

  • гранулоцити (оние кои што во цитоплазмата содржат гранули);
  • агранулоцити - кои не содржат гранули.

Гранулоцити – први на местото на воспалението

Гранулоцитите, и тоа претежно неутрофилите, се клетки кои веднаш реагираат секогаш кога во организмот ќе навлезе некоја бактерија. Всушност бактеријата предизвикува локално воспаление при кое се ослободуваат различни хемиски материи кои буквално ги довикуваат леукоцитите на местото на воспалението. Тие имаат моќ да го преминат ѕидот на крвниот сад и со тоа да дојдат на местото. Кога еднаш неутрофилот ќе стигне, тој веднаш започнува да врши фагоцитоза или проголтување на бактериите. Тоа е клучниот настан кој го оневозможува понатамошниот развој на инфекцијата. Неутрофилот ги испушта своите продолжетоци, означени како псевдоподии, и буквално ја вовлекува бактеријата во својата цитоплазма. Таму ќе се одигра уште поважната фаза на разградување на бактеријата под дејство на различните ензими кои ги има неутрофилот во своите гранули.

Заедно со неутрофилите, уште посилна моќ за фагоцитоза имаат и моноцитите (еден вид на агранулоцити – најголемите леукоцити), но тие се јавуваат подоцна во текот на инфекцијата. Ова е основната причина поради која при бактериските воспаленија во крвта се зголемува бројот на леукоцитите над вообичаената вредност и тоа се означува како леукоцитоза. Но,ова е само еден од многуте механизми со кој леукоцитите се справуваат со бактериската инфекција.

За разлика од бактериите, кога во организмот ќе навлезе некој алерген тогаш се зголемува бројот на еозинофилните и базофилните гранулоцити кои при таа воспалителна реакција се распаѓаат и ослободуваат многу различни хемиски материи, меѓу кои најважни се хистаминот, простагландините и леукотриените. На нив всушност се должат и симптомите на црвенило, печење, чешање и солзење, односно кивање и кашлање.

Лимфоцити – создавачи на антитела

Во групата на агранулоцити спаѓа уште една исклучително важна клеточна популација на бели крвни клетки – лимфоцитите. Нивната функција е многу сложена. Б-лимфоцитите се клучни за создавање на антитела, додека Т-лимфоцитите се клучни за убивање на клетките кои се заразени со вирус и за создавање на цитокини (материи кои ја овозможуваат меѓулеукоцитната комуникација за целата оваа приказна на леукоцитна функција да биде добро оркестриран процес).

Одбраната од вирусните инфекции е исто така сложен процес кој е сега засега единствен начин да се справиме со вирусите, бидејќи антивирусни лекови кои би помогнале во лекувањето,а ни се на располагање, се бројат на прсти. Лимфоцитите се и клетки кои помнат, односно тоа се клетките кои кога еднаш ќе дојдат во контакт со некој микроорганизам започнуваат да создаваат антитела и претрпуваат битни реаранжмани на молекуларно ниво при синтезата на антителата. Тоа овозможува клонови од тие клетки да останат во циркулацијата и при секоја наредна средба со истиот антиген, односно причинител, кој ги активирал, експресно, силно и брутално ќе реагираат, со што нема да дозволат човекот да доживее уште една епизода на истата инфекција.

Овие механизми се само фундаментот на една антибактериска или антивирусна одбранбена акција во која стапуваат многу клетки и многу хемиски материи, во добро аранжиран и оркестриран процес. Одбранбената реакција на организмот во ниту еден случај не смее да затаи, во спротивно секоја инфекција би била фатална.

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 02.02.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина