Доктори.мк | Совети за правилно земање на лековите | soveti-za-pravilno-zemanje-na-lekovite | Портал за медицина и здравје

Совети за правилно земање на лековите

магистер по фармација

Земањето на дури и наједноставниот лек може да биде покомплицирано отколку што мислите. На пример, некои лекови треба да се земаат со храна, други се земаат меѓу оброците. Некои можат да ве направат поспани, додека други – многу активни. Алкохолот или кофеинот, други лекови, одредени видови храна или пушењето исто така, можат да влијаат на механизмот на дејство на лекот. Некои лекови имаат несакани ефекти кои се едвај забележливи или слабо проблематични, додека други можат да имаат сериозни несакани ефекти.

Луѓето ги користат лековите за да ја подобрат или одржат нивната здравствена состојба. Но, ако лековите се земаат на погрешен начин, всушност можете да му наштетите на вашето здравје. Постојат многу работи што може да ги направите за да бидете сигурни дека сте на вистинскиот пат.

Неверојатни три четвртини од Американците признаваат дека не секогаш ги земаат пропишаните лекови правилно, според извештајот од Националниот Совет на информации и едукација за пациентите.

Следат неколку совети како да бидете сигурни дека лековите ќе ги земате правилно.

Бидете искрени со вашиот лекар

Разговарајте за алергии или проблеми што сте ги имале поврзани со лековите кои сте ги користеле претходно.

Исто така, потребно е да дадете преглед на сите лекови што сте ги земале, било на рецепт или оние кои се без рецепт.

Споменете ги и суплементите (додатоците) кои сте ги користеле. Билките може да стапат во интеракции со некои лекови. Гинкото може да го зголеми ризикот од крварење ако се зема со ацетилсалицилна киселина или лекови што имаат антикоагулантни својства. Антидепресивите не треба да се комбинираат со кантарион. Дури и витамините и минералите не можат да се земаат истовремено со некои лекови. Лековите кои се користат за третман на заболувања и дисфункции на тироидната жлезда се врзуваат со железото и нема да се апсорбираат ако се земаат заедно со железо како додаток. Антацидите можат да го блокираат правилното апсорбирање на другите лекови.

Ако сте на некоја специфична диета, нискокалорична храна, треба да консумирате мало количество сол или шеќер, споменете го тоа на вашиот лекар. Повеќето лекови содржат повеќе од една активна компонента и можат да содржат компоненти кои би интерферирале со вашите ограничувања во исхраната и да ја влошат вашата состојба.

Пушењето на цигари може да го промени начинот на дејствување на вашите лекови и да ги засили несаканите ефекти.

Консумирањето на алкохол со одредени лекови може да има сериозни последици: три или повеќе пијалоци на ден можат да доведат до оштетување на црниот дроб кога се комбинирани со ацетаминофен и да доведат до крварење во желудникот кога се земаат истовремено со ибупрофен.

Известете го својот лекар ако сте бремени или планирате да забремените - одредени лекови можат да предизвикаат дефекти или други проблеми кај нероденото дете.

Потребно е да посочите и доколку доите бидејќи некои лекови можат да поминат во мајчиното млеко и да предизвикаат несакани ефекти кај бебето.

Други било какви здравствени проблеми освен оние за кои е препишан лекот исто така е битно да ги потенцирате на лекарот.

Пред да имате било каков вид на операција (вклучувајќи и стоматолошка) или итен третман, кажете му на докторот, медицинската сестра, или стоматологот за сите лекови кои ги земате.

Не срамете се да побарате појаснување

Луѓето се збунуваат за лековите на безброј начини, вели Lisa Chavis, автор на книгата „Прашајте го вашиот фармацевт”. „Една мајка се обиде да купи нова 10-дневна терапија на антибиотик (како прашок за перорална суспензија) за нејзиното дете по само два дена. Таа му објаснила на фармацевтот дека секој пат кога сипала со лажиче во ушите на бебето, течноста се враќала назад." (Тоа е затоа што лекот бил наменет за орална администрација).

Истражувањата покажуваат дека пациентите забораваат повеќе од половина од информациите веднаш откако ги слушнале, па им се препорачува да земат пенкало и хартија и да запишат се она што лекарот ќе ги советува.

Разговарајте со вашиот лекар за како правилно треба да ги земате лековите, кое време од денот и колку долго. Прашајте што треба да направите ако сте заборавиле да ја земете дозата.

Користете го само уредот за дозирање кој доаѓа заедно со сирупите. „Истражувањата покажаа дека лажичките во домаќинствата се движат некаде од 3 до 7,5 милилитри", вели Jan Engle, професор на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот во Илиноис.

Секогаш одете во истата аптека за да ги купите лековите, фармацевтот ќе ја знае вашата терапија и полесно и детално ќе може да ве советува.

Информирајте се за несаканите ефекти

Да, навистина потребно е да ги прочитате и чувате внатрешните упатства за употреба кои ги има во пакувањето на секој лек. Овие упатства можат да ви дадат информација за што лекот е наменет, кои несакани ефекти да се очекуваат и потенцијалните интеракции. Доколку не можете да прочитате и да се справите со ситниот фонт, консултирајте се со вашиот лекар или фармацевт. Кажете им да ви ги потенцираат најчестите несакани ефекти, кога да се јавите доколку имате било кој од нив, колку брзо ќе почнете да се чувствувате подобро и што да направите доколку не забележите било какви промени. Исто така, потребно е да имате информација и за тоа дали треба да избегнувате одредена храна или пијалоци. Сок од грејпфрут на пример, може да ја зголеми јачината на дејството на лекови кои се користат за намалување на висок крвен приситок и да ја зголемат појавата на несакани ефекти на некои лекови кои се користат за намалување на холестеролот.

Не претпоставувајте дека доколку земете повеќе таблети ќе се чувствувате подобро

Ако две таблети не помогнале за вашата главоболка, уште две нема да направат ништо подобро. За повеќето лекови важи она што се нарекува „плафон ефект" - кога рецепторите за лекот ја постигнуваат својата граница. „Надминување на максималната доза само може да предизвикува лекот да влијае врз рецепторите насекаде во вашето тело што доведува до несакани ефекти", изјавил Patrick J. McDonnell, вонреден професор по клиничка фармација при Фармацевтскиот факултет во Филаделфија.

Не ја надминувајте максималната дневна доза на било кој лек и внимавајте на „скриените” состојки. Ацетаминофенот, на пример, се наоѓа во многу таблети против болки и во голем број на лекови за настинка. Кога овие лекови се земаат заедно, пациентите несвесно можат да се предозираат.

Никогаш не земајте го лекот што е препишан за друго лице без претходна консултација со лекар или фармацевт!

Само затоа што имате болки во грлото и проблеми со голтање не значи дека имате ист стрептокок со вашиот близок кој веќе прима терапија. Дури и да имате, вашиот лекар ќе ја земе во предвид вашата возраст, тежина, постојните медицински состојби и другите лекови кои претходно сте ги користеле. Може да сте алергични на тој лек или пак да не ја поднесете дозата која е погодна за него.

Не барајте од лекарот да ви пропише антибиотик доколку навистина не ви е потребен. Не само што нема да ја излечи настинката, туку следниот пат кога всушност навистина ќе ви е потребен, тој може да не биде ефикасен.

Организација

Земајте ги дозите во исто време секој ден и гледајте тоа да премине во ваша навика. Поставете и аларм доколку е потребно за полесно да запамтите. Исто така, чувајте ги лековите во близина на објекти што ги користите секојдневно. Побарајте од најблиските да ве потсетат тогаш кога ќе треба да го земете својот лек.

Доколку сте збунети во врска со тоа кој лек кога треба да се земе консултирајте се со вашиот фармацевт. Тој може да ви предложи сортирач на таблети со прегради за различни денови, па дури и за различни периоди од денот, исто така и да ги обои кодовите на пакувањето или да стави симболи на нив – сонце – за лекови кои се земаат преку ден и месечина – за лекови кои се земаат навечер.

Никогаш не мешајте различни лекови во едно пакување. Секогаш чувајте ги лековите добро затворени во своето оригинално пакување.

Чувајте ги лековите на ладно, темно и суво место и проверувајте ги најмалку еднаш годишно.

Проверете го рокот на употреба и фрлете ги лековите на кои истекол истиот. Ова се однесува и на лековите без рецепт. Некои од нив можат да ја изгубат својата ефективност, а други можат да бидат многу штетни по истекот на рокот на употреба.

Ослободете се од лековите кои ја промениле бојата, оние кои формирале остаток или развиле посебен мирис.

Еден добар чекор што треба да се преземе барем еднаш годишно е да направите листа од лековите кои ги користите, вклучувајќи ги и хербалните додатоци и лековите кои не се на рецепт и обратете се кај вашиот фармацевт за да ви каже дали некои од нив влегуваат во интеракција.

Исто така, барем еднаш годишно прашајте го вашиот лекар дали сите лекови кои ги користите се се уште соодветни за вас и вашата состојба.

Не треба да:

  • ги чувате лековите во бањата – топлината и влагата може да доведат до распаѓање, кршење на таблетите или капсулите, промена на хемискиот состав и губење на својството да делуваат правилно;
  • ги чувате лековите во фрижидер – освен ако не е пропишано така;
  • ги оставите лековите во автомобилот подолго време – топлината и сончевата светлина можат да го оштетат лекот или да го променат неговото дејство.

Поентата не е да одите кај вашиот лекар само за да ви ги препише лековите или да одите во аптека само за да ги земете. Заштитете се себе си. Прашајте се што ве интересира или не ви е јасно во врска со вашите лекови. Добијте информации што ви се потребни за правилно земање на лековите. Само тогаш ќе имате можност да добиете целосна полза од нив.

 

Се надевам дека овие чекори ќе ви помогнат да бидете сигурни дека ги земате вашите лекови на вистински начин.

 

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот>>>

www.doktori.mk, 29.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација