Депресија

доктор на медицина

Што е депресија?

Депресијата претставува ментална болест која како ентитет вклучува чувство на тага, безнадежност и беспомошност, кои траат две или повеќе недели. Депресијата често е пратена со губиток на желбата за живот, намалена енергија, чувство на безвредност и тешкотија во вршење на секојдневните нормални активности. Слободно може да се каже дека депресијата претставува комплексно пореметување на здравјето, кое резултира со промени во скоро сите психички и бројни телесни функции и длабоко навлегува во светот на социјалните односи на болниот.

Погрешно користење на терминот депресија

Често во секојдневниот говор терминот депресија е синоним за тага или жалост. Многу тинејџери дури и возрасните зборат „во депресија сум“ и наредниот ден се повторно нормални. Депресијата не претставува привремено чувство дека сме „во out” поради некои несреќни случки во нашиот живот. Таа не е ни ПМС ниту стрес, ниту мрзливост или пак слабост на карактерот. Претставува опасна ментална болест која може многу да влијае на квалитетот на животот.

Што ја предизвикува депресијата?

Депресијата не претставува само состојба на умот, поврзана исклучиво со психолошки фактори. Често оди заедно со физиолошки промени во мозокот, поврзана со нерамнотежа на невротрансмитерите, хемиски супстанци кои носат сигнали во нервите и мозокот. Таа е комбинација на биолошки, генетски и психофизички фактори.

Од биолошка гледна точка, таа е абнормалност во функцијата на невротрансмитерите, која пак, може да е предизвикана од промената на нивото на хормони. Ова објаснува зошто многу тинејџери во пубертет се соочуваат со депресија.

Фамилијарна историја - Генетиката игра важна улога во настанокот на депресијата. Таа може некои семејства да ги прати со генерации.

Траума и стрес - Во мозокот стресните хормони го блокираат дејството на хормоните за расположение и уништуваат милиони мозочни клетки. Ако е погоден центарот за расположение, личноста ќе манифестира очигледен пад на расположение.

Стресни околности кои најчесто предизвикуваат депресија:

  • злоставување - физичко, емоционално или сексуално, во минатото, може да резултира со депресија подоцна во животот;
  • одредени лекови - резерпин или бета-блокери кои се користат во лекување на висок крвен притисок можат да го зголемат ризикот;
  • конфликт - со членови на семејството, на работа или со пријателите;
  • смрт или губиток на сакана личност - иако се дел од нормалниот живот, може да иницираат депресија;
  • големи промени и случувања во животот - дури и позитивните промени во животот како завршување на школувањето, бракот, вработување, може да предизвикаат депресија, а тоа може да го направат и негативните промени како развод или губиток на работно место;
  • сериозни болести;
  • зависности од алкохол, дрога или други штетни супстанци.

Други депресогени фактори:

  • намалена дневна светлина;
  • намалено движење;
  • нездрава исхрана.

Кои се симптоми на депресијата?

Депресивните болни скоро никогаш не го користат зборот „тага“ кога ја опишуваат својата психичка состојба. Тие истакнуваат дека најчесто се работи „за нешто друго“. Тагата не е задолжително обележје на депресивното расположение, но секако постојат депресивни пациенти кои се тажни. Затоа е погрешно изедначувањето на овие два ентитета.

Меѓу најизразените симптоми е потиштеноста, односно намаленото расположение (lat.depressio- потиштеност). Болниот се чувствува несреќен, загрижен, очаен и беспомошен. Зголемена е раздразливоста и осетливоста на стрес, приговори или критики.

Депресивецот се чувствува осамено, напуштено, несакано и излишно. Иако внимание и друштво му се потребни на болниот, сепак гужвата му смета и му создава нелагодност.

Типичниот депресивец слабо се концентрира, безволен е, апатичен, тромав и успорен, ништо не го весели и не го мотивира.

Некои последици од депресијата се отсликуваат и на телесен план, како пореметување на спиењето, апетитот и либидото. Најчесто рано се будат и немаат сила за извршување на секојдневните обврски.

Имаат ниско ниво на самопочитување и самодоверба, негативни мисли за иднината, чувство на вина и окупираност со болести.

Некои факти поврзани со депресијата:

  • 54% од луѓето веруваат дека депресијата е резултат на нивниот слаб карактер;
  • 41% од депресивните жени се срамат да побараат професионална помош;
  • 80% од болните не се под никаков третман;
  • Депресијата два пати почесто се јавува кај жените;
  • Шансите да добиете депресија се поголеми ако некој во фамилијата има депресија;
  • 15% од популацијата во развиените земји страда од депресија;
  • Стапката на пораст на депресијата кај младите е 23% на годишно ниво;
  • Преку 85% од луѓето кои извршиле самоубиство, имале некакво ментално пореметување;
  • До 2020 год. депресијата ќе биде втора по честота причина за смртност после КВЗ. Исто така студиите покажуваат дека депресијата придонесува за фатално коронарно заболување.

Третман

И покрај тоа што депресивните умови не мислат така, депресијата може да биде излечива болест. До 90% пациенти позитивно реагираат на некој тип на лечење. Некогаш психотерапијата и одењето кај психијатар е се што е потребно. Покрај ова, постои и широка лепеза на антидепресивни лекови и други алтернативни начини на лекување.

Два темелни вида на антидепресивна терапија се биолошка (медикаментозна) и психолошка. Медикаментозната терапија своето дејство го остварува преку директно делување на мозокот со посредство на лекови. Новите антидепресиви се сигурни, добро подносливи и делотворни кај 80-90% од болните, ако се земаат строго по упатства.

Психолошката помош подразбира третман кај психијатар, психотерапевт.

При избор на терапија, најидеална е комбинацијата на медикаментозен третман (антидепресиви и средства за смирување) со психотерапија.

Исто така, постојат и природни начини кои можат да се преземат во лекувањето на болеста. Следниве некои работи се причина поради која африканските племиња не се депресивни и покрај фактот дека живеат во многу полоши услови отколку ние:

  • Внесување повеќе риба, тестенини, пилешко месо, овесни снегулки, интегрален ориз, свежо овошје и зеленчук и вода и до 10 чаши на ден;
  • Не размислувајте на негативните работи во вашиот живот кога сте сами;
  • Секојдневно движење и вежбање (докажано имаат антидепресивен ефект врз мозокот);
  • Изложување на природна светлина, која е природен антидепресив;
  • Доволно спиење и во регуларни интервали;
  • Намалено внесување на алкохол, кофеин и шеќер;
  • Чај од кантарион - Кантарионот (Hypericum perforatum) е природно средство против депресија, но не е препорачливо да се комбинира со лекови. Кантарионот веќе стотици години се користи во лекување на депресивни состојби, потиштеност и анксиозност. Треба да се знае дека кога се користи за лечење на депресијата, кантарионот не претставува „брз“ лек. Со него не се постигнува брз моментален одговор, но затоа пак покажува одлични долгорочни резултати. Затоа е неопходно да се консултира доктор при негова употреба.

www.doktori.mk, 26.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина