Се што треба да знаете за грипот

Вовед

Грипот е вирусна инфекција која го напаѓа вашиот респираторен систем (носот, грлото, дишните патишта и белите дробови)

Доколку сте генерално здрави и заболете од грип, ќе се чувствувате малаксани и ќе имате тегоби неколку дена, но најверојатно нема да настанат компликации, ниту пак ќе има потреба од болничка нега до вашето излекување. Но доколку пак вашиот одбрамбен систем е ослабен или боледувате од некоја хронична болест, грипот може да има потешка клиничка слика, па дури и да биде смртоносен.

За оние со висок ризик од грип, првата одбрамбена линија е сезонската вакцинација против грип. Оваа година како и минатата како додаток на регуларната вакцинација може да ви биде потребна и додатна вакцинација против H1N1 свинскиот грип, нов вид на грип кој се откри на почетокот на 2009.

Симптоми

На почетокот грипот може да личи на настинка со течен исцедок од носот, кивање и болки во грлото. Но настинката обично се развива пополека, додека грипот започнува нагло. Иако настинката може да ви задава тегоби и да ве исцрпи, ако имате грип обично се чуствувате многу полошо отколку при настинка.

Знаци и симптоми на грип може да бидат

  • покачена телесна температура ( кај возрасни над 38 C а кај деца дури и до 39.5 и 40.5 C)
  • главоболка
  • сува кашлица
  • болки во мускулите особено на грбот, рацете и нозете
  • замор
  • малаксаност и слабост
  • затнат нос
  • губиток на апетитот
  • пролив и повраќање кај децата
  • препотување

Помеѓу вториот и четвртиот ден тегобите на целото тело почнуваат да се намалуваат а тегобите од страна на респираторниот систем да се зголемуваат. Најистакнат симптом е сувата кашлица. Повеќето луѓе имаат и болки во грлото како и главоболка. Исцедок од носот и кивање се исто така чести симптоми на грип. Погоре наброените симптоми освен кашлицата најчесто исчезнуваат за 4-7 дена. Понекогаш температурата повторно се покачува. Заморот и кашлицата пак често траат и со недели по поминувањето на болеста.

Кога да се јавите на доктор

Доколку имате симптоми на грип и сте под ризик од компликации, веднаш јавете се на доктор. Земањето на антивирусни лекови во тек првите 48 часа од почетокот на тегобите може да ја намали должината на болеста и може да спречи појава на посериозни проблеми.

Побарајте доктор доколку имате знаци и симптоми на пневмонија- тешка кашлица со искашлок, многу висока температура и остра болка кога вдишувате длабоко. Доколку пневмонијата е бактериска, односно воспалението на белите дробови е предизвикано од бактерии, ќе ви биде потребна антибиотска терапија.

Причини / Начин на пренесување

Вирусот на грип се пренесува преку капки кои патуваат низ воздухот, на пример кога некој кој е инфициран кашла, кива или зборува. Може директно да ги вдишете капките или пак преку допирање на разни предмети од околината како слушалка од телефон, тастатура и сл да ги пренесете во очите, носот или устата.

Има три типа на вируси кои го пренесуваат грипот: Influenza A, B и C. Типот Ц е стабилен, но А и Б се постојано променливи. По преболувањето вашиот организам развива одбрана кон варијантата на инфлуенца вирусот со која сте биле заразени, но бидејќи вирусот константно се менува антителата кои се создале нема да ве заштитат од новите варијанти. Затоа се препорачува вакцинација секоја година.

Ризик фактори

Постои зголемен ризик од грип или можните компликации на грипот ако

  • имате над 50 год
  • пациентот е доенче или мало дете
  • имате хронично заболување како шеќерна болест или пак срцево, белодробно или бубрежно заболување
  • имате намален имунитет, на пример поради примање на некои лекови или инфекција со ХИВ
  • ако сте бремени за време на сезона на грип
  • сте вработени во здравствена установа каде шансите да бидете изложени на вирусот на грип се поголеми

Компликации

Доколку сте млади и здрави грипот не носи големи ризици. Иако се чуствувате лошо додека трае заболувањето, грипот поминува најчесто без долготрајни последици. Но кај групите на луѓе со висок ризик може да настанат посериозни компликации како што се на пр. :

  • воспаление на увото
  • акутен синузитис
  • бронхитис
  • пневмонија
  • енцефалитис

Од сите компликации пневмококната пневмонија е најчесто и најсериозно заболување кое за постари лица и хронично болни може да биде и смртоносно. Затоа се препорачува вакцинација и против грип и против Pneumococcus pneumoniae.

Дијагностицирање

Испитувањата на болен со симпмтоми на грип би требало да вклучат темелен преглед и во случај на сомнеж за пневмонија рентгенграфија на белите дробови и градниот кош.

Комплетна крвна слика, култура на крв и искашлок може исто така да бидат потребни.

Најчест метод за дијагноза на грипот е тест за одредување на антигени, каде се зема брис од нос и грло и се испраќа во лабараторијата за тестирање. Резултатите може да помогнат за дијагноза, но кога грипот е раширен во околината, дијагнозата се поставува и единствено врз основа на симптомите, без дополнителни тестирања

Терапија

Доколку болеста има лесен тек и не спаѓате во ризичните групи се препорачувa:

  • одмор
  • земање на лекови што ги ублажуваат симптомите
  • пиење на течности во изобилство
  • избегнување на алкохол и цигари
  • избегнување на земање на антибиотици – освен ако е неопходно заради друга болест или компликација

Антивируни лекови може да го скратат траењето на болеста за еден или два дена дококлку почнете со употреба во тек на првите 48 часа

 

Прогноза

Кај секого може да се развијат сериозни компликации на грипот но групите со највисок ризик се:

  • лица над 50 годишна возраст
  • деца на возраст од 6месеци до 2 години
  • бремени жени
  • луѓе со хронично срцево, белодробно, бубрежно заболување или пак намален имунитет
  • Кај повеќето болни кои не боледуваат од други
  • болести истовремено, грипот поминува за 7-10 дена

 

 

Превенција

  • вакцинирање со годишната вакцина против грип
  • темелно и често миење на рацете. Тоа е најдобар начин да се спречат многу инфекции . Тријте ги рацете барем 15 секунди исплакнете ги добро, или користете алкохолни препарати за миење на раце
  • здрава исхрана
  • доволно и квалитетно спиење
  • редовно вежбање
  • избегнување на затворени простори со мнoгу луѓе за време на сезона на грип

 

 

 

 

www.doktori.mk, 20.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина