PET scan - кога и невидливото станува видливо

студент по медицина

РЕТ скен методата (ПЕТ – позитрон емисиона томографија) е уште една од иновациите чии бенефити веќе одамна ги ужива модерната медицина во западните земји.

На што се темели овој метод?

Станува збор за врвно достигнување во нуклеарната медицина која се заснова на принципот да се користат радиомаркирани,односно обележани со радиоактивен атом материи кои кога еднаш ќе навлезат во телото започнуваат да ја емитираат својата енергија (сигнали) која врз основа на акумулацијата на на материјата може да се детектира и визуелизира.

Всушност материјата која се внесува е најчесто супстанца која може да навлезе во сите клетки на телото (на пример глукозата) или пак некоја материја која ја искористуваат исклучиво одредени типови на клетки во телото.Таа се обележува со некоја радиоактивна честица (позитрон) кој има висока енергија,но има краток полуживот,односно за релативно кратко време откако ќе се внесе во организмот се распаѓа ослободувајќи ја енергијата што ја носи со себе,а истата ќе биде детектирана од детекторот.

Регијата на телото во која се акумулира радиофармацевтикот се визуелизира на екранот и врз основа на тоа колку поголемо ќе биде количеството на акумулиранасупстанца,правопропорционално,толку поголем ќе биде сигналот на екранот и тоа е од особено значење за интерпретација на резултатите. Најчесто користен радиофармацевтик е флуородезоксиглукоза која е обележана со 18F.

На пример: сите фокуси на малигно ткиво во организмот коисеуште не се манифестираат со ниту еден симптом кај пациентот може да бидат визуелизирани благодарение на фактот дека малигното туморско ткиво е изградено од клетки кои неконтролирано и брзо се делат,а поради тоа имаат и многу поголема потреба од глукоза како извор на енергија.  Според тоа,многу поголемо количество на радиофармацевтик ќе се акумулира во дури и по големина милиметарски туморски лезии.

Од друга страна пак сите оние делови од телото кои се оштетени и каде нормалното ткиво е изумрено и заменето со фиброзно ткиво нема да го примаатрадиофармацевтикот и нема да се визуелизираат и тоа е принципот на кој се детектира и стариот и прележан миокарден инфаркт со помош на флуородезокси глукоза.

Ова се само два примери кои може најсликовито и наједноставно да го прикажат сложениот принцип на функционирање и работа на позитронската емисиона томографија, но се надевам и доволно јасни за да може да се свати колку голем е бенефитот од експлоатацијата на РЕТ.

 

сл.1 PET scan на пациент со леукемија пред и по хемотерапија

Историски аспекти

Историски гледано оваа метода своите зачетоци ги има во не така доцните педесети години на минатиот век за да конесчно нејзината прва примена која е истовремено и публикувана во медицинските списанија биде обавена и објавена во 1970.Од 1990 па навака оваа метода станува неопходна алатка на специјалистите за рана дијагностика и следење на многу болести и е врвен успех во модерната медицина.

Која се предностите на ПЕТ - скенот 

Методата ни овозможува тродимензионален приказ на органите, но не е тоа и едиствената предност. Самиот метод не го прикажува организмот само од анатомски аспект, односно нарушувањето на неговата морфологија, туку дава една јасна слика за организмот како целина обединувајќи го приказот не само на морфологијата и структурата, туку пред се на функцијата.

Денеска оваа метода успешно се комбинира со конвенционалните рентгенолошки методи како СТ и МRI за да се добие што попрецизна и подетална локализација на испадите во метаболизмот на ткивата. Всушност процената на функционалноста на ткивата е врз основа на приказот на метаболизмот на едно ткиво. Со оваа метода пред се ја согледуваме метаболната активност и сите форми на испади во метаболизмот на ткивата што се во основа на сите клинички синдроми и заболувања.

 

 PET scan комбиниран со CT (компјутеризирана томографија)

 

Предноста на оваа метода на која во земјава сеуште имаме само можност само да и се восхитуваме, но не и да го почувствуваме благодетот на истата, е тоа што најголемиот дел од заболувањата кои може да се дијагностицираат и детектираат со оваа метода се токму заболувања кои најчесто не даваат симптоматологија во својот ран развоен стадиум кога се јавуваат и исто така не даваат јасно видлива промена на структурата на органите која би можела да се детектира со вообичаените радиолошки методи.

Па токму позитрон емисионата томографија е таа која и невидливото го прави видливо детектирајќи ги метаболните промени во ткивата.Ова особено се однесува на малигните заболувања. Тие најчесто на почетокот се недетектабилни и не даваат никакви симптоми, па навистина дијагностицирањето на едно вакво заболување во рана фаза кога тоа е потенцијално курабилно е вистинска гордост за лекарот.Кога туморот ќе стане доволно голем за да предизвика симптоматологија, неговата дијагноза не претставува посебно медицинско достигнување.

 

 PET scan кој покажува мултипни фокуси на малигно на лимфом ткиво и негови метастази

  • Рана детекција на тумори

РЕТ скенот се користи во рана детекција на многу тумори кои имаат бенигни или малигни карактеристики, но истовремено и за следење на нивната еволуција, постоперативно следење на пациентите и не помалку важното рано детектирање на метастазите.Не смееме да заборавиме дека понекогаш метастазите на еден тумор ги даваат всушност и првите манифестации на болеста па со оваа метода може да се детектира изворот на можеби дотогаш необјаснива симптоматологија.

Скеновите со октреотид и 11С 5-НТР може да се користат за детекција на најчесто мали и бенигни тумори кои поради својството да синтетизираат хормони и биолошки активни супстанци даваат бурна симптоматологија иако се во најголем случај бенигни и се означуваат како карциноиди. Многу често карциноидниот тумор дава симптоматологија на исцрпувачка и пролонгирана со денови,недели и месеци дијареа за која пациентот може да биде подложен на многу различни иследувања и третиран со различни лекови,но сето тоа безуспешно заради тоа што ретко се помислува на овој вид тумори и тешко се дијагностицираат.РЕТ скенот е еден од начините за брза и лесна дијагноза на иститие.

 

 PET scan кој покажува многубројни дисеминирани метастази на малиген меланом

  • Приказ на мозочниот метаболизам

Друга исто така се повеќе експлоатирана корист од овој тип на иследување е приказот на мозочниот метаболизам при скен со флуородезокси глукоза кој ни дава непроценливо вредни информации за тоа какви се метаболните случувања во мозочното ткиво преку кои може да се процени индиректно мозочната функција и да се детекитраат во својата рана фаза на развој прилично тешки заболувања.Неуропсихијатрите најмногу го користат РЕТ скенот за рана дијагноза на Алцхајмеровата боелст и различни видови на деменции како и подрачја во мозокот како извор за епилептична симптоматологија.Подрачјата на мозокот кои покажуваат хипометаболизам (намалена акумулација на радиофармацевтикот) на пет скенот ососбено ако се со типична локализација се силно суспектни за некоја форма на деменција иако пациентот може да биде сеуште асимптоматичен или пак со блага и дотогаш симптматологија со необјаснива природа.

 PET scan на мозокот при дијагностика на деменции

  • Кардиоваскуларни заболувања

Други состојби каде оваа метода може да биде од корист се и кардиоваскуларните заболувања ососбено миокардниот инфаркт и последиците од него.

Недостатоци на методот

Методот како и се друго има и свои недостатоци,а тоа е всушност големото озрачување на пациентот во текот на процедурата што всушност не тера да бидеме претпазливи со употреба на оваа метода, но истовремено не ни овозможува и безгранична употреба на истата туку напротив наложува само неколкукратна употреба во животот.

Единствено место во модерната медицина

Без оглед на тоа колку големо е озрачувањето, понекогаш пациентите имаат многу поголема корист од изведувањето на ова иследување.Денеска модерните центри во светот кои поседуваат институти за нуклеарна медицина не може да ја замислат својата работа без можноста да на располагање имаат иследување кое понекогаш го открива и она што не е очигледно и го прави видливо и невидливото.

Од седумдесетите па се до денес се повеќе се употребува РЕТ скенот во вообичаените протоколи на дијагностика и следење на особено онколошките пациенти.Додека Европските болници веќе одамна ги чувствуваат благодетите од ова иследување Македонија е една од државите која сеуште чека на првиот РЕТ скенер да започне со работа.

Иследувањето е релативно скапо, но во однос на информациите кои ги добиваме релативно бесценето. Да се надеваме дека што поскоро и Македонија ќе го добие својот РЕТ скенер, па така нашите пациенти нема да имаат потреба за ова иследување да патуваат до соседните држави.

 

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за авторот >>>

www.doktori.mk, 23.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина