Семантичкиот веб и медицината

Мартин Митревски
креативен соработник

Дневно има околу 8 милиони пребарувања за медицина и здравје на интернет

Истражувањата покажуваат дека 8 од 10 интернет корисници бараат информации за здравје на Веб, односно дневно има околу 8 милиони пребарувања за медицина и здравје на интернет. Иако количеството информации на Веб рапидно се зголемува, пристапот до вистинската информација на моменти знае да биде тежок, носејќи многу неуспешни пребарувања кои се резултат на статистичкиот и веројатносен пристап на денешните пребарувачи како Google и Yahoo. Носењето на вистинска информација за корисник кој врши пребарување за здравје е од огромно значење, бидејќи таа може да влијае врз одлуките кои тој ги донесува за своето здравје. Во денешно време почесто се случува интернет корисниците најпрво да пребаруваат на интернет за своите здравствени проблеми пред да се обратат кај својот доктор.

Решението за ваквите проблеми можеби се наоѓа во семантичкиот веб, кој би требало да еволуира од сегашниот веб. Нема многу да навлегуваме во позадината и деталите околу семантичкиот веб (заинтересираните може да го видат видеото од Тим Бернерс-Ли, кој е основач на сегашниот и главен поборник за новиот семантички веб), но неговата идеа е многу едноставна: податоците на интернет да имаат значење (семантика) која е разбирлива за машините.

Погледнете го видеото во кое Бернерс-Ли ја објаснува својата идеа:

Со тоа, пребарувачите ќе можат да даваат точни одговори на прашањата поставени од корисниците, отфрлајќи го пребарувањето по клучни зборови. Исто така, семантичкиот веб нуди можност за креирање врски меѓу податоците, па неговата главна визија е креирање на еден облак на поврзани податоци во кој извлекувањето на податоци ќе е многу пократко и поедноставно.

Резултатите од пребарувањата – во контекст на прашањето

Резултатите од семантичките пребарувања за здравјето ќе бидат во контекст на прашањето. Така, на пример, пребарувањето за „Опасности по срцето за средовечен Македонец со дијабетес“ ќе произведе резултати кои содржат информации за „срцеви заболувања“, „средовечен“, „Македонец“, „маж“ и „дијабетес“ заедно, а не како сегашното Google пребарување кое би вратило страници кај кои се појавуваат некои (не мора сите) клучни зборови од ова пребарување, а кои можеби не ја содржат токму оваа информација. Семантичкото пребарување би било персонализирано за корисникот – без разлика дали е тоа по нивната возраст, раса, пол, болест или некои посебни интереси од некоја област. Исто така, преку семантичкиот веб, корисникот ќе добива дополнителни информации и ресурси поврзани со таа област (моќта на облакот), со што тој би бил подобро информиран и би ги знаел своите можности за да може да превземе вистински мерки.

Пример за интелигентен портал за здравје базиран на семантика е веб страницата healia.com, на која може да се види дел од огромниот потенцијал кој го има семантичкиот веб.

Семантичкиот веб – веб на иднината

Со префрлањето кон семантичките веб технологии, информациите за здравјето може да станат најнапредната форма на прецизни податоци кои се споделуваат на интернет. Семантичкиот веб се уште е во неговиот зачеток, но потребата од него во иднина ќе е уште поголема имајќи ги во предвид ограничувањата на сегашните пребарувачи. Засега е популарен најмногу во академските средини, каде интензивно се работи на развивање на алатки и технологии за развој на семантички веб апликации. Неговиот вистински развиток се очекува во наредните десетина години и тој би претставувал основа за наредниот интелигентен веб во кој покрај семантиката на податоците би било вклучено и резонирањето и вештачката интелигенција, со што Вебот би имал способност да учи и размислува. Сепак, можно е сето ова да остане само една неуспешна идеа, која заради недостаток на алатки или неприфаќање од заедницата никогаш не го достигнала својот потенцијал. Па преостанува да видиме што ќе се случува во возбудливиот свет на технологијата, бидејќи тоа секако ќе има огромно влијание и врз медицината.

 

М.М.

 

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-


Останати статии од авторот:

www.doktori.mk, 18.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости