Доктори.мк | Превенција на стоматолошки заболувања – пренатална превенција, превенција кај доенче и мало дете | prevencija-na-stomatoloski-zaboluvanja-prenatalna-prevencija-prevencija-kaj-doence-i-malo-dete | Портал за медицина и здравје

Превенција на стоматолошки заболувања – пренатална превенција, превенција кај доенче и мало дете

доктор по стоматологија

Превенцијата воопшто, претставува спречување на настанувањето на оштетување и заболување на организмот, како и сочувување на здравјето. На пример, во ортодонцијата под превенција се подразбираат мерки со кои ќе се спречи настанување на малоклузија. Целта на ортодонтската превенција е обезбедување на оптимални услови за нормален раст и развој на орофацијалниот систем. Облиците на превенција се одредени според возраста на детето. Според тоа се разликуваат следниве видови превентивни мерки:

  • Пренатална превенција;
  • Превенција кај доенче;
  • Превенција кај мало дете.

Превентивни мерки во пренаталниот период

Превентивните мерки кои се превземаат во пренаталниот период претставуваат и најзначајните кои придонесуваат за правилен раст и развој на орофацијалниот систем. Во овој период се случуваат најинтензивните промени, доаѓа до раст и развој на вилиците, како и настанување на забите.

За овој период нема специфични превентивни мерки, туку превенцијата се состои во спроведувањето на хигиенско - диететски режим кај мајката, што подразбира забрана за земање на штетни лекови, заштита од инфекции (особено вирусни), стресни ситуации, интоксикации и слично. Особено внимание треба да се посвети на исхраната која треба да биде урамнотежена, со што на плодот ќе му се овозможат сите неопходни услови за нормален раст и развој.

Превенција кај доенче

Доењето не треба да трае помалку од 4-6 месеци. Тоа има големо значење, како за бебето, така и за мајката. Во прв ред смртната стапка кај новороденчињата кои се на вештачка исхрана е поголема. Исто така, составот на мајчиното млеко овозможува поубава основа за развој на имуниот систем на детето. Функцијата на цицањето претставува значаен фактор кој допринесува за поубав раст и развој на вилицата затоа што тогаш се развива 60 пати поголема снага на мускулите отколку кај вештачката исхрана со цуцла.

Во случаите кога е неопходна вештачка исхрана, цуцлата со која се храни детето треба да биде во облик на брадавката од дојката. Треба да се настојува ритамот на доењето и должината на траење што повеќе да се приближат како кај природниот начин на исхрана.

Важен фактор, исто така, претставува и положбата на детето при доењето. Млекото не треба да тече во устата под силата на земјината тежа туку детето треба да примени сила. Поради тоа не е правилно детето да се храни во лежечка положба, а шишето да се држи над главата на детето. Детето треба да биде со подисправена глава а шишето да е хоризонтално поставено. Во овој период треба превентивно да се делува и против рахитисот што се постигнува со додавање на витамин Д во исхраната на детето.

Превентивни мерки кај мало дете

Превенцијата од заболувања во периодот до 3 години се однесува најмногу на правилната исхрана. Храната треба да биде разновидна и да овозможи се што е потребно на организмот во развој. Со никнувањето на забите храната треба да биде се потврда.

После никнувањето на млечните молари, помеѓу 12 и 18 месец, детето треба да џвака. Во овој период рефлексот на цицање треба да се замени со рефлексот на џвакање. Правилното џвакање има значење од повеќе аспекти. Допринесува за правилен развој на вилиците, воспоставување на правилни меѓувилични односи и ја зголемува отпорноста на забите кон кариес.

Спречување на лошите навики

Треба да се превземаат и превентивни мерки за спречување на лоши навики кај децата. Се разликуваат:

  • Спречување на навиката за цицање;
  • Навика за дишење на нос;
  • Превенција од прерано губење на забите.

Секогаш кога ќе се споменат лоши навики, се помислува на навиката за цицање на прстите, јазикот, усните, детските играчки и други предмети. Во многу од случаите навиката се губи во втората или третата година од животот, но може детето да ја има се до школската возраст, па и подолго.

Меѓу последиците кои се јавуваат по оваа лоша навика е отворениот загриз. Поради тоа, овие лоши навики треба да се спречуваат уште во самиото настанување. Некои автори предложуваат радикални мерки, како на пример имобилизација на рачниот зглоб. Но, тоа може да биде штетно не само за психичкиот развој на детето, туку може да се јават и некои секундарни лоши навики. Токму поради тоа ваквите методи не се препорачливи. Денес се смета дека прво треба да се утврдат причините за ваквите навики, а потоа да се отстранат. Во некои случаи корисен се покажал долгиот контакт со детето.

Дишењето на нос претставува рефлексна функција. Предуслов за тоа е проодноста на дишните патишта. Дишењето на нос претставува многу важен фактор за нормален раст и развој на детето, па со самото тоа многу е важно да се оневозможат сите фактори кои би довеле до навика за дишење на уста. Ниту новороденчето ниту доенчето не можат да дишат низ уста. Во тој развоен период, високата анатомска положба на гркланот го затвора дишниот пат низ устата. Поради тоа, отокот на носната слузница во овој развоен период би довел до состојба опасна по животот на детето. Дишењето на уста често е последица на опструкција на носните патишта. Поради тоа превенцијата главно се однесува на превенција од настанување на кивавица и воспалување на средното уво кои резултираат со непроодност на носните патишта.

Најчеста причина за губење на забите кај децата е кариесот и неговата компликација. Исто така, голем проблем претставува верувањето дека млечните заби не треба да се чуваат затоа што ќе бидат заменети со трајни. Ова верување може да доведе до тоа родителот да ја запостави негата на млечните заби кај своето дете со што детето може прерано да ги загуби забите. Секој млечен заб има улога во развојот на вилицата, а влијае и на нормалниот однос на горната и долната вилица. Поради тоа превенцијата најпрво се однесува на спречување на настанување на кариес, како и рано лечење доколку настане. Доколку дојде до прерано губење на забот, тогаш превенцијата се однесува на чувањето на просторот за забот кој ќе го замени. Ова се постигнува со специјално изработени ортодонтски апарати наречени чувари на простор.

Заклучок

Превенцијата, во поширока смисла, опфаќа лечење на првите симптоми на неправилниот развој на вилицата. Спроведувањето на одредени вежби како и употребата на некои едноставни апарати со помош на потенцијалот за раст и развој можат да ги исправат настанатите пореметувања.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 16.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија