Зошто пушењето е штетно за усната празнина?

студент по стоматологија

Пушењето претставува вдишување на чад од растение што гори, особено на тутунот од цигарите, од пура или луле. И покрај големиот број на медицински совети против пушењето, оваа навика е раширена насекаде низ светот.

Најголемиот број на луѓе се свесни дека пушењето тутун ги уништува нивните белите дробови, срцето и дека го зголемува ризикот за карцином. Ретко сепак се свесни за тоа дека оваа навика може да предизвика патолошки проблеми во усната празнина.

Но, зошто пушењето го нарушува оралното здравје?

Прво, тутунот содржи никотин како и други алкалоиди. Н-нитрозамините се состојки кои се сметаат за најзначајни канцерогени агенси во тутунот. Овие канцерогени состојки можат да го иницираат појавувањето на орален кацином на ист начин како што го иницират појавувањето на било кој друг карцином (на пример белодробниот). Количеството катран во цигарите има значаен ефект врз можноста за појава на орален карцином. Цигарите кои содржат до 22мг катран се класифицират како меки или средни цигари, а оние кои содржат повеќе од 22мг се вбројуват во тврди цигари. Пушачите кои користат меки или средни цигари имаат 8,6 пати поголема можност да заболат од орален карцином во споредба со непушачите. Додека пак, оние кои користат тврди цигари, се изложени 16,4 пати за појава на овој карцином.

Покрај ова, тутунот предизвикува и:

  • Недостаток на витамин Ц во организмот, а тоа се рефлектира на сите мезенхимални ткива на забите (периодонциумот, пулпата и дентинот). Тоа посебно се одразува на дентинот, каде тутунот т.е. недостатокот на витаминот Ц предизвикува дегенерација на одонтобластите. Тоа исто така предизивикува и зголемена капиларна пропустливост што условува крварење во пулпата. Исто така овој дефицит се одразува и на емаилот кој не спаѓа во овие мезодермални ткива. Ова вклучува иреверзибилни промени, бидејќи амелобластите се извонредно чувствивтелни и не се регенерираат по дополнителниот витамински внес. Токму ова е причината зошто пушачите имаат потемни заби.
  • Забрзување на формирањето на забен камен, кој претставува цврста наслага на забите која се создава со минерализација на супрагингивалниот дентален плак. Забниот камен е директно поврзан со периодонталната болест. Цврсто прилепувајќи се за структурата на забот ја оневозможува правилната хигиена во устата, а од друга страна служи како резервоар на бактериски токсини. Тоа дирекно доведува до запалување на слузницата на устата, нејзино повлекување и оголување на забите.
  • Halitosis, односно непријатен здив од устата кој влијае негативно на психолошката состојба на индивидуата. Всушност, пушењето ја поттикнува ксеростомијата (сувоста на устата) која е поврзана и со пародонтопатијата која сама по себе го влошува проблемот со непријатниот здив во устата.
  • Предизвикува хронично воспаление на усната слузница, што се случува кај долгорочните пушачи. Оваа слузница е поподложена на Н-нитрозамините, па затоа кај пушачите, почесто отколку кај непушачите се појавуваат разни видови тумори.

 

Пигментирани заби од никотин, покриени со забен камен како и несвежиот и непријатен здив се најчестите видливи последици кои се појавуваат од пушењето на цигари. Тоа е една од основните пречки за достигнување на убав изглед. Дури ни најдобриот парфем не може да го убие мирисот на тутун.

Затоа, откажувањето од оваа навика може да го врати општото и оралното здравје како и убавата насмевка ! ! !

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за авторот >>>

www.doktori.mk, 20.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија