Доктори.мк | Акупресура | akupresura | Портал за медицина и здравје

Акупресура

дипломиран физиотерапевт, специјализант за рехабилитација во хирургија, ортопедија и трауматологија

Што е акупресура?

Акупресурата претставува метод на традиционалната кинеска медицина (еден од методите кои се користат во физикалната медицина) кој се извршува со притискање со прстите или одредени помагала на одредени (акупресурни) точки на телото. Со тоа се пружа помош за намалување на тегобите (врз себе или врз другите).

Со акупресурата, според искуствата на традиционалната кинеска медицина, се воспоставува рамнотежа на животната енергија (Чи), односно биоенергијата, што резултира со лекување или санирање на одредени болести, односно тегоби.

Техниката на акупресура според својот квалитет и успешност се наоѓа веднаш зад акупунктурата, а од неа се разликува според тоа што се извршува без бодење со игли на одредените точки по телото.

Главата и вратот вбројуваат 34 акупресурни точки, горните екстремитети - 29, градите и абдоменот - 14, грбот - 15 точки, додека долните екстремитети вбројуваат 51 точка.

Постапка во пракса

Најпрво треба внимателно да се одреди точката или точките на притисок: таа завзема сосема мал простор - околу половина квадратен милиметар.

Кога еднаш ќе ја одредите точката, нема да можете да заборавите каде се наоѓа затоа што таа е „болна“ и осетливоста во тој дел е поголема. Потоа треба да се стимулира таа точка. Познавачот на акупунктурата забодува игла во неа, но речиси исто дејство се постигнува и со масажа на одредената точка.

Врвот на прстот (палец, показалец или среден прст) се поставува на избраната точка и се притиска прилично силно, изведувајќи мали осцилации (благо масирање) со кружење во правец на стрелките на часовникот.

За да се постигне поголема прецизност може да се употребуваат и некои метални предмети, како што е врв од пенкало, нож и сл. Исто така, направен е еден вид на мал напрсток кој се навлекува на прстот. Овој напрсток има издолжен врв кој точно ја покрива точката без да ја премине.

Во наредните статии ќе бидат наведени повеќе акупресурни точки кои може да се стимулираат во секојдневната пракса за намалување на одредени болки и несакани состојби кај човекот (забоболка, главоболка, грчеви, несоница, болки во грлото, стрес и сл.).

 

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот>>>

www.doktori.mk, 02.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина