Витамин Ц

доктор на медицина

Опис

Витаминот Ц или аскорбинската киселина природно го има во овошјето и зеленчукот. Витаминот се апсорбира преку цревата. Остатокот кој не може да се апсорбира се исфрла со урината. Адекватен внес на витамин Ц, по можност преку исхраната, е потребен за оптимално здравје. Уште во времето кога не се знаело што е витамин Ц, луѓето знаеле дека јадењето на одредени врсти овошје превенира скорбут. Витаминот Ц бил изолиран во 1930 година, а во 1934 година била произведена синтетска форма на витаминот Ц од фармацевтската компанија Hoffman-La Roche.

На сите животни им е потребен витамин Ц, но некои од нив можат сами да го синтетизираат. Луѓето заедно со мајмуните, и некои други животни ја имаат изгубено таа способност. Кај луѓето ова се случува поради генетска мутација која го контролира ензимот потребен за синтетизирање на витамин Ц. Како резултат на тоа, луѓето се целосно зависни од внесот на витаминот Ц преку исхраната, а витаминот Ц исто така не може да се депонира во организмот. Тој е растворлив во вода и секое количество кое не може да се искористи веднаш се исфрла со урината. Витаминот Ц не се дистрибуира еднакво низ организамот. Надбубрежните жлезди, хипофизата, тимусот, ретината, мозокот, слезината, белите дробови, црниот дроб, тиреоидната жлезда, тестисите, лимфните жлезди, бубрезите и панкреасот - сите тие имаат многу повисоки концентрации на витаминот Ц отколку што има во крвта.

Одредени здравствени состојби, како дијабетес и хипертензија, можат да доведат до намалување на витаминот Ц. Пушачите и жените кои земаат естроген, како и старите лица, исто така имаат намалени концентрации на витамин Ц.

Стресот е поврзан со дефицит на витамин Ц, исто како и некои медицински и хируршки процедури. Најдено е дека при хемодијализа, пациенти со бубрежни заболувања губат 66 мг витамин Ц за време на една сесија. Слично, и пациенти кои имале трансплантација на бубрези имаат зголемен ризик за дефицит на витамин Ц.

Скорбут

Тежок дефицит на витамин Ц доведува до појава на скорбут, болест која во XXVII век била честа кај патниците на бродови поради недостаток на свежо овошје и други извори на витамин Ц од исхраната. Симптомите на скорбут вклучуваат слабост, крварење, паѓање на забите, крварење на непцата, модрици и болка во зглобовите. Полесни форми на дефицит на витамин Ц даваат понезабележливи симптоми како: губиток на тежина, замор, ослабен имун систем, хематоми и од многу мала траума кои споро заздравуваат, и бавно заздравување на рани.

Ниски концентрации на витамин Ц исто така се поврзани со висок крвен притисок, зголемен ризик од инфаркт, зголемен ризик за развој на катаракта и зголемен ризик за некои карциноми.

Медицинска употреба

Витаминот Ц е важен за превенција на болести и за одржување на здравјето.

Терапевтските ефекти од витаминот Ц вклучуваат:

  • Третман на алергии и астма - Витаминот Ц го има на површината на дишните патишта, па затоа намалени концентрации на витамин Ц се поврзани со бронхална констрикција и намалена функција на белите дробови. Некои испитувања, иако недоволни, ги поврзуваат суплементите на витамин Ц со олеснување на симптомите од астма.
  • Превенција на канцер - Витаминот Ц е познат антиоксиданс и поврзан е со намален ризик од рак на желудникот, белите дробови, дебелото црево и простатата.
  • Превенција на катаракта - Испитувањата покажале дека суплементите на витамин Ц значително го намалуваат ризикот од развој на катаракта, посебно кај жените. Според еден извештај од 2002 година, адекватниот внес на витамин Ц кај жени постари од 60 години, го намалил ризикот од развој на катаракта за 57%.
  • Продукција на колаген - Витаминот Ц учествува во синтезата на колаген, протеин кој ги сврзува клетките на сврзното ткиво. Колагенот е важен за формирање на ‘рскавица, лигаменти, корнеа и други ткива и структури. Исто така, се смета дека витаминот Ц го забрзува заздравувањето на раните и повредите токму поради оваа улога во продукцијата на колаген.
  • Превенција на болест на жолчното ќесе - Според едно испитување со 13 000 испитаници, жените кои дневно земале суплементи на витамин Ц имале 34% помал ризик од развој на жолчни камења, за разлика од тие кои не земале витамин Ц.
  • Зајакнување на имуниот систем - Витаминот Ц ја зголемува продукцијата на белите крвни зрнца и е важен за правилно функционирање на имуниот систем. Ниските концентрации на витаминот Ц се поврзуваат со зголемен ризик од инфекции. Затоа витаминот Ц често се препишува кај HIV позитивни лица, како заштита од инфекции.
  • Неуротрансмитери и хормони - Витаминот Ц е важен во претворањето на некои супстанции во неуротрансмитери, како серотонин, допамин и норепинефрин, кои се важни за правилно функционирање на нервниот систем. Витаминот Ц учествува во продукцијата на хормони на надбубрежната жлезда.
  • Респираторен систем - Високи дози на витамин Ц можат да ги ублажат симптомите од настинка и да го намалат нејзиното времетраење. Витаминот Ц е поврзан со подобрување на функцијата на белите дробови и воопшто на респираторниот систем.
  • Превенција на срцеви заболувања - Некои испитувања покажуваат дека витаминот Ц го намалува тоталниот холестерол и ЛДЛ, а во исто време го зголемува ХДЛ, со што превенира срцеви заболувања. Антиоксидантните својства на витаминот Ц се поврзани со заштита на ѕидот на артериите кај пациентите со коронарна артериска болест. Од друга страна, според некои испитувања, земањето поголеми дози од 500 мг дневно, го задебелува ѕидот на артериите, а со тоа всушност го зголемува ризикот од срцеви заболувања. Ова се должи на улогата на витаминот Ц во продукцијата на колаген. Затоа се потребни понатамошни испитувања за да точно се одредат ризиците и бенефитите од суплементите на витамин Ц. Сега за сега, пациентите со историја на болест на срце треба да избегнуваат дневни дози на витамин Ц повисоки од 200 мг, поради ризикот од задебелување на артериите.
  • Контрола на крвниот притисок - Давањето на 500 мг витамин Ц дневно, го намалило крвниот притисок кај 39 испитаници со хипертензија. Се смета дека витаминот Ц го намалува крвниот притисок преку помагање на функцијата на азот моноксид, гас кој се произведува во организмот и ги дилатира крвните садови. Повторно, неодамнешниот наод дека витаминот Ц го задебелува ѕидот на артериите е контрадикторен на претходното и потребни се дополнителни испитувања.
  • Третман на канцер - Некои научници не се согласуваат со употребата на витаминот Ц во третманот на канцер. Од една страна, испитувањата покажале дека туморските клетки го апсорбираат витаминот Ц побрзо отколку здравите клетки, бидејќи ја загубиле можноста за транспорт на витаминот. Радијацијата и хемотерапијата, стимулираат оксидација и развој на слободни радикали со цел да го запрат растот на туморските клетки. Бидејќи витаминот Ц е антиоксиданс кој ги апсорбира слободните радикали, некои научници сметаат дека може да биде контрапродуктивен во третманите на канцер. Точното влијание на витаминот Ц на пациентите кои се подложени на хемотерапија не е целосно разјаснето и затоа некои научници сметаат дека треба да се избегнуваат суплементи на витамин Ц кај пациенти кои се на ваква терапија. Од друга страна, според друга група на научници, високите дози на витаминот Ц ги заштитуваат здравите клетки и го инхибираат растот на туморските клетки. Според нив, за разлика од здравите клетки кои земаат само онолку витамин Ц колку што им е потребно, туморските клетки, продолжуваат да земаат витамин Ц во вишок и престануваат да растат, но за ова се уште нема in vivo контролирани клинички студии. Според сегашните извршени клинички студии, канцер пациентите треба да избегнуваат земање на суплементи на витамин Ц.

Препарати

Препорачаните вредности за витамин Ц се:

  • 0 до 6 месеци АВ (адекватен внес) 40мг, од мајчиното млеко/формула;
  • 7 до 12 месеци АВ - 50мг;
  • 1 до 3 години РДА (пепорачан дневен внес – Recommended Dietary Allowance) 15мг, УЛ 400мг;
  • 4 до 8 години РДА - 25мг, УЛ 650мг;
  • 9 до 13 години РДА - 45мг УЛ 1200мг;
  • 14 до 18, машки, РДА - 75мг, УЛ 1800мг;
  • 14 до 18, женски, РДА - 65мг, УЛ 1800мг;
  • постари од 19г, машки РДА - 90мг, УЛ 2000мг;
  • постари од 19г, женски, РДА - 75мг, УЛ 2000мг;
  • мажи пушачи, РДА - 125мг, УЛ 200мг;
  • жени пушачи, РДА - 110мг, УЛ 2000мг;
  • бремени жени РДА - 85мг УЛ 2000мг;
  • жени кои дојат РД - 120мг, УЛ 2000мг.

Многу видови на овошје и зелeнчук се богати со витамин Ц. Tука спаѓаат: црвената пиперка, гуава, сок од портокал и црна рибизла. Исто така, добри извори на витамин Ц се: јагодите, папајата, лимоните, кивите, брокулата, доматите итн.

Консумирањето на 5 до 9 порции овошје или зеленчук во текот на денот ги обезбедува потребните количества на витамин Ц. Свежото овошје и зеленчукот содржат најголеми концентрации на витамин Ц.

На следнава листа се прикажани приближните концентации на витамин Ц содржани во некои од производите кои често се консумираат:

  • - портокал, 70мг;
  • - сок од портокал ¾ од чаша, 75мг;
  • - грејпфрут, ½, 44мг;
  • - сок од грејпфрут 3/4 чаша, 60мг;
  • - јагоди, 1 чаша, 82мг;
  • - папаја, 94мг;
  • - патлиџан, 23мг;
  • - црвена пиперка 141мг;
  • - брокула обарена, ½ чаша 62мг;
  • - карфиол, варен, ½ чаша, 27мг;
  • - компир, печен 26мг.

Светлината и топлината можат да ја намалат концентрацијата на витамин Ц, затоа треба правилно да се складираат и да се избегнува предолго готвење.

Суплементите на витамин Ц се друг извор на овој витамин. Лицата кои се со ризик за дефицит на витамин Ц, како пушачите и жените кои земаат орални контрацептиви, треба да земаат витамин Ц суплементи. Суплементите се достапни во различни форми: капсули, таблети, прашоци и течности.

Витаминот Ц се додава и во некои креми за кожа, енергетски пијалаци и друга процесирана храна.

Мерки на претпазливост

Предозирање со витамин Ц може да предизвика наузеа, дијареа, грчеви во стомакот, осип на кожата и зголемено мокрење. Поради зголемен ризик од оштетување на бубрезите, лица кои имаат историја на бубрежни заболувања не треба да земаат повеќе од 200 мг витамин Ц, дневно и треба да се консултираат со лекар пред да почнат со земање суплементи на витамин Ц.

Несакани ефекти

Витаминот Ц може да предизвика дијареа и гадење. Во некои случаи, несаканите ефекти се намалуваат или елиминираат со подесување на дозата на витамин Ц.

Интеракции

Витаминот Ц ја зголемува апсорпцијата на железо и затоа често се препишува заедно со суплементи на железо.

Лицата кои земаат антикоагулантни медикаменти, треба претходно да се консултираат со лекар затоа што високи дози на витамин Ц можат да делуваат на нивната ефикасност.

Големи количини на витамин Ц можат да ги зголемат концентрациите на естроген кај жените кои земаат орални контрацептиви.

Лица кои земаат аспирин, антибиотици и стероиди исто така треба да консултираат лекар пред употреба на суплементи на витамин Ц. Овие лекарства можат да ја зголемат потребата за витамин Ц.

Високи дози на витамин Ц можат да дадат лажно позитивни резултати во тестовите за дијабетес.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 09.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина