Орален пирсинг и орално здравје

магистер по стоматолошки науки

Украсувањето на телото е постојан тренд на различни култури и религии и најверојатно е старо колку и самото човештво. На нашите простори шминкањето, лакирањето нокти, носењето обетки, ланчиња и сл. е многу распространето и е вообичаена појава на која гледаме со одобрување, бидејќи се смета за секојдневен ритуал. Но, денес се почесто се забележуваат лица, особено млади, кои го украсуваат своето тело давајќи му нови димензии и значења, кои ги преминуваат границите на тоа што до сега бевме навикнати да го гледаме.

Што е тоа орален пирсинг?

Орален пирсинг претставува поставување накит на ткивата од усната празнина (јазик, усни, образи, увула, заби), а притоа за тоа да не постои одредено функционално, дијагностичко или терапевтско оправдување. Оралниот пирсинг не е толку безбеден, како што некои лица сакаат да веруваат. Усната празнина е дом на огромен број бактерии и идеално место за развој на инфекции.

Постојат неколку видови на „украсување“ на устата:

  • Усен накит (пирс) кој се поставува со пробивање на ткиво и најчесто е со различни форми и големини, граден од хипоалергични, неотровни материјали. Поставувањето е без анестезија, со пробивање на одреден дел од ткиво со стерилна игла, чија дебелина одговара на делот кој го зацврстува накитот. Овој тип усен накит се поставува во т.н. пирсинг студија, но возможно е и самостојно поставување.
  • Забен накит – мали светкави каменчиња (циркони) со промер од 1-3 мм, кои на соодветен начин се лепат на еден од горните предни заби. Овој тип усен накит се поставува најчесто во стоматолошки ординации и многу лесно може да се отстрани.
  • Тетоважи – тетовирањето на одредени делови од усната празнина, најчесто внатрешната страна на горната и долната вилица кои се тетовираат со различни зборови (имиња на омилени клубови, име на партнер, датум и сл.) и тетоважи на заби. Тетоважите се изработуваат во студија за тетовирање на сличен начин како и тетоважите на кожа.

Најголемиот број лица со некој вид на орален пирсинг се на возраст од 18 до 22 години – возраст на која носењето пирс е предмет на експериментирање и докажување во светот на возрасните, мода или најчесто хир. Посебно е значајно младите на оваа возраст да се едуцираат за потенцијалните опасности и компликации кои можат да бидат последица на оралниот пирсинг.

Оралниот пирсинг и општото здравје

Поставувањето на орален накит може да го загрози општото здравје. Најопасен е оралниот накит кој се поставува со пробивање на ткиво. Примена на нестерилни и несоодветни опреми при поставувањето на орален накит (на јазик, усни, образи и други делови во усната празнина) може да предизвика појава на инфекција. Ширењето на микроорганизмите од местото на пробод на ткивото во крвотокот доведува до бактериемија. Најчесто е асимптоматска, но може да предизвика зголемување на телесната температура, тремор и треска. Во одредени случаи, поретко, може да предизвика и опасен септичен шок, може да доведе до бактериски ендокардитис, септична емболија, мозочен апсцес и сл.

Во зависност од материјалот на оралниот накит може да се појават и алергиски реакции. Најголемиот број на алергиски реакции се забележуваат кај накит кој содржи никел, гром или легури на кобалт и никел. Поради тоа количината на никел која е во непосредна близина со ткивото на организмот е ограничена на 0,05 грама. Ако усниот накит е од злато, се препорачува да има намалку 14-18 карати.

Тетовирањето на слузница на оралната празнина може да биде проследено со: реакција на преосетливост, уртикарија, алергија, може да доведе до појава на хепатитис, инфекции со ХИВ вирус, габични, вирусни и бактериски инфекции. Можна е и појава на меланом и карцином.

Оралниот пирсинг и оралното здравје

Оралниот пирсинг пречи при говорот, џвакањето и голтањето. Компликациите кои во усната празнина се појавуваат како последица на оралниот пирсинг можат да се поделат на рани и доцни.

Рани компликации се појавуваат само за неколку дена по поставувањето на накитот - појава на крварење, хематом, болка, оток, инфекција, опструкција на дишни патишта, оштетување на јазичниот нерв (пратено со трнење, пецкање, парестезија, парализа, пореметен осет за вкус и сл.), пореметување во говорот (станува неразбирлив, посебно при изговор на с, ш, т, ф, в).

Доцни компликации се појавуваат по подолг период од поставување на накитот – појава на алергија, односно преосетливост на метал, оштетување и фрактури на заби, атипични тригеминални невралгии, трауми на слузокожа и гингива, повлекување на гингива, галванизам, прекумерно создавање на забен камен, појава на неестетски лузни, појава на хиперпластични ткивни творби.

При зборување, јадење, па и при спиење забите се ударното место на пирсот. Најчесто забите напукнуваат при самиот удар, а не се ретки ни скршениците. Доколку фрактурата е во ниво на емајл, тоа едноставно се реставрира. Но, доколку фрактурата е во подлабоките слоеви на забот, во зависност од нивото може да резултира и со екстракција на истиот.

Најопасно место за поставување на пирс е увулата (непчената ресичка) поради големата опасност од вдишување во случај на ненадејно паѓање. Но, пирсингот на јазик исто така може да предизвика многу сериозни проблеми. Оток на јазикот може да ги блокира дишните патишта. Повредата на јазичен нерв може да влијае на осетот за вкус, како и на подвижноста на јазикот, со привремено или постојано губење на функцијата. Повреда на крвни садови на јазикот може да доведе до сериозни загуби на крв.

Компликациите кои можат да се појават во усната празнина како последица на тетовирање на слузницата на усната се пред се реакција на страно тело (пигмент од тетоважата) и лихеноидна реакција која може да се манифестира како лихен планус или лупус. Одговорот на организмот од тетовирањето е специфичен и предвидлив. По внес на пигмент под кожата односно слузокожата најпрво доаѓа до иницијално лупење на површните епителни клетки, а потоа следува воспаление со различен интензитет. При тетовирање се употребуваат често нестерилни инструменти, па се јавуваат инфекции со симптоми кои можат да варираат од благи до силно изразени.

Оралниот пирсинг и оралната хигиена

Усниот накит е туѓо тело во усната празнина и може да предизвика механички, хемиски и биолошки здравствени последици. Притоа мора да се води контрола на орално-хигиенските мерки, а за тоа најдобро е да се посетува стоматолог.

На местата каде што се наоѓа усниот накит, поради отежнатото чистење, лесно се насобираат остатоци од храна, што можат значајно да придонесат за непријатен мирис од устата. Покрај тоа полесно се создава плак, се насобира забен камен, што може да доведе до појава на кариес и гингивит.

Хигиената е особена важна, а тука помагаат и посебно дизајнираните забни четки кои се прилагодуваат за чистење на тешко достапните места. Посебно треба да се внимава да не дојде до несакано откинување на забниот накит, бидејќи може да доведе до опасност да се проголта или вдише.

Заклучок

Иако поставувањето накит е нешто што постои со столетија и е вкоренето во човечката традиција, со начинот на украсување на телата не треба да се претерува, бидејќи тоа може да доведе до бројни здравствени компликации - локални, но и со фатален крај.

Она со кое повеќето од вас ќе се согласат е дека здравите и природни заби се најубавиот украс на секој поединец!

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 08.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија