Хомеопатија

магистер по фармација

Хомеопатијата е форма на алтернативна медицина каде што пациентите се лечат со високо дилуирани препарати, најчесто во форма на таблети, за кои се верува дека предизвикуваат кај пациентот слични симптоми какви што пациентот има. Зборот хомеопатија доаѓа од грчките зборови homoeo што значи слично, и pathos што значи болување, патење.

Принцип „слично се лекува со слично“

Принципот на лекување „слично со слично“ датира уште од времето на Хипократ (460-377 п.н.е.), а хомеопатијата се користи повеќе од 200 години ширум светот. Развиена е од страна на германскиот доктор Самуил Ханеман. Тој верувал дека животот зависи од невидлива „витална сила" која струи низ телото и доколку нешто ја попречи оваа сила ќе доведе до болест. Хомеопатијата се базира на принципот дека може да се лекува „слично со слично", односно супстанција која што предизвикува одредени симптоми земена во големи дози, може да се користи во мали количини за лечење на истите тие симптоми. На пример, пиењето на преголемо количество кафе може да предизвика поспаност и раздразливост, па според овој принцип, кафето формулирано во хомеопатски лек, може да се користи за лекување на овие симптоми.

Овој принцип понекогаш се користи и во конвенционалната медицина, како на пример: мали дози на алергени, како полен, некогаш се користат за десензибилизација на пациенти со алергија, или како вакцините, каде што импотентната форма на вирусот се користи за потикнување на имуниот систем. Меѓутоа, разликата во хомеопатските лекови е во тоа што тие се направени во ултра високи разредувања, што ги прави нетоксични.

Приготвување на хомеопатски лекови

Хомеопатските лекови се приготвуваат од страна на специјализирани фармацевти, користејќи внимателен процес на дилуција и силно мешање. Науката сé уште не може да го објасни механизмот на делување на ултрадилуираните супстанции во организмот, но многу лабораториски експерименти покажале дека хомеопатски приготвените супстанции покажуваат биолошки ефекти.

Една теорија е дека за време на производниот процес на хомеопатски лекови, разредувањето и силното мешање предизвикуваат интеракција меѓу оригиналниот материјал (пример, растението Belladonna) и водата или алкохолот со кој се мешаат. Со ова се создаваат нови структури (наноструктури) што претставуваат „активна компонента" и се константни при натамошно разредување.

Што се хомеопатски лекови?

Тоа се лекови кои што се екстремно разредени, еден дел од лекот со околу 1,000,000,000,000 делови вода. Без разлика колку симптоми се пројавени, се користи само еден хомеопатски лек за сите симптоми. Како материјал може да се користат растенија, минерали или пак супстанции од животинско потекло.

За какви симптоми се корисни?

Голема палета на симптоми е опфатена: модринки, болка, инфламација, шок, емоционална вознемиреност, акни, зголемен апетит, омалаксаност, тешкотии при уринирање, печење и зголемена потреба за уринирање, намалена концентрација, пречувствителност, тага, слаба дигестија, подуеност, наузеа, болка и црвенило при бодежи од инсекти, главоболка, неодморност, инсомниа, вртоглавица, ладни екстремитети, испукани и болни усни, солзави очи, конгестија, притисок во синусите, кашлица, тешко дишење, восок во ушите, егзема, едема, треска, хемороиди, менопауза, предменструален синдром, кинетози, реума, 'рчење, спортски повреди, стрес, варикозни вени, витилиго и многу други, како и за детоксифицирање на црн дроб и бубрези.

Зошто да користите хомеопатски лекови?

  • Екстремно се ефикасни. Кога се зема соодветниот лек, резултатите се брзи, комплетни и трајни.
  • Комплетно се безбедни. Дури и бебиња и бремени жени може да ги користат. Може да се земаат заедно и со друг лек, без да предизвикаат несакани ефекти.
  • Природни се, главно базирани на растителни состојки.
  • Хомеопатските лекови функционираат во хармонија со имуниот систем, за разлика од некои конвенционални лекови кои вршат супресија на имуниот систем.
  • Не предизвикуваат зависност – штом ќе почувствувате подобрување, престанете да ги земате. Доколку нема подобрување, значи земате погрешен хомеопатски лек.
  • Ги третираат сите симптоми како еден, што практично значи дека ја третираат причината, а не симптомите. Често се случува да не се повторат симптомите кои веќе се излекувани со хомеопатски лек.

Секако, не е сé така сјајно како што изгледа. Има две главни бариери кои влијаат на ефективната употреба на хомеопатските лекови:

  • Пропишувањето на соодветниот хомеопатски лек бара малку повеќе време и трпение од конвенционалната медицина. Мора да се земе правилниот лек за постоечките симптоми. Не постои такво нешто како стандарден хомеопатски лек (што не значи и дека не се продаваат такви лекови, нажалост). Лекот кој го земате мора да се совпаѓа со болката што ја чувствувате, хомеопатот мора да Ви постави прашања - каде се појавува, што ја поттикнува, каков вид на болка е, што ја намалува, што ја влошува, состојбата на вашиот ум, и какви други симптоми имате.
  • Тесниот опсег на постоечки хомеопатски лекови може да предизвика проблем, бидејќи ако лекот, од постоечките често употребувани околу 30-тина, не е соодветен, тогаш тешко може да се најде друг.

Дали хомеопатијата навистина делува?

Проблемот е во тоа што нема медицински докази дека хомеопатијата навистина делува, и дека е супериорна од плацебо ефектот. Се квалификува како псевдонаука, бидејќи е контрадикторна на сите закони на физиката, хемијата и фармакологијата. Повеќе е систем базиран на верување отколку на медицина. Многу луѓе користат хомеопатски лекови, затоа што веруваат дека им помагаат, ова може да се плацебо ефекти или пак од некои други фактори. За бенигни болести нема да бидат штетни, но за потешки болести ако се потпрете само на употребата на хомеопатија, без да користите други лекови, тоа може да биде ризично по Вашето здравје.

На Вас останува да одлучите дали ќе пробате терапија со хомеопатија. Во секој случај, не губите ништо, ако верувате дека ќе ви помогне, тогаш навистина може да ви помогне. Наш совет е секогаш да се консултирате со Вашиот лекар (хомеопат), без разлика на тежината на симптомите, и да ги не земате на своја рака, иако хомеопатските лекови се издаваат без рецепт.

 

И запомнете, здравиот човек има милион желби, а болниот само една – да оздрави. Затоа трудете се секогаш да го одржувате Вашето здравје - тоа е состојба, а не цел која треба да ја достигнете.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

објавено на  2012-01-05

www.doktori.mk, 21.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина