Доктори.мк | Анорексија нервоса | anoreksija-nervosa | Портал за медицина и здравје

Анорексија нервоса

студент по медицина

Што е анорексија?

Анорексијата се дефинира како хронично, тешко пореметување во исхраната, најчесто предизвикано од емоционални нарушувања. Во центарот на ова пореметување како главни причини за негово настанување се јавуваат стравот од дебелеење и желбата за совршено тело, кои се јавуваат како резултат на секојдневниот притисок за идентичен изглед како моделите од модните списанија.

Анорексијата во однос на полот почесто се јавува кај жените отколку кај мажите, а во однос на возраста почесто се јавува во пубертетот во споредба со возрасните индивидуи. Најчесто варира во границите помеѓу 12 и 25 годишна возраст.

Почеток на анорексијата, физички и психички знаци

Почетокот на анорексијата најчесто е со прифаќање на неправилните диети со кои од ден на ден се повеќе се намалува внесувањето на храна и постои интензивен страв од дебелеење. Тоа доведува до намалување на апетитот, екстремно намалување на телесната тежина и практикување на интензивни вежби со цел уште поголемо намалување на обемот на телото. Како резултат на овие промени се јавуваат физички и психолошки симптоми, кои ја карактеризираат анорексијата како тешко психолошко пореметување. Таа претставува и огромна опасност по животот на индивидуата.

Физички знаци кои ја карактеризираат анорексијата се: екстремна загуба на тежината, умор, вртоглавица, кршливи нокти, отсуство на менструација, дехидратација, опстипација, сува кожа, нерегулиран срцев ритам, хронична несоница, потиснати сексуални нагони и електролитен дисбаланс.

Психички знаци кои ја карактеризираат анорексијата се: одбивност кон храна, негирање на чувството за глад, проблеми со концентрацијата, преокупираност со одредување на калориските вредности на храната која што ја консумира индивидуата, неискажување на емоциите, постојано мерење на телесната тежина, депресија, анксиозност, опсесии и наркотичка зависност.

Во склоп на анорексијата многу често се јавува и булимијата како придружна состојба.

Причини за анорексија

Најчестите причини кои доведуваат до појава на анорексијата се поврзани со модерниот, интензивен начин на живот. Намалената самодоверба често се поврзува со појавата на анорексија. На пример, индивидуата подлегнува на притисокот од родителите кои премногу се грижат за својот физички изглед. Подлегнува и на влијанието од околината и социолошките услови во кои се развива и живее индивидуата.

Анорексијата води кон сериозни здравствени компликации, па дури и до смрт!

Во однос на смртноста, анорексијата има најголема стапка на смртност од сите психички болести со околу 10%. Смртта може да настапи неочекувано, не само поради губиток на телесната тежина, туку и како резултат на компликациите кои се јавуваат под влијание на анорексијата. Најчести компликации се: неправилна работа на срцето - аритмија, електролитен дисбаланс и трајни оштетувања на мозокот.

Третман на анорексија

Лекувањето на анорексијата е тежок процес кој што трае подолг временски период и за кој што е неопходна неограничена поддршка од блиското семејство и пријателите. Најчесто, започнувањето со лекување е тешко бидејќи индивидуата која пати од анорексија често пати негира дека има проблеми. Поради тоа потребно е трпение и огромна желба за пружање на помош. Лекувањето на анорексијата се состои од психотерапија, со помош на која се откриваат емоционалните проблеми кои довеле до нејзината појава. Може да се користи медикаментозна терапија, како што се антидепресиви, анксиолитици, витамини и средства за појачување на имунитетот. Потребно е воведување на соодветен режим на исхрана и редовни медицински контроли, а најважна од се е поддршката од фамилијата. Со правилно лекување се постигнува подобрување на состојбата на пациентот и целосно опоравување со тек на времето. Сепак, во околу 20% од случаите се јавуваат рецидиви.

 

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 03.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина