Фацијални фрактури

доктор по стоматологија
Специјалистичка ординација по ортодонција “Д-р Радевски” - Демир Хисар

 

Траумите на лицевата регија најчесто резултираат со повреди на меките ткива, забите, како и коскените структури на лицето, вклучувајќи ја: мандибулата, зигоматико-максиларниот комплекс и супраорбиталната регија. Овие повреди најчесто се асоцирани со повреди и на други делови од телото. Згрижувањето и рехабилитацијата на овие пациенти подразбира потполно познавање на оваа проблематика, со што би можело да се постави соодветната дијагноза, а во однос на тоа и соодветен хируршки третман.

Прв чекор – Проценка на виталните знаци

Непосредната проценка на овие повреди има за цел прво да ги реши критичните повреди кои можат да бидат животозагрозувачки. Првиот чекор е да се процени кардио-пулмоналната стабилност на пациентот, да се воспостави проток на воздух и адекватна вентилација. Виталните знаци, вклучувајќи ја респирацијата, пулсот и крвниот притисок, треба да се евидентираат.

Причини и симптоми

Многу различни ситуации можат до доведат до фрактура на лицевиот масив. Така на пример, сообраќајни незгоди, падови, спортски повреди, повреди при физички пресметки, убодни и прострелни рани, како и многу на нив слични ситуации. Секогаш треба да имаме на ум дека овие повреди не се изолирани, туку често асоцирани со повреди на другите делови на телото, кои никако не смеат да бидат занемарени.

Симптоматологијата зависи од тоа на кој дел е локализирана фрактурата, бидејќи покрај симптомите што важат за секоја фрактура, има и специфични симптоми кои се појавуваат само кај фрактури на одредени коски. Понекогаш симптомите можат да ни укажат на повреда на меките ткива без да имаме фрактура на коска, па така на пример: болката, отокот и хематомот не секогаш укажуваат на некаков вид фрактура.

1. Фрактура на носниот скелет

Доколку повредата е лоцирана на коренот на носот може да дојде до фрактура на коските во внатрешноста на носната празнина, како што е дел од етмоидалната коска, при што имаме јасно крварење од носот, оток, болка, деформитет и зголемен сензибилитет во тој дел. Обично доколку постои крвен коагулум лекарот секогаш поставува дрен за да го отстрани, а фрактурираниот дел може мануелно да се репозиционира, се разбира доколку има услови за тоа. Во секој друг случај, терапијата е хируршка.

2. Фрактура на мандибула

Повредите во пределот на мандибулата можат да бидат најразновидни. Покрај отворени и затворени фрактури, постојат и фрактури на корпусот на мандибулата, фрактури на ангулус мандибуле и рамус мандибуле фрактури. Речиси заедничка за сите е острата болка во делот на повредата, неможност за отварање или затворање на вилицата, неможност за поставување на забите во нормооклузија и многу карактеристично постоење на модринки под јазикот кои секогаш укажуваат на суспектна фрактура на мандибула. Терапијата зависи од тоа дали е фрактурата од отворен или затворен тип. Оние од отворен тип бараат хоспитализација и обавезна антибиотска терапија, додека кај затворените фрактури индициран е исклучиво хируршки третман.

3. Фрактури во предел на максила (среден лицев масив)

При фрактура во предел на средниот лицев масив многу често пациентот се жали на проблеми со видот, проблем со дишењето и неможност да се допрат забите, како и видливи хематоми во предел на очите. Риноликворејата, епистаксата, како и силно изразените хематоми не се воопшто наивни симптоми и мораат многу брзо и правилно да се санираат. Кај овие фрактури лицето е елонгирано и многу пати можеме сосем јасно да го воочиме фрактурираниот дел. Во вакви случаи пациентите многу често се наоѓаат во бесвесна состојба. Во оваа група фрактури спагаат трите вида на фрактури по Ле Форт (I,II,III), кои се издвојуваат една од друга по својата локализација, по симптоматологијата, па и по видот на терапијата. Важно е да се напомене дека ако не бидат брзо и правилно згрижени можат да бидат животозагрозувачки. Обично поради нивната локализација фрактурите на средниот лицев масив речиси секогаш се третираат хируршки и со подолг период на заздравување од останатите.

4. Зигоматична фрактура

Овој вид на фрактура ја зафаќа зигоматичната коска и се карактеризира со плоснатост на образот, визуелни пореметувања, променета сензација под окото на погодената страна, болка при движење на вилицата, како и крвен подлив на долниот очен капак на афектираната страна. При овој вид фрактура речиси секогаш е индицирана хируршка терапија, и од функционален и од естетски аспект.

5. Орбитална фрактура

Орбиталната фрактура може да биде лоцирана на било кој дел од орбитата, односно очната празнина, каде е сместен органот за вид, со сета своја содржина. Се забележува вдлабнатост на очите (енофталмус), променета сензација под окото на повредената страна и диплопија, особено со поглед нагоре. Терапијата зависи од тоа колку од виталните структури се оштетени при фрактурата па така може да биде и конзервативна, но многу почесто е хируршка, посебно кога во анамнестичките податоци пациентот ни наведе проблем со видот.

6. Темпоромандибуларна дислокација

Најчесто е добиена при удар во предел на зглобот, при подолго отворање на устата или насилно отворање, како и асоцирана со останатите фацијални фреактури. Се забележува девијација на виличните структури, назначен тризмус, видлива асиметрија, како и силна и тапа болка. Во згрижувањето на овој вид фрактури обично хируршки се санираат повредите, но секогаш тоа е придружено со некој миорелаксант поради обавезното релаксирање на мускулатурата или аналгезија со локален анестетик.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 30.12.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина