Доктори.мк | Зошто е важна комбинацијата на Витамин А и Витамин Е? | zosto-e-vazna-kombinacija-na-vitamin-A-vitamin-E | Портал за медицина и здравје

Зошто е важна комбинацијата на Витамин А и Витамин Е?

доктор на медицина

Опис

Витамин А и витамин Е спаѓаат во витамини растворливи во масти, кои се неопходни за доброто здравје. Тие имаат важна улога како антиоксиданси со тоа што го превенираат оштетувањето на клетките од слободните радикали. Соодветни количини од двата витамина се важни за добар вид, за правилна функција на имунолошкиот, скелетниот, респираторниот и репродуктивниот систем, како и сврзното ткиво (кожа, коса и нокти).

Употреба

Витамините А и Е се неопходни за оптимално функционирање на имунолошкиот систем, здрави очи и кожа, како и заштита на целиот организам. Исто така се поврзани со превенција на голем број на болести. Терапевтските придобивки се:

  • Превенција и третман на рак - Витамините А и Е се познати антиоксиданси кои допринесуваат за намалување на ризикот од појава на рак на гастроинтестиналениот систем, грлото на матката, простатата, белите дробови и рак на дојката. Како дополнителна терапија во третманот на рак, покажано е дека го инхибираат растот на туморите на простатата и предизвикуваат самоуништување на канцерските клетки. Се смета дека високите дози на антиоксиданси можат да ја зголемат ефикасноста на радијационата терапија, а во исто време и да ги заштитат здравите клетки од оштетување.
  • Заштита на имунолошкиот систем - Витамините А и Е ја зајакнуваат функцијата на имунолошкиот систем.
  • Стимулација на регенерацијата на слузокожата и кожата - Го скратуваат времето на пролонгирано кашлање после инфекции на респираторниот тракт.
  • Нега на кожата - Се смета дека Витамините А и Е ја зголемуваат толеранцијата кон УВ зраците. Го забавуваат процесот на појава на брчки и дамки на кожата. Исто така, се користат и во третманот на рани за нивно побрзо заздравување. Поволно делуваат на растот на косата и ноктите.
  • Превенција на болести на очите - Суплементарната терапија со Витамините А и Е значајно го намалува ризикот од катаракта и макуларна дегенерација.
  • Третман на болести на црниот дроб - Витамините А и Е можат да го заштитат црниот дроб од болести.
  • Третман на дијабетес - Витамините А и Е можат да помогнат кај пациенти со дијабетес, да го искористуваат инсулинот поефикасно. Исто така се покажало дека се ефикасни и кај третманот на дијабетичната невропатија.
  • Плодност - Витамините А и Е ја подобруваат функцијата на спермата и на репродуктивниот систем воопшто.

Дефицит на Витамините А и Е

Недостаток на овие витамини е поверојатно да се појави кај лица кои се потхранети, како алкохоличари, хронично болни, како и оние со нарушена апсорпција на масти и болни од дијабет тип 1, кај кои болеста не е добро контролирана.

Внес на препорачаната дневна доза на Витамините А и Е ќе го превенира дефицитот на овие витамини кај повеќето луѓе, но во одредени случаи, потребни се повисоки дози. Исто така, и на лица кои земаат одредени медикаменти, вклучувајќи орални контарацептиви, метотрексат, холестипол, холестирамин и други лекарства кои ја секвестираат жолчката, им се потребни повисоки дози на витамини А и Е. Потоа на пациенти кои се потхранети, хронични болни, постоперативни или пациенти на радијациона или хемотерапија, исто така им се потребни повисоки дози од вообичаените. Други состојби кои можат да доведат до недостаток на витамините А и Е се хронична дијареа, цистична фиброза и болести на црниот дроб и бубрезите. Болни од дијабетес често имаат дефицит на витамините А и Е, но исто така се поподложни на нивните токсични дејства. Затоа во овој случај пред да се почне со употреба на било какви суплементи, треба да се консултира лекар.

Дозирање

Суплементите на витаминот А се означени со старата ознака ИЕ (интернационални единици) или новата РЕ (ретинол еквивалент). Еден РЕ е еднаков на еден микрограм ретинол или шест микрограми на бета каротен. Возрасните не треба да земаат повеќе од 25 000 ИЕ (5 000 РЕ) на ден витамин А во активна форма, а кај бремени жени или оние кои планираат да останат бремени лимитот е 10 000 ИЕ (2000 РЕ).

Американските препораки за дневен диететски внес (RDA) на алфа-токоферолот како форма на витамин Е се: мажи - 10 мг или 15 ИЕ, жени - 8 мг или 12 ИЕ, бремени жени - 10 мг или 15 ИЕ и жени кои дојат: 12 мг или 18 ИЕ.

Несакани ефекти

Витаминот Е генерално добро се толерира и несаканите ефекти се ретки. Но, кај некои лица кои имаат дефицит на витамин К, витаминот Е може да го зголеми ризикот од крварење. Предозирањето со витамин Е (преку 536 мг) може да предизвика гадење, дијареа, главоболки, болки во стомакот, крварење, покачен крвен притисок и замор.

Предозирање со витамин А може да предизвика суви усни и кожа, болка во коските и зглобовите, хепато- и спленомегалија, дијареа, повраќање, главоболки, заматен или двоен вид, конфузност, иритабилност и замор. Симптомите најчесто се реверзибилни, но треба да се побара лекарска помош. Посебно е значајно да се избегне предозирање за време на бременоста, поради можност за спонтан абортус и деформации на фетусот. Пациентите со болести на бубрезите исто така се со висок ризик за токсичност од витамин А и не смеат да земаат суплементи на витамин А без претходна консултација со лекар.

Мерки на претпазливост

Пациенти со ревматско срцево заболување, дефицит на железо, анемија, хипертензија или тиреоидна дисфункција треба да се консултираат со лекар пред да започнат да употребуваат суплементи на витамин Е.

Интеракции

Витамин А суплементите не смеат да се земаат заедно со други ретиноидни лекови, поради висок ризик од токсичност. Диета со низок внес на масти ја нарушува апсорпцијата на сите липосолубилни масти, вклучувајки ги и витамините А и Е. Минералните масла и антациди кои содржат алуминиум, како и лекарствата за намалување на холестеролот, исто така ја инхибираат апсопцијата на витамините А и Е. Голем број на супстанци ги намалуваат резервите на овие витамини, а тука спаѓаат: алкохол, барбитурати, кофеин, кортизон, тутун и др. Испитувањата направени кај деца и бремени жени со феродефицитна анемија покажале дека оваа состојба подобро се третира со комбинација на суплементи на железо заедно со суплементи на витамини А и Е, отколку само со суплементи на железо, со оглед на тоа дека неорганските суплементи на железо го поништуваат дејството на витаминот Е. Лицата кои се на антикоагулантна или антиконвулзивна терапија треба да се советуваат со лекар пред да започнат со користење суплементи на витамин Е.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 27.12.2011

Последна вест

Најчитани статии - фармација