Интервју со Евгениј Поп Ацев, дипломиран доктор по стоматологија – најдобриот македонски маратонски пливач

Евгениј Поп Ацев е моментално несомнено најдобриот македонски маратонски пливач.

Наследникот на Климе Савин, Атина и Дики Бојаџи, Нико Нестор и Томи Стефановски, сезоната ја заврши на третото место во генералниот пласман на Гран-при серијата на ФИНА, што претставува најголем пливачки успех во поновата историја на Македонија.

Поради спортските успеси и убавата промоција на нашата држава во светот, 23-годишниот Скопјанец во јуни 2011 заслужено од Агенцијата за млади и спорт (АМС) доби стипендиски договор за стекнат статус – Спортист од меѓународна категорија во времетраење од две години.

Она што нам ни причинува посебно задоволство е што Евгениј можеме да го сметаме за еден од нас. Имено, д-р Поп Ацев покрај успешната пливачка кариера може да се пофали и со диплома од Стоматолошкиот факултет. И после кажете дека докторите не ги бивало за спорт... 2011 година беше повеќе од успешна за Поп Ацев, на секое поле. Тоа беше и повод Доктори.мк да поразговара со „едниот од нас“...

 

Доктори.мк: Здраво Евгениј, најпрво сакаме да изразиме задоволство што одвои време да одговориш на нашите прашања.

Евгениј Поп Ацев: Најнапред поздрав до вас и вашите читатели.

 

Доктори.мк: За почеток, како се гледаш себе си? Како стоматолог кој се занимава со пливање или како пливач кој се занимава со стоматологија? :-)

Е.П.А.: Па, бидејќи се запишав на стоматологија и планирам понатаму во животот тоа да го работам, нормално е дека се чувствувам како стоматолог кој се занимава со пливање. Иако многу често овие две професии знаат да се измешаат.

 

Доктори.мк: Од која возраст почна да се занимаваш со пливање? И како, после се, се роди желбата да станеш маратонски пливач?

Е.П.А.: Пливање почнав да тренирам на 9 годишна возраст. Подоцна сфатив дека повеќе ми „оди“ пливање на подолги патеки и дека со маратонското пливање можам да постигнам подобри резултати. Така полека почнав да се префрлам на маратонско пливање.

 

Доктори.мк: А, кога реши да станеш стоматолог? Што те натера да ја одбереш оваа професија?

Е.П.А.: Решив во претпоследната година од средното училиште дека сакам да бидам стоматолог. Едноставно ми се допаѓаше таа професија, а и моите родители се стоматолози, па некако сакав да го наследам занаетот.

 

Доктори.мк: Како изгледа тренингот на врвниот маратонски пливач? Сигурно не е лесно да се препливаат 30 и повеќе километри. Како изгледаат припремите за пливачката сезона и како мораш да се однесуваш за време на сезоната?

Е.П.А.: Главниот тренинг е пливање во базен од околу 2 часа, понекогаш и наутро и навечер. Плус тренинг на суво - трчање или вежбање во теретана.

 

Доктори.мк: Во текот на пливањето сигурно има и „кризни периоди“. Можеш ли да им објасниш на нашите читатели со каков напор се справува во тие моменти твојот организам? Кој е најтешкиот проблем што си го имал во текот на пливањето во твојата кариера?

Е.П.А.: Има кризни моменти, некогаш тие траат подолго, а некогаш пократко. Некогаш не ни завршуваат до крајот на трката, а некогаш не ги ни има. Се зависи од спремноста и тактиката на пливање. Кризните моменти се резултат на премореност на мускулите, дехидратација и губење на енергија. Најтежок момент ми бил хипотермијата која ми се јави во Канада поради студената вода. Тој кризен момент не проаѓа, само се влошува со текот на трката.

 

Доктори.мк: Што сметаш за најголем успех во твојата пливачка кариера? Која трка ќе ти остане засекогаш во паметење?

Е.П.А.: Најголем успех во мојата кариера е третото место на крајот на годинава во севкупниот поредок на Гран-при серијата. А, трка за паметење - Охридскиот маратон оваа година каде со Томи Стефановски го освоивме второто и третото место.

 

Доктори.мк: Светот на маратонските пливачи е мала и интересна заедница на храбри и физички многу силни момци и девојки. Дали во текот на сезоната има дружба меѓу пливачите? Имаш ли некоја интересна анегдота од твоите патувања по светот што би сакал да ја споделиш со нашите читатели?

Е.П.А.: Тоа е убавината на спортот - шетањето околу светот, запознавањето нови луѓе и создавањето нови пријателства. Има многу дружба, а забава малку помалце бидејќи сите некако се фокусирани на натпреварот. Исто така и ривалството е дел од тоа дружење. А секогаш сме интересна дружина бидејќи секој доаѓа од различна страна на светот. Среќа што сите зборуваат англиски...

 

Доктори.мк: 2011 година секако ќе ти остане во паметење. Освен тоа што во неа стана официјално трет пливач во светот во маратонското пливање, успеа и да дипломираш на Стоматолошкиот факултет. Како успеваше овие години навремено да ги исполнуваш обврските на факултетот, а истовремено и да постигнуваш големи успеси на спортски план? Беше ли тешко сето тоа? Какви жртви мораше да направиш?

Е.П.А.: Па се успева сите обврски да се обават, само треба да си имаш план и навика, да работиш секој ден и тоа да си го поставиш како обврска. Искрено, беше тешко и напорно, посебно во колоквиумските недели и зимното време. Морав да си го жртвувам попладневниот одмор, помалку и времето за учење и секако времето за забава, иако секогаш на крај на денот си се чувствував задоволен што сум го искористил денот максимално.

 

Доктори.мк: Што понатаму? Кои се твоите планови за наредната година? Ќе продолжиш ли со настапите во ФИНА Гран-при серијата или ќе се посветиш повеќе на стоматологијата?

Е.П.А.: Планирам да настапувам и догодина на Гран-при трките и плус на уште некои трки, но морам и да го обавам стажот до крајот на летото. По завршувањето на летото не се знае... Зависи кои прилики ќе ми се отворат. Важно не планирам да престанам ни со пливањето ни со стоматологијата. Само ќе мора во иднина да одлучам што ќе ми биде примарно.

 

Доктори.мк: Докторе, ти посакуваме од се срце многу успеси и во иднина, како на пливачки, така и на стоматолошки план. За крај, што би им препорачал на нашите читатели што сакаат да се занимаваат со спорт?

Е.П.А.: Ви благодарам многу. На читателите кои сакаат да спортуваат им препорачувам да си спортуваат почесто, првенствено заради здравјето и рекреацијата. Не би им посочил кој спорт бидејќи секој спорт е убав и посебен сам за себе. Нека си го одберат спортот кој намногу ги влече и им изгледа најзабавен.

www.doktori.mk, 04.01.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости