Акупунктура – дел од традиционалната медицина

студент по медицина

Контроверзна, ама секогаш чудесна, акупунктурата во период од преку 5000 години останала метода во третманот на најразлични заболувања во традиционалната ориентална медицина. Грубо кажано, акупунктурата претставува инсерција на тенки игли во определени точки на телото, со цел да ги намали физичките, психичките и емоционалните болки. Сепак, акупунктурата не е единствена форма на пункција, туку е нејзина посебна форма. Други форми се пресопунктурата, која претставува масирање на одредени точки на дланката и стапалото, наречени дермовисцерални точки и електропунктурата, која се занимава со електрична стимулација на акупунктурните точки со истите терапевтски цели. Друга посебна рамка претставува и електродијагностиката, која ги проучува мерењата на електричните параметри на кожата со цел дијагностицирање на внатрешните болки (особено гастроентеролошки и циркулаторни, ама и неуролошки и реуматски).

Енергетски канали на телото

Во традиционалната ориентална медицина постојат 12 меридијани кои се поврзуваат во телото центрифугално (од внатрешните органи кон кожата), како и на површината на кожата - кои завршуваат на екстремитетите (дланки и стапала). Овие меридијани, наречени и енергетски канали, по нивниот траект ги содржат точките кои се стимулирани при акупунктура.

Науката долго време бара морфолошка основа на акупунктурата, поточно што е тоа што ги поврзува овие точки на пунктура на кожата со специфичните внатрешни органи. Со развојот на физиологијата, поточно електрофизиологијата, се дошло до заклучок дека кожата на ниво на меридијаните има намален електричен отпор во споредба со соседните предели на кожата. Исто така се заклучило дека разликата на електричен потенцијал измеѓу одредени точки на патот на меридијанот е поголем одколку на кожата околу нив. А, нискиот отпор комбиниран со високиот електричен потенцијал, доведува до заклучок дека овие патеки претставуваат еден вид на батерии на телото и дека основата не е морфолошка туку енергетска.

Неодамнешните ултрасонографски студии со високи перформанси, открија специјално распределување на конјуктивните влакна во дермот околу меридијаните. Ова уште останува тема за аргументирање, како и потребата да се најде и морфолошка основа. Друг аргумент во корист на енергетската теорија е фактот дека при одредени болести на органите, точките кои се на меридијанот на заболениот орган се многу зголемени, што резултира со енергетска загуба од заболениот орган кон надворешноста, што пак резултира со консекутивно зголемување на ентропијата.

Области на употреба на акупунктурата

1. Кај неуролошки и мускуларни заболувања, парализа, заболувања на автономниот нервен систем, невралгии, ноќна енуреза;

2. Кај третманот на хронични болки од артритис, болки во зглобовите или постоперативни болки;

3. Во нефрологија и урологија;

4. Во гинекологија и акушерство;

5. Во олеснување на симптомите настанати од хемотерапија и радиотерапија;

6. Во офталмологија: акутен конјуктивит, некомплицирана кататракта;

7. Кај третманот на гастроинтестиналните заболувања: гастритис, киселини, чир, колитис, запек, дијареа, дифузни хепатопатии, болести на жолчното кесе и панкреасот;

8. Кај акутни и хронични заболувања на респираторниот систем: воспаленија на синусите, крајниците, носот, бронхиите, настинки, астма, пнеумонии;

9. Кај кардиоваскуларните заболувања: исхемична кардиомиопатија, атријална фибрилација;

10. Кај ендокрините и метаболните заболувања;

11. Кај неуропсихичките заболувања или неуровегетативните нарушувања;

12. Кај заболувања на имуниот систем.

Друга широка примена на акупунктурата е третманот на функционалните заболувања, заболувања за кои не може да се најде органска или хистолошка основа. Традиционалната медицина, како и модерната, овие заболувања ги класифицира во заболувања со функционален дефицит и заболувања со функционален вишок. Улогата на акупунктурата во овие случаи е да се врати енергетскиот баланс на меридијаните.

Местото на акупунктурата во модерната медицина не е се уште одредено

Што се однесува до клиничките испитувања со кои се докажува валидноста на акупунктурата како метода на лекување, повеќето од нив се базирани на студии на случај, а многу малку на статистика. Главен недостаток на статистичките студии е тоа дека контролната група во најмногу случаи е формирана од пациенти лекувани со конвенционални третмани за одредена болест. Меѓутоа контролната група треба да биде формирана од пациенти кај кои иглите се ставаат на случајни точки од телото (не во точките кои соодветствуваат со заболените органи), за да се елиминира секакво влијание на акупунктурните точки кои се вклучени во стимулирање на нервните завршетоци, што е особено важно во третманот на болката.

 

Oстанати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 15.12.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина