Сурова генерализација на лекарите

доктор на медицина

Имате ли некогаш сецирано човечка кожа? Имате ли држено човечки орган во рацете? Сте биле ли некогаш целите извалкани од човечка крв? Сте кажале ли некогаш дијагноза со која што можете да спасите живот или пак да одземете? Ви се случило ли некогаш да му кажете на некој дека му остануваат уште неколку месеци или пак да гледате во очи некој кој се надева дека ќе се случи чудо, а вие треба да му соопштите дека неговиот најблизок човек не е веќе жив? Ви починало ли дете во рацете? Дали ви се родило? Се тоа е дел од професијата – лекар. Лице што се здобило со титулата Доктор по општа медицина.

 

   ...Лекарите во нашите медиуми (пишани, електронски) се претставени општо како еден образ на некомпетентно и корумпирано парче од системот...

Е сега, конкретниот човек што не лекува, остана без лице. Денес кај нас има едно заедничко име за сите лекари - маса на луѓе против кои скоро секојдневно се прикачуваат какви ли не етикети, од примерот на „бебе-убијци“, „убијци на родилки/старци“ и сл. И сето тоа етикетирано за сите лекари! Престанаа да пишуваат за конкретен доктор, добар или лош, не се пишува за него или неа туку за сите нас, зборувам за лекарите. Лекарите во нашите медиуми (пишани, електронски) се претставени општо како еден образ на некомпетентно и корумпирано парче од системот, а болниците се претставени како куќи на ужасот и без да се замислат, сите нас не ставаат колективно пред општествениот суд.

И откако образот ќе произлезе, општеството реагира - лекарите се убијци, политичарите - лажговци, полицајците - корумпирани, фудбалерите - глупаци, жените со силикони - нечесни, само затоа што не се однесува на конкретни случаи туку се плука и оцрнува цела група!

 

   ...Еднакво глупаво е да тврдите дека лекарите се убијци, како и дека сите лекари се добри...

Навистина е страшно кога се случува трагедија од невнимателноста или некомпетентноста на одреден лекар, но тоа е конкретна смрт, конкретен случај и за него одговараат конкретни луѓе. Затоа, еднакво глупаво е да тврдите дека лекарите се убијци, како и дека сите лекари се добри.

Гледано од наш агол, работиме во мизерни услови во споредба со современиот доктор од современиот запад и од тие мизерни услови и мрачни болници со стара апаратура сепак се трудиме да извлечеме барем нешто позитивно макар и мала насмевка.

  • Заклучок за крај:

„Ќе внимавам на својот живот и своето работно искуство да ми останат чисти и недопрени од било каков криминал“ - дел од нашата Хипократова заклетва.

 

-авторски текст, зад чија оригиналност стои горенаведениот автор; не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 14.12.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина