Ароматерапија – лек за душата и телото

магистaр по кинезитерапија при мускулно-скелетни дисфункции

Ароматерапијата е форма на алтернативна медицина која ги користи растенијата како материјали. Истите се уште познати како етерични масла и други ароматични соединенија. Влегувањето на ароматерапијата во вашето секојдневие ќе ви го подобри здравјето, убавината и психичката состојба. Таа може да го намали стресот, да ја отстрани депресијата и несигурноста, да го подобри сонот и да ве исполни со енергија. Исто така, може да го освежи тенот, да ги излекува кожните воспаленија и да ги намали стомачните болки.

Кратка историја на ароматерапијата

Концептот на ароматерапијата за прв пат го објавиле мал број европски научници и лекари во 1907 г. Во 1937 година, зборот прв пат се појавил во печат во една француска книга од René-Maurice Gattefossé, хемичар. За време на еден од експериментите на Gattefossé се случила експлозија во неговата лабораторија. На раката се развила гасна гангрена, која успешно и намерно била третирана со масло од лаванда.

Францускиот хирург Jean Valnet e пионер во медицинската употреба на етерични масла, кои ги користел како антисептици во лекувањето на ранетите војници за време на Втората светска војна.

Механизми на дејство на ароматерапијата

Два основни механизми се нудат за да се објасни ефектот од терапијата. Едниот од нив е влијанието на аромата врз мозокот, особено на лимбичкиот систем преку мирисните сетила. Другиот е директниот фармаколошки ефект на етеричните масла.

Додека прецизното познавање на синергијата меѓу телото и ароматичните масла често се тврди од страна ароматерапевтите, ефектот не е се уште научно докажан. Сепак, некои прелиминарни клинички студии на ароматерапијата во комбинација со други техники покажуваат големи позитивни ефекти. Ароматерапија не лечи сама од себе, туку помага на телото на природен начин да се излечи и да го подобри имунолошкиот одговор.

Етеричните масла имаат големо дејство на сите системи во огранизмот: срцето и крвотокот, системот за варење на храната, системот за дишење, нервниот и гениталниот систем.

Начини на примена

Начините на примена на ароматерапија вклучуваат:

  • воздушна дифузија (аромат за животната средина или воздушна дезинфекција);
  • директно вдишување (за респираторна дезинфекција, искашлување, како и психолошки ефекти);
  • тематски апликации (за општа масажа, бањи, облоги и терапевтска нега на кожата).

Етеричните масла мора да се користат внимателно

Етеричните масла кои ги користи ароматерапијата се многубројни и можат да се користат на најразличен начин. За да биде ефектот голем потребно е познавање на правилата на безопасност, препорачаните концентрации и начинот на нивната употреба.

Етеричните масла се концентрирани, многу силни супстанци, за чија употреба е потребно знаење и умеење. Потенцијалната опасност на етеричното масло е зависна од неговите состојки, дозата, начинот и колку често се користат. Многу од хемикалиите кои се јавуваат природно во етеричните масла може да се произведени од страна на парфем-индустријата и тие се фалширани етерични масла. Не постои начин да се направи разлика помеѓу овие синтетички адитиви и природните хемикалии. Најдобар инструмент за утврдување на тоа дали е синтетичко е мирисот на етеричното масло. Многу луѓе можат да направат разлика помеѓу природни и синтетички мириси, но е потребно големо искуство.

Особено е важно и треба да се знае дека етеричните масла можат да причинат горење, воспаление на кожата и чувствителност на светлина. Потребно е да се направи тест за чувствителност, бидејќи повеќето луѓе се чувствителни на синтетичките ароми.

Потребна е голема претпазливост кон оние масла кои што предизвикват фотосензитивност (чувствителност на светлина). Некои од цитрусовите масла можат да предизвикат нерамномерна пигментација при излегување на светлина и алергиски реакции. Од лимоновите масла, калифорниското има најслаба чувствителност на светлина. Затоа е потребно да се користат овие масла доцна навечер и да не се излегува надвор или барем да се почека околу 4 часа пред да се изложи кожата на светлина.

Важно е да нема контакт на маслото со очите и да не биде достапно на малите деца. За децата е препорачана половина или третина од дозата за возрасните. Користењето на една иста комбинација на етерични масла не е препорачана повеќе од 2 седмици бидејќи некои од нив се таложат во црниот дроб и бубрезите и истите можат да ги оштетат.

Претпазливоста треба да биде голема при употребата на маслата кај луѓето со сериозни заболувања како: астма, епилесија и срцеви болести. Внимателно треба и кај бремените жени, особено во првите 3 месеци. Предозирањето со етерични масла преку кожата или со инхалација може да предизвика гадење, главоболка и кожно раздразнување.

Најчесто среќавани етерични масла

Лаванда - се користи за прва помош, има антивирусно, антимикробно, против воспалително дејство, антидепресив е и го подобрува имунитетот.

Камилица - против воспалително, антиалергично, антидепресивно, релаксирачко дејство.

Рузмарин - намалува болки, го стимулира крвотокот.

Чајно дрво – антибактериско и антигабично дејство.

Еукалиптус - антивирусно, антибактериско и стимулирачко дејство.

Нане – антисептик, стимулант, ги лекува синусите, го подобрува варењето на храната.

Чемпрес – го подобрува крвотокот, антисептик.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 11.12.2011

Последна вест

Најчитани статии - животен стил