СИДА - Синдром на стекната имунодефициенција

студент по медицина

1ви Декември - Светски ден за борба против СИДА

СИДА-та е болест предизвикана од вирусот ХИВ кој го уништува одбранбениот систем на организмот и го прави неспособен да се бори против обични банални инфекции.

Луѓето со ХИВ може да изгледаат и да се чувствуват совршено добро многу години по заразувањето. Голем број од нив не знаат дека се заразени и дека при ризично однесување можат да ја пренесат заразата на други.

Во просек 50% од заразените за период од 10 години ќе развијат болест - СИДА, која се манифестира со различни форми на рак, сериозни инфекции на белите дробови, дигестивниот систем, централниот нервен систем, кожата и др.

Начини на пренесување

Засега познатите начини на пренесување на ХИВ инфекцијата се:

  • сексуален пат (анален, вагинален);
  • со заедничка употреба на игли и шприцеви;
  • од бремена мајка на нејзиното дете.

ХИВ не се пренесува преку секојдневните социјални контакти!

Причинител

Причинител на СИДА-та е вирус наречен ХИВ (HIV - Human Immunodeficiency Virus). Него го има во сите телесни секрети и екскрети на заразеното лице. Во доволна концентрација за пренесување го има во крвта, семената течност, вагината и цервикалниот секрет. Вирусот е присутен и во плунката и солзите, но не во доволна концентрација за пренесување.

Лекување

Засега постојат лекови кои го ублажуваат и забавуваат текот на болеста, но се уште не постои лек или вакцина за целосно излекување од оваа болест.

Превенција

Практикување на безбеден секс со правилна употреба на кондоми го минимизира ризикот од ХИВ инфекција преку сексуален однос. Не секој сексуален однос е со подеднаков ризик за ХИВ инфекција:

  • Аналниот секс се смета за високо ризичен;
  • Вагиналниот секс носи ризици за пренесување на ХИВ преку семената течност или гениталниот флуид;
  • Оралниот секс е ризичен бидејќи ХИВ може да премине од вагиналниот флуид или семената течност во устата во која можеби има рагади или ранички.

За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или доколку тоа не е можно потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која поради било која причина се нарушува интакноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.).

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 01.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина