Доктори.мк | Кофеин и неговото влијание врз физичката активност | kofeinot-i-negovoto-vlijanie-vrz-fizickata-aktivnost | Портал за медицина и здравје

Кофеин и неговото влијание врз физичката активност

дипломиран спортски физиотерапевт

Кофеинот е органско соединение од растително потекло, има бела боја и горчлив вкус. Природно го има во кафето, какаото, лисјата на некои чаеви и други растенија. Кофеинот нема никаква хранлива вредност за човекот, но неговата употреба е широко застапена поради неговото фармаколошко дејство.

Физиолошки ефекти на кофеинот

Постојат индивидуални разлики во начинот на кој влијае кофеинот. Кај некои луѓе, количина од 250 мг кофеин може да влијае на будноста и активноста, а кај други може да предизвика пренагласени нервозни реакции. Таквите реакции обично се појава кај луѓето кои ретко консумираат кофеински пијалоци, бидејќи редовната употреба на кофеин го направи организмот толерантен на оваа супстанција и ваквите реакции се реткост. 30-60 минути од земањето на пијалокот кој содржи кофеин се постигнува максималното ниво на оваа супстанција во крвта.

Кофеинот делува стимулативно на некои функции од централниот нервен систем, дирекно или индиректно. Стимулативното дејство на кофеинот врз срцето се изразува преку зголемен пулс и зголемена сила на контракциите, а со тоа се зголемува и волуменот на срцето. Тој го стимулира ослободувањето на адреналин, со тоа допринесува за ослободување на некои виши масни киселини во крвта, кои можат да се искористат како извор на енергија од страна на мускулите. Под дејство на кофеинот, исто така, се зголемува и лачењето на желудочна киселина, што може да влијае непријатно кај луѓето кои имаат проблеми со желудникот. Особено значајно својство на кофеинот е тоа што го појачува исфрлањето течности од организмот.

Ефекти на кофеинот врз спортистите

Истражувањата покажале дека кофеинот нема значаен ефект врз достигнувањата на спортистите кога активноста во спортот трае помалку од 1 час. Од друга страна, кога спортската активност трае повеќе од неколку часа и е потребна поголема издржливост (маратон, велосипедизам итн.) кофеинот може да даде позитивни ефекти. Се смета дека во вакви услови со ослободувањето на вишите масни киселини тој обезбедува дополнителна енергија за потребната активност.

Една доза кафе пред вежбање може да биде корисна, додека поголема доза има штетни ефекти.

Поради дејството на срцето и централниот нервен систем, оваа супстанција не се препорачува за луѓе со невротични проблеми, тегоби во желудникот, повишен крвен притисок или други кардиоваскуларни заболувања. Кај децата поголема количина кофеин може да се манифестира со хиперактивност, нервоза, главоболка, ладна пот и др.

 

 

Кофеинот се наоѓа на Листата забранети средства од Меѓународниот Олимписки Комитет. Присуство од повеќе од 12 милиграма кофеин во урината се смета како допинг и е доволна за дисквалификација на спортистите. За да се постигне оваа концентрација на кофеин во урината, потребно е да се внесе многу голема количина на оваа супстанција.

 

 

 

 

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 09.12.2011

Последна вест

Најчитани статии - вежби