Промени во усната празнина при заболувања на белите крвни клетки

доктор по стоматологија

Продолжува од Промени во устата при анемични состојби

Општо за леукоцитите

Белите крвни клетки (леукоцити) се составен дел од крвта и го штитат организмот од инфекции и други штетни материи. Се создаваат во коскената срцевина, но дел се создаваат и во градната жлезда (тимус), лимфните жлезди, лимфните јазли и слезената.

Постојат три типа на леукоцити:

1. ГРАНУЛОЦИТИ - се создаваат во коскената срж, а најголем дел се во периферната крв. Гранулоцитите можат да бидат:

  • неутрофилни, кои го штитат организмот од бактерии;
  • еозинофилни, кои се борат против паразити, а исто се важни и за алергиските состојби во организмот;
  • базофилни, кои ослободуваат хистамин.

2. ЛИМФОЦИТИ – кружат во лимфниот систем, важни се за имунитетот. Има два типа на лимфоцити:

  • Б лимфоцити, кои се одговорни за хуморалниот имунитет;
  • Т лимфоцити, одговорни за клеточен имунитет.

3. МОНОЦИТИ - најголеми клетки во крвта, имаат фагоцитна улога.

Нормалната вредност на леукоцитите во организмот изнесува 3,5-10x10на9/L. Од нив 50-80% им припаѓа на гранулоцитите, 20-40% им припаѓа на лимфоцитите, а само 2-10% на моноцитите.

Заболувањата на белите крвни клетки можат да бидат малигни – со буење на леукопоетичното ткиво, како и заболувања кај кои е намален бројот на леукоцитите – агранулоцитозa.

Промени во усната празнина при леукемија

Леукемија претставува малигно заболување кое се карактеризира со буење на леукопоетично ткиво во коскената срцевина, ретикулоендотелниот систем (RES) и крвта. Всушност станува збор за бластни клетки, т.н. недиференцирани клетки. Постојат повеќе видови на леукемии, но сепак главната поделба е следната:

А) Според видот на леукопоетичното ткиво:

  • миелоидна леукемија, при што доаѓа до буење на леукопоетично ткиво во коскената срж, слезена итн. Овој тип е карактеристичен за возрасни;
  • лимфатична леукемија, при што доаѓа до буење на лимфоидното ткиво заради што се зголемени лимфните јазли. Овој тип е карактеристичен за детска возраст.

Б) Према времетраењето леукемиите се делат на:

  • акутни, кои започнуваат нагло, карактеристични за деца и млади;
  • хронични, карактеристични за возрасни.

Без оглед за каков тип на леукемија се работи сепак оралните манфестации се доста специфични и се јавуваат на меките ткива и коската.

Екстраорално ваквите пациенти се со бледа кожа, зголемени лимфни жлезди, како субмандибуларните така и цервикалните, можна е појава на петехии на кожата на лицето.

Интраорално кај ваквите пациенти карактеристично е:

  • Зголемена е гингивата заради присутните леукемични инфилтрати во ткивото. Најпрво се зголемуваат интерденталните папили, а хиперплазијата може да достигне толкав размер што може да ја покрие мастикаторната површина на забите и да се поремети џвакањето;
  • Крварење од гингивата заради пореметена коагулација;
  • Петехијални крварења на оралната лигавица;
  • Понекогаш може да има појава на болка и трнење во вилицата заради насобирање на леукемичен инфилтрат во вилиците. Современата медицина денес овозможува добар изглед на должината на ремисија на болеста, а со трансплантацијата на коскева срцевина и потполно излекување. Меѓутоа во текот на хемотерапијата во усната празнина може да се јават слични манифестации како и при болеста, како резултат на дејството на самата хемотерапија. Хемотерапијата дава атрофија на слузокожата на оралната лигавица, а заради депресивното дејство врз коскената срж намален е бројот на еритроцити, леукоцити и тромбоцити, па се јавуваат крварења и различни инфекции во усната празнина.

Третман на стоматолошки заболувања при леукемија

Терапијата секако е комплексна и пред се зависи од моменталната состојба на организмот и прогнозата на самата болест. Затоа е неопходна соработката хематолог-стоматолог. Пациентите со леукемија стоматолошки се третираат во фаза на ремисија на болеста, со исклучок на некои ургентни состојби кои може да се третираат и во акутна фаза. При третманот на ваквите пациенти треба да се води сметка дека заради намалениот број на леукоцити намалена е и општата отпорност на организмот заради што склоноста кон инфекции е поголема, па е потребно да се ординираат антибиотици во тераписка доза, а не во профилактичка.

Во однос на стоматолошкиот третман во акутната фаза од болеста е дозволено само испирање на усната празнина со благи антисептици со цел да се отстранат остатоците од храна кои се одлична подлога за бактериите на и така намалената општа отпорност. Тоа се прави се до оној момент до кога веќе нема услови за отстранување на меки и цврсти наслаги. Тоа секако пред се зависи од бројот на леукоцитите, поточно од крвната слика. Затоа е многу важно пред самиот третман пациентите да имаат направено крвна слика како би можеле да ја видиме состојбата на леукоцитите односно на крвните клетки воопшто. Исто така се применуваат и средства за епителизација на лезиите, како и средства за обезболување.

Промени во усната празнина при агранулоцитоза и нивен третман

Агранулоцитоза е заболување на крвта кое се карактеризира со намалување на вкупниот број на леукоцитите. Бројот на гранулоцитите е помал од 2000 на милиметар квадратен. Може да биде последица на бактериска инфекција, но може да е последица и на примена на некои лекови: антибиотици, цитостатици, сулфопрепарат, аминопирин и други.

Кај агранулоцитозата заради намалениот број на неутрофили зголемен е ризикот кон појава на инфекции па затоа самиот стоматолошки третман се состои во олеснување на субјективните тегоби, примена на антисептици и внимателно отстранување на меки наслаги. При тоа задолжително да се ординира антибиотска терапија како превентивна мерка.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

останати статии од авторот>>>

www.doktori.mk, 22.11.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија