Забен кариес - видео анимација

Погледнете во внатрешноста на устата. Ги гледате ли оние длабоки бразди на моларите? Тие се најчесто место на настанување на забен камен, и последователно кариес. Неговото настанување, односно расипувањето на забите може да се превенира со одржување на хигиена преку редовно миење на забите, барем двапати на денот по 3-5 минути, и чистење со забен конец. Второ нешто кое треба да го преземете како превенција на настанување на кариес е да намалите со јадење на слатки, и пиењето на газирани и енергетски пијалоци.

Во спротивно ризикувате да ви се случи она што се случува во анимацијата. Доколку се одбегнува редовното миење на забите, храната останува во нерамнините и/или фисурите на нивната површина. Од таму киселините и ензимите кои ги има во храната и пијалоците, но кои во голема мера се создаваат и од бактериите кои се размножуваат околу остатоците од храната, најлесно продираат во внатрешноста на забот.

Други важни места каде се таложат бактериски наслаги се предната и задната страна на забите, страните помеѓу два заба, како и делот од забот кој е препокриен со гингива. Затоа е важно да се одржува хигиена и на овие места, преку насочување на влакната од четката под агол како и секојдневна употреба на забен конец. Доколку не се почитува ова ризикувате расипување на повеќе заби наеднаш, како и настанување на болести на гингивата.

www.doktori.mk, 11.02.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија