Што ни открива седиментацијата на еритроцитите?

доктор на медицина

продолжува од : Еден ден во лабораторија 

Седиментацијата на еритроцитите е најчесто првата бројка која ќе ја видите на вашата крвна слика. Тоа е едноставен, а многу корисен тест во дијагностиката на заболувањата и претставува анализа која рутински се изработува во секоја лабораторија.

Овој параметар се однесува на брзината на таложење на еритроцитите in vitro за одреден временски интервал (1, 2 или 24 часа). Крвта која се користи може да биде венска или капиларна (за чие добивање постапката ја објаснивме во воведниот дел). Бидејќи ни е потребно најмалку еден час за тестот, крвта се меша со антикоагуланс во однос 4:1. Таложењето на црвените крвни клетки се одвива под дејство на земјината тежа. Така се формира столб од крвни елементи во епруветката која се поставува до градуирана скала, а во горниот дел останува плазма. После еден час се отчитува висината на столбот од крвни клетки и се запишува бројот, по потреба се остава процесот да трае уште еден, два или 24 часа. Вредностите на оваа анализа се прикажуваат во милиметри за час (mm/h).

Брзината на таложење на еритроцитите (SE) зависи од повеќе фактори – количината на плазматските протеини, гликопротеини и фибриногенот во крвта, посебно од нивниот сооднос, од површинскиот напон на еритроцитната мембрана, од концентрацијата на плазматските јони, од големината и формата на самите еритроцити, од концентрацијата на масти во крвта, pH итн. Во акутната фаза на болестите настанува зголемување на количината на протеини со голема молекуларна маса, посебно на имунопротеините (имуноглобулини), кои тие го намалуваат површинскиот напон на еритроцитите, што доведува до нивно забрзано таложење. Овие протеини ги произведуваат црниот дроб и клетките од имуниот систем. Еритроцитите често се соединуваат во формации т.н. розети (Rouleaux) кои се тешки и брзо паѓаат на дното од садот. Овој процес започнува 24-48 часа по акутната фаза и трае уште 4-5 дена.

Во зависност од количината на крв која се употребува, постојат макрометоди и микрометоди на изведување на тестот. При макрометодите се користи венска крв кај возрасни пациенти (најчесто по Westergreen методата, Seditainer, Traubner, Adler и др.), а при микрометодите се користи капиларна крв која е попрактична кај децата (најчесто по Muler-Scheven).

Без разлика која метода се употребува, односот крв/антикоагуланс останува 4:1.

Референтни вредности

За нивното добивање постои равенка:

                                                      години на старост ( + 10 ако се работи за жени)

Максимална нормална седиментација     ~      ______________________

                                                                                      2

Седиментацијата е генерално повисока кај жени. Нормалните вредности се:

  • за жени     4-12 mm/1h,     20 mm/2h,     110mm/24h;
  • за мажи       3-8 mm/1h,     15 mm/2h,      90 mm/24h;
  • за деца      0-10 mm/h;
  • за новороденчиња      0-2mm/h.

 

Интерпретација на тестот

SE се мери за да се докаже присуството на воспаление или некоја друга болест во организмот, за да се следи напредувањето на болеста и да се провери успехот од терапијата. Нормалната вредност не значи дека нема присуство болест, а во случај на зголемена SE треба да се продолжи со понатамошни испитувања за да се открие проблемот.

Брзината на седиментацијата на еритроцитите може да биде зголемена или намалена.

  • Зголемена брзина на седиментција

SE може да биде покачена во физиолошки и патолошки состојби. Од физиолошките (нормални) состојби најчести се бременоста, деновите кога жената има менструација, после обилен оброк или во старост. Во патолошки услови брзината е зголемена кај воспалителните процеси и тоа и во акутна и во хронична фаза. Тука спаѓаат вирусните инфекции, посебно потешките бактериски заболувања на белите дробови (пнеумонии), коските (остеомиелити), бубрезите (пиелонефрити). Исто SE е покачена и при туберкулоза, сифилис, анемии, малигни заболувања, хронична бубрежна инсуфициенција, системски и автоимуни заболувања (ревматска грозниза, ревматоиден артрит), болести на тироидната жлезда (Graves-ова болест) итн.

Многу големи вредност (троцифрени) се јавуваат при големоклеточен артеритос, хиперфибриногенемија, мултипен миелом, примарна макроглобулинемија, некротизирачки васкулит и ревматоидна полимијалгија.

  • Намалена брзина на седиментација

Снижени вредности на SE се среќаваат при алергии, полицитемии, српеста анемија, акутни вирусни хепатити, хронична срцева слабост, високо ниво на шеќер во крвта и кахексии (тешки изгладнувања).

На сликата се нумерирани примери за едиментација на еритроцитите кај следните болести или состојби:

  1. Нормална состојба;
  2. Хемолиза (патолошка како болест или при неправилно ракување со добиената крв);
  3. Ретикулоцитоза (при обнова на еритроцитната маса кај претходна загуба);
  4. Сигнификантна леукоцитоза или леукоза;
  5. Зголемена вредност при хиперлипидемија;
  6. Зголемена вредност кај патолошка состојба пропратена со иктерус (жолтица);
  7. Вредност 0mm/hпри полицитемија;
  8. Трицифрена вредност кај мултипен миелом.

 

Некои лекови како што се ацетилсалицилната киселина и кортикостероидите можат инхибиторно да делуваат на брзината на седиментацијата.

За крај

Самата SE иако е важен параметар не е доволен тест за дијагностицирање на некое заболување. Од огромна важност тука се и самиот клинички преглед, imaging-техниките, микробиолошки, имунолошки, биопсиони испитувања и друго.

Сепак ова е првиот тест на кој се помислува при акутните воспаленија, а денес најчесто се изработува напоредно со CRP (це-реактивен-протеин), за што ќе зборуваме во друга прилика.

 

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

Останати статии од авторот:

 

www.doktori.mk, 17.03.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина