Во минатото незаменливи лекови - денес илегални супстанци

Ако мислите дека некои од лековите денес, како што се бензодијазепините или Золпидемот, се премногу силни и поради тоа се плашите да ги земате, можеби вие сте во право. Само лекар - специјалист може да ги препише овие лекови под многу специфични услови, а секој пациент е различен случај. Сепак, нашите претци, во минатото земале такви видови на лекови кои денес изгледаат преагресивно и воопшто не се грижеле за тоа. Ќе речеме дека тогаш времињата и сфаќањата биле поразлични, но што е за право, нашите претци преживеале и се грижеле за нашите родители, а со тоа индиректно и за нас. Сето тоа ве тера на размислување.

Денес, истите тие „лекови“ претставуваат илегални супстанци – дрога. Опиумот, хероинот и кокаинот некогаш се користеле како лекови? Тешко ви е да поверувате? Прочитајте и уверете се.

Хероин – лек против кашлица?!

Хероинот се користел за лекување на болка пред стотина и повеќе години. Бил користен како замена за морфиумот бидејќи, поради некоја луда причина, се мислело дека не создава никаква зависност. Згора на тоа, покрај неговата употреба како аналгетик, се користел и во лекувањето од астма, кашлица и пневмонија.

Фармацевтската компанија „Bayer“ го продавала како лек против кашлица за децата. Често бил мешан со глицерин, шеќер и други вкусови, со цел да се маскира горчливиот вкус, како што може да се види во оваа етикета од американска компанија Martin H. Smith Company, New York.

Опиум за смирување на плачливи новороденчиња

Опиумот немал отсекогаш лоша репутација. Источната медицина стотици години го употребувала поради релаксирачкиот и седативниот ефект. На Западот бил присвоен како анестетик и се користел долго време во минатото. Исто така, се користел и како лек за астма, па дури и за смирување на плачливи новороденчиња (типично и за нашите простори во минатото). Промешан со 45% алкохол, сигурно бил „многу ефикасен“.

Кокаин во терапевтски цели

Кога зборуваме за децата, еден од најдобрите лекови за забоболка кај нив биле дражеите кокаин. Не само што ја ублажувале болката, туку истите и го подобрувале нивното расположение. За пејачите, наставниците и јавните оратори, кокаин и ментол дражеите биле „незаменливи“ поради ефектот на лекување на болното грло и давањето „мекост и еластичност“ на гласните жици. Кокаинот, исто така, го подобрувал нивното расположение и ги поттикнувал да постигнат максимум во перформансот.

Еден од најчестите начини на земање кокаин во терапевтски цели бил во комбинација со вино. Овие вина делувале како еден вид на антидепресив. Посебно внимание привлекува виното „Vin Mariani“, познато во тој период (1865 г.) најмногу поради тоа што папата Лео XIII го носел насекаде со себе, па дури и му доделил Златен медал на Ватикан како признание!

www.doktori.mk, 17.11.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости