Доктори.мк | Повреди како резултат на спортска активност | povredi-kako-rezultat-na-sportska-aktivnost | Портал за медицина и здравје

Повреди како резултат на спортска активност

магистaр по кинезитерапија при мускулно-скелетни дисфункции

Во современото живеење се повеќе луѓе на различна возраст и со различно ниво на движечка способност почнуваат да се занимаваат со спорт. Како резултат на тоа се повеќе се зголемува спортскиот трауматизам и микротрауматизам. Спортска повреда на човечкото тело се појавува при физичка активност за време на тренинг и натпревари.

Најчестите спортски повреди се оние на коленото, но може да бидат локализирани и на скочниот зглоб, рамото, лактот, ‘рбетниот столб, главата и др. места.

Повредите можат да настапат остро, неочекувано, брзо, како резултат на удар, груба игра и пренапрегање, а може да бидат и резултат на хронично оптоварување.

Најчести спортски повреди

  • Контузија - Се добива при директен удар. Како резултат имаме повреда на крвоносни и лимфни садови. На местото се појавува оток или хематом, кој што предизвикува болка и таа болка води до ограничување во движењето.
  • Прерастегнување на меки ткива како мускули и тетиви - Тоа е возможно кога ќе се достигне до пределот на нивната еластичност при остри движења. Тие можат да бидат делумни или целосни и се карактеризират со особена палпаторна болка, незначителен оток и намалена фукција.
  • Мекоткивни руптури (мекоткивни раскинувања) – Тоа се посериозни состојби, кои што се сврзани со повреда на основната структура на ткивото. Тие се разделуват на 3 степени: микроруптури, делумни и целосни руптури. Кај микроруптурите има незначително нарушување на функциите на сегментот и тие најчесто се прерастегнувања на меките ткива. Делумните руптури се карактеризираат со делумно кинење на мекото ткиво, проследено со болка и засегната функција. Целосната руптура се добива кога има целосен прекин на мекото ткиво и целосна загуба на функцијата.
  • Исчашување – Тоа е тешка спортска повреда при која има трајно разместување на коска во зглоб. Повредениот се жали на силна болка, оток, деформација на зглобот и неможност за движење на истиот. Многу често луксацијата е придружена од истовременa повредa на лигаменти, капсула, мускули и др.
  • Фрактури или скршеници - Тие се најсериозните повреди при кои има нарушување на целината на коската. Фрактурите се добиваат по директен или индиректен начин. Во спортската практика најчести се “стрес фрактурите” како резултат на намалена механичка издржливост на коската. Во тие случаи се работи за умор на коската како резултат на хронично оптоварување. Тие можат да бидат отворени и затворени.
  • Микротрауми и повреди од преоптоварување - Ги засегнуваат најчесто тетивите (тендинити) и бурсите (бурсити).

Спортските повреди треба да се превенираат

Причините кои водат до појава на спортски повреди во определен спорт се од најразличен карактер, како неправилна спортска подготовка, недоволно загревање пред тренинг, предвремено вклучување во натпреварот, несоодветни и неудобни терени и опрема, неправилна обука на младите спортисти, груба игра и многу други.

Затоа од голема важност е превенцијата на повредите и ограничувањето на нивната појава која е во тесна врска со точното изјаснување на причините за нив.

Со развивањето на спортската дејност и постигањето на високи спортски резултати, особено значење има и лечењето на спортските повредите. Нормализирањето на спортската работоспособност зависи како од медицинската помош така и од рехабилитацијата на спортистот која следува.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 27.03.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина