Калинка – здравствени тајни на митолошкиот симбол

доктор на медицина

 

Дали знаевте дека во одредени делови на светот се смета дека калинката, а не јаболкото бил плодот со кој Ева паднала во искушение?

Тајните на калинката се познати уште од предисторискиот период. Денес, модерната наука само го потврдува она што одамна им било познато на античките народи.

 

 

Ова необично овошје, кое потекнува од територијата на Персија, денес се одгледува низ целиот свет. Иако успева и кај нас, во јужните делови на нашата земја,  сеуште ретко помислуваме на неа и недоволно е присутна на нашата трпеза.

Тајните на калинката се познати уште од предисторискиот период, а денес модерната наука само го потврдува она што одамна им било познато на античките народи.

Калинката - симбол во митологијата

Како резултат на богатството со семе и нејзината способност да “крвари” старите народи ја сметале за симбол на раѓањето, вечниот живот и смртта.

Историчарот М. Шаида, автор на книгата – “Легендарната персиска кујна”вели дека во Иран во минатото и денес е широко распространето верувањето дека калинката, а не јаболкото било овошјето поради кое Ева во рајските градини паднала во искушение.

За Пророкот Мухамед се вели дека ги учел своите следбеници да јадат калинки верувајќи дека таа го прочистува човечкиот систем од завист и омраза.

Старите Египќани пак, со верба за повторно раѓање биле погребувани во саркофази исполнети со калинки.

Примери за посебен култ кон ова овошје има и во Грчката, Кинеската и многу од другите стари култури.

 

Здравје и нутритивни вредности

Срцевината на округлиот плод е вистинска ризница на малечки, сочни и вкусни црвеникави кесиња во чија внатрешност има семки. Тие се оној дел од плодот кој се јаде.

Плодот има исклучително ниски вредности на заситени масти, холестерол и натриум од една страна, и висок процент на растителни влакна од друга страна. Од витамините се истакнуваат големите количини на фолна киселина, витамин Ц и витамин К. Од минералите како најзастапени ќе ги споменеме железото, калциумот, бакарот, калиумот и фосфорот.

Калинката се вбројува меѓу т.н. видови на супер храна. Бројни истражувања покажуваат дека таа има повисоки нивоа на антиоксиданси од црвеното вино, сокот од грозје и зелениот чај. Антиоксидансите го неутрализираат штетниот ефект на слободните радикали врз клетките и со тоа го забавуваат процесот на стареењето и процесите на настанување на разни болести.

 

Алтернативна медицина

Во традиционалната медицина на блискиот исток и во Индија одамна се користат сите делови на дрвото и плодот за различни намени, односно лечење на широка палета заболувања – од конјунктивитис па се до хемороиди.

Во Иран сокот од калинка им се дава на бремените жени, поради богатството на железо, неговиот освежителен ефект и детоксификационата моќ.

Како резултат на историските процеси и модерните истражувања, денес овошјето и неговиот сок се неизоставен дел од многу национални кујни како на пр. Азербејџан, Грузија, Иран и др.

Европа и Западните земји сигурно но пополека ги откриваат тајните и придобивките на ова митолошко овошје.

 

Здравствени придобивки

Едно истражување објавено во списанието “Clinical nutrition” во2004г. покажува дека калинката го намалува систолниот крвен притисок. Друго истражување објавено во “Journal of medicinal food” покажува дека плодот има моќ да го намали вкупниот холестерол. Консумирањето на калинка и сок од калинка има и многу други бенефити меѓу кои и:

  • Забавување на ширењето на ракот на дојка
  • Забавување на процесот на атеросклероза и намалување на ризикот од појава на болести на срцето и крвните садови. Поедноставено – калинката е супер храна за срцето.
  • Забавување на растот на ракот на простата
  • Намалување на ризикот од појава на остеоартритис

Модерната медицина на сокот од калинка (чистиот, незасладен сок од калинка) му го дава почесното прво место за најздрав овошен сок.

 

Сега кога веруваме го привлековме вашето внимание, останува да погледнете едно кратко видео со совет како наједноставно да го консумирате плодот:

ко-автор: А.Т.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

oстанати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 13.11.2011

Последна вест

Најчитани статии - исхрана