Лекување на забите под општа анестезија

доктор по стоматологија

Со оглед на тоа што усната празнина во целост е многу осетлива на болка, разбирливо е што многу стоматолошки и орално-хируршки интевенции се изведуваат под анестезија. Анестезијата може да биде локална и општа. При локалната анестезија се обезболува само еден ограничен предел и свеста кај пациентот е зачувана. Под општа анестезија се подразбира состојба која се карактеризира со губење на свеста на пациентот и отсуство на осетот за болка, а која настанува како резултат на делувањето на анестетичките средства врз централниот нервен систем.

Локална vs општа анестезија

Локалната анестезија има неколку предности во однос на општата: можност за соработување со пациентот во текот на интервенцијата, едноставно изведување и можност за напуштање на стоматолошката ординација непосредно по завршувањето на интервенцијата. Токму поради ова, локалната анестезија се користи многу повеќе од општата. Како и да е, пред одлучувањето кој тип на анестезија ќе се употреби, потребно е да се разгледаат сите предности и недостатоци на двете анестезии во однос на интервенцијата која треба да се изведе. Ако се донесе одлука за примена на општа анестезија, потребно е да се одлучи дали таа анестезија може да се изведе на стоматолошката столица, краткотрајно (интравенска анестезија) или мора да се работи во болнички услови, со ендотрахејална интубација. Во секој случај, општата анестезија секогаш ја води лекар специјалист - анестезиолог.

Кај кои пациенти се применува општа анестезија за стоматолошки и орално-хируршки интервенции?

  • Кај пациенти кои се алергични на локални анестетици;
  • Кај немирни деца под шест години (деца кои не соработуваат);
  • Кај нервно лабилни и преосетливи особи;
  • Кај ментално заостанати особи;
  • Кај пациенти кај кои е потребно изведување на некои поголеми хируршки зафати (некои автори сметаат дека сите интервенции кои траат подолго од 40 минути треба да се изведуваат под општа анестезија);
  • Кај пациенти со хеморагичен синдром (хемофиличари), кај кои при изведувањето на локална анестезија постои опасност од создавање хематоми кои можат да го загрозат животот;
  • Кај пациенти кои бараат да им се работи исклучиво под општа анестезија;
  • Кај пациенти кај кои во една посета се вадат повеќе заби од различни квадранти од вилиците;
  • При отворање, инцизија на абсцес или флегмона на еден или повеќе анатомски простори.

Анестетичките средства кај општата анестезија доведуваат до депресија на клеточниот метаболизам во централниот нервен систем, при што прво се зафатени оние делови од мозокот кои се помалку важни за одржување во живот (кортекс на голем мозок), а неопходните делови за одржување на животот (продолжен мозок) се зафаќаат на крајот, кога концентрацијата на анестетикот во крвта достигнува високи вредности.

Стадиуми на општа анестезија

Општата анестезија поминува низ четири стадиума и тоа:

1. Стадиум на аналгезија: пациентот е немирен, со поматена свест, недоволно ориентиран и слабо комуникативен. Осетот за болка е намален, но не е потполно исклучен. Срцевата работа е забрзана. Мускулите не се релаксирани, а рефлексите се зачувани.

2. Стадиум на ексцитација: пациентот е немирен и врши несвесни одбранбени мускулни движења. Во овој стадиум се нагласени сите карактеристични знаци за стадиумот на анелгезија.

3. Стадиум на хируршка анестезија: се одликува со потполно отсуство на болка, пациентот мирно спие со потполно опуштени мускули. Пупилите се проширени, но реагираат на светло.

4. Стадиум на асфиксија или интоксикација: доаѓа до парализа на медуларните центри (за дишење и циркулација) и престанок на работата на срцето. Пупилите се многу широки и не реагираат на светло, а сите рефлекси се згаснати.

При будењето на пациентот, тој ги поминува истите фази со обратен редослед. Општата анестезија не смее никако да дојде до последниот стадиум, бидејќи може да има и смртен исход.

Подготовка на пациентот за општа анестезија

Сите пациенти пред анестезијата мора да се подготват, бидејќи од тоа може да зависи конечниот успех на интевенцијата. Пациентот мора да даде податоци за постоење на некоја хронична болест (срцева или белодробна болест, хемофилија, дијабетес и сл.). Потребно е да се направи и психичка подготовка. Стравот од интервенцијата може да се намали со премедикација, така што се дава некој седатив. На пациентот треба да му се обезбеди потполн мир и полесно успивање, што се постигнува со ординирање на хипнотик. За намалување на секрецијата, пред анестезијата може да се даде инјекција атропин. Општа анестезија се изведува само на празен желудник, бидејќи постои опасност од повраќање и аспирација на повратената содржина. Поради ова, пациентот не треба да јаде 12 часа пред интервенцијата. Пред анестезирањето, пациентот се раскомотува, од устата му се вадат сите протетски и ортодонтски помагала, а во просторијата треба да владее потполна тишина, бидејќи осетот за слух се губи последен. Ова важи и во фазата на опоравување.

Поделба на општата анестезија

Анестетичкото средство во организмот може да се внесе преку вдишување (инхалациона анестезија) и по интравенски пат (интравенска анестезија). Инхалационата анестезија се изведува со помош на посебни маски и апарати преку кои пациентот го вдишува анестетикот. Анестетички средства за оваа цел се: азот-оксидул, халотан, трилен и етер. Интравенската анестезија се постигнува со вбризгување на барбитурати, пропанидид или кетамин хидрохлорид директно во венската циркулација. Оваа анестезија може да се искористи и за поголеми и подолготрајни хируршки интервенции.

Компликации во текот на општата анестезија

За време на инхалационата анестезија може да се јават одредени компликации од страна на кардиоваскуларниот, респираторниот и централниот нервен систем, како и од гастроинтестиналниот тракт. Најопасна компликација е кардиак-арест, кој може да биде предизвикан од различни фактори (големо лачење на ендогени катехоламини, хипоксија, предозирање со анестетикот и сл.). Во ваков случај се пристапува кон реанимација (масажа на срцето и вештачка вентилација со чист кислород).

Останати компликации кои може да се јават се: ларингоспазам, опструкција на дишните патишта, пад на крвниот притисок, конвулзии, повраќање со аспирација на повратената маса и на крајот т.н. хируршки шок. Сите овие компликации може да се избегнат со правилен избор на анестетик, избегнување на длабока анестезија, добра оксигенација на пациентот, навремено надополнување на течности и електролити и др.

За време на интравенската анестезија може да се јават локални и општи компликации. Локалните компликации настануваат ако анестетикот се вбризгува паравенски или уште поопасно - интраартериски. Од општите компликации може да се јави хипоксија (која има депресивно дејство на центарот за дишење или може да предизвика опструкција на дишните патишта), постоперативна вртоглавица (посебно после анестезија со барбитурати) и алергија.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 30.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија