Телепсихијатрија - логичен след на техничкиот развој или погрешна идеја?

Од кога пред една деценија беше воведена телепсихијатријата, видео-повиците станаа широко распространет метод на лечење на пациенти до кои тешко се стигнува.

Госпоѓица Вајнблат, 30 годишна наставничка од Орегон, порано посетувала психијатар на традиционален начин, лице во лице. „Сега својата терапија ја правам со утринско кафе или пред излегување во град со пријателките. Ова лето својот доктор го водев со себе низ три држави“, вели Вајнблат.

Логичен след на развојот на модерните технологии

Скајп и шифрираните дигитални програми преку одредени интернет страници, онлајн приватната пракса ја направија достапна до сите. На една од страниците за терапија, за само две години се појавија 900 психијатри, психолози, советници и тренери.

„Секогаш ќе постојат луѓе кои веруваат дека ништо не може да го замени директниот контакт со пациентот. Меѓутоа, се повеќе луѓе, посебно млади, сметаат дека онлајн терапијата е голем напредок“, вели психологот Ерик Харис.

Предност на ваквото лечење претставува и заштедата на време и пари. Некои терапевти на онлајн сеанси наплатуваат помалку, со оглед на фактот дека можат да работат од дома, што ги исклучува трошоците за возење до ординацијата или рентирање на канцеларија.

Исто така, состаноците не мора да се откажуваат поради болест или патување. Дали сознанието дека од терапевтот ве дели само еден клик на глувчето, ќе создаде нова зависност на 21 век – неопходност од психотерапија? „Се чувствувате пријатно кога знаете дека терапевтот можете да го водите секаде со себе“, вели Вајнблат.

Недостатоци на идејата за индиректен контакт меѓу пациентот и докторот

Сепак и напредната технологија има свои недостатоци. Онлајн третманите го немаат основниот елемент на терапевтската врска – контакт со очите.

Пациентот и докторот гледаат еден во друг преку екран, но бидејќи камерата главно е сместена во горниот дел на мониторот се губи погледот очи во очи. До проблеми може да доведе и лоша интернет конекција, па понекогаш се случува сликата да се изгуби среде разговор или врската да се прекине.

Уште една опасност која ја носи со себе онлајн терапијата е анонимноста. Многу луѓе на почетокот избегнуваат одење кај терапевт поради срам и приватност. Некои терапевти кои работат по пат на интернет, не бараат од пациентите целосно да се идентификуваат.

Што се случува ако во текот на терапијата пациентот доживее нервен слом? Како да се повика помош на анонимно лице?

 

Баланс за долгорочен успех 

Онлајн терапијата е многу покомплексна отколку што се претпоставува. Затоа психолозите сметаат дека одредена состојба не може да се лечи на овој начин. Др. Илејн Дачарм користи Скајп во комуникација со пациенти кои ги лечела порано додека работела во Флорида. Таа смета дека пречки во текот на разговорот се замрзната или прекината слика, што многу го одвратува вниманието и на неа и на пациентот.

Сепак, таа на секои три месеци патува во Флорида, за да ги посети лицата кои ги лечи по пат на интернет. „Многу работи не можат да се забележат преку Скајп“, смета др. Дачарм. Посебно може да биде незгодно кога во прашање се пациенти со потешки ментални пореметувања.

Мишел Тери, психијатриска медицинска сестра, која била задолжена за вршење на евалуација на пациент на Аљаска вели: „Во една прилика носев бела јакна, а зад мене имаше бел ѕид. Моето лице делуваше многу темно поради контрастот, па пациентот се вознемири бидејќи мислеше дека разговара со ѓаволот“, истакна Мишел.

Неколку студии покажале дека пациентите во суштина подеднакво се задоволни и од традиционалните и од интернет терапиите

извор МИА - Б92 - Белград

 

www.doktori.mk, 04.11.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина