Паничен напад

специјализант по радиодијагностика

Што е тоа паничен напад?

Вашето срце наеднаш почнува да чука толку силно што си мислите дека ќе ви излезе од гради. Се потите интензивно иако надвор е ладно. Ви се затресуваат нозете и губите рамнотежа, ви се врти се наоколу и не можете да се справите со тоа. Дланките и стопалата ви се вкочанети и неподвижни. Се борите за здив и помислувате дека ќе умрете. Ова доаѓа ненајавено, без никаков провоцирачки фактор. Дома, на работа, во продавница, буквално секаде. Трае од 5 – 30 мин, кои ви изгледаат како вечност, а може да трае и повеќе од еден час. Најчесто се јавува во текот на денот. Стравот од повторно јавување ве тера да ги избегнувате местата на кои сте ги добиле овие симптоми.

Ако ги имате доживеано некои од овие знаци, вие најверојатно имате добиено паничен напад. Оваа застрашувачка состојба ги зафаќа жените двојно повеќе од мажите, а научниците не се доволно сигурни зошто е тоа така. Најверојатно поради генетските предиспозиции или улогата на жената во општеството како понежна, а со тоа и повеќе склона кон стрес, депресија или анксиозност (загриженост). Механизмот е најдобро објаснет преку адреналинот, кој неправилно се излачува и предизвикува зголемена срцева работа со потење и периферна вазоконстрикција. Адреналинот е хормон кој го спрема организмот за животозагрозувачки моменти, но при паничен напад тие моменти ги нема, a вие се спремате за критична ситуација која не постои.

Што да правите?

Пaничниот напад може да има размери од чисто емотивен карактер преку комплицирање на состојбата кај хронично болните (дијабетес, штитна жлезда, астма) до смрт кај срцево болните. Многу е важно да се постапува секогаш сериозно врз овие симптоми, а доколку имате некоја од горенаведените состојби и да се побара помош од лекар што е можно побрзо. Лекарите се единствени кои можат да ја дијагностицираат оваа состојба и да препишат соодветна терапија. Се дијагностицира по пат на исклучување, кога сите други можни причинители излегуваат од игра. Антидепресивите се лек од избор, заедно со неколку сесии когнитивна/бихејвиорална/групна терапија од психијатар/психолог.

Што понатаму?

Доколку сте здрави и немате никакви пропратни нарушувања врз вашето здравје ќе помине некое време додека да се прилагодите. Информираноста најмногу помага, што повеќе знаете за паничниот напад толку подобро ке се справите ако има нов. Избегнување на “провоцирачките фактори” е погрешна метода, бидејќи такви не постојат, а нападот се јавува ненадејно. Ако при летање со авион некој добил паничен напад, тој ќе избегнува повторно летање не поради страв од летање, туку поради страв од нов напад. Разбирањето дека локацијата на нападот и самиот напад не се поврзани ќе ви помогне многу во справувањето со оваа состојба. Најлесно е некој да ви каже “Дај не паничи”, но тоа не помага секогаш.

Еве неколку совети како да ставите крај на паничниот напад:

  • Релаксирајте се дишејќи бавно, но длабоко, наполнете ги градите со чист воздух. Фокусирајте се на фактот дека имате паничен напад и дека ништо сериозно не ви се случува. Длабокото дишење го смирува организмот и ги адаптира органите од дејството на адреналинот.
  • Прекинете со негативните мисли со извикување на зборот “ПРЕКИНИ” во себе. Со тоа се прекинува итноста на случајот и вашиот организам ќе почне да се прилагодува. Најчесто луѓето при паничен напад се обземени од лошите мисли во еден затворен круг и секоја нова мисла доведува до лачење на додатни количини адреналин. Применувањето на оваа техника доведува до затворање на кругот и почеток на поблагите фази од прилагодувањето.
  • Почнете со позитивни размислувања. Ако најлошата мисла ви е “Леле, ќе умрам” или “Можеби ќе добијам срцев удар” фокусирајте се со позитивните изјави од типот “Па сто пати имам поминато од таа улица и не сум добил паничен напад” или “Читав на doktori.mk дека паничниот напад не е толку страшен”. Други позитивни изјави се “Сум бил во слична ситуација па ништо не ми било”, “Секое чудо за 3 дена (овде 3мин)”. Кога се шетате по улица, движете се како воин, не како жртва. Бидете ловецот, а не пленот. Ако и покрај ова се чувствувате слаби и ако чувствувате дека паничниот напад ве совладал, тогаш побарајте помош од психијатар/психолог.
  • Прифатете го тоа што го чувствувате. Обидете се да разберете како емоциите ви делуваат. Препознајте што е вистински страв, а што паника. Нормално е да се заплашите доцна во ноќта ако се шетате сами и наеднаш чуете некој звук, но не е нормално да се плашите сред ден во присуство на многу народ. Едното е страв, другото е паника. Ако летате со авион и наидете на безвоздушен простор, турбуленциите ќе ви предизвикат страв, но ако се плашите да се качите во авион при нормално летање, тогаш паничите.

Совет за крај

Применувајте ги овие техники на релаксација, вежбајте редовно и намалете ги алкохолот и кафето, не дека тие се причинители, но можат да го влошат самиот напад. Редовно правете биохемиски прегледи, како и прегледи на срце од интернист, неколку последователни прегледи со нормални резултати ќе ви дадат голема самодоверба со справувањето.

 

Дали луѓето со панични напади можат да водат нормален живот? - ДА

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 27.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина