Терапија на синдромот на вегетативна дистонија во детската возраст и кај адолесцентите

доктор на медицина

Вегетативните нарушувања се еден од актуелните проблеми на современата медицина поради нивната голема распространетост во различни возрасни периоди. Практично не постојат такви форми на патологија во чиј што развој нема учество вегетативниот нервен систем. Во дел од случаите, вегетативните нарушувања се важен дел во патогенезата, во другите тие се појавуваат секундарно како одговор на повреда на било кој систем во организмот. Во детската неврологија вегетативните нарушувања имаат значајно место во лекарската пракса и сите тие се обединуваат под дефиниција „синдром на вегетативната дистонија“.

Причини за вегетативна дисфункција

  • Вродени конституционални фактори;
  • Органски болести на централниот нервен систем;
  • Соматски заболувања;
  • Егзогени фактори како кранијална траума, инфекции, психотрауматски ситуации;
  • Промени на хормонален статус.

Вродените конституционални фактори доведуваат до појава на вегетативна дистонија во раната детска возраст („вегетативно стигматизирани деца“).

Од органските заболувања на нервниот систем, кои доведуваат до вегетативна дистонија, голема улога има перинаталната патологија на ЦНС, која постепено се реализира во минимална мозочна дисфункција. Според последните податоци, во појавувањето на минимална мозочна дисфункција голема улога имаат:

  • генетските фактори - промени во 11-тиот и 5-тиот хромозом, допаминскиот ген;
  • штетните фактори во текот на бременоста и породувањето - хронична интраутерина хипоксија на фетусот, хипокси-исхемична неонатална енцефалопатија со повреда на стриатумот и нарушувања на кортико-стриатно-таламо-кортикалните врски.

Еден од почестите егзогени фактори кои доведуваат до вегетативна дистонија е кранијалната траума, која во 80% од случаите е лесна кранијална траума (контузио и комоцио на мозокот од лесен степен). Во последно време заради дефинирање на клиничката симптоматологија во преодниот и подоцнежниот период на лесна кранијална траума, била воведена дефиниција „посткомоционен синдром“, вклучен и во МКБ-10. Симптоми на посткомоциониот синдром се: пореметување на вниманието и меморијата, главоболки, потешкотии во обучувањето, вртоглавици, раздразливост, лабилност во однесувањето, анксиозни состојби. Посткомоционен синдром често се сретнува кај деца со недоволни рехабилитациони мерки после траумата, а исто така и кај деца „преморбидно-компромитирани“ во однос на вегетативниот нервен систeм.

Синдромот на вегетативна дистонија при промените на хормонскиот статус (пред и во адолесцентниот период) се појавува при развој на новите ендокрино-вегетативни врски, интегративните шеми на организам во раст, кога брз акцелериран раст создава јаз меѓу новите физички параметри и можностите за васкуларизација.

Видови вегетативни нарушувања

Современите ставови во однос на функционирањето на централниот нервен систем, вегетативните нарушувања ги делат на три посебни клинички синдроми:

  • Психовегетативен синдром – полисистемски вегетативни пореметувања кои се развиваат како резултат на пореметувања во функционирањето на надсегментарните вегетативни структури во мозокот (truncus encephali, хипоталамус, лимбичкиот систем). Се појавува како последица на било која од наведените причини.
  • Синдром на периферна прогредирачка вегетативна инсуфициенција – како резултат на повреда на вегетативните структури од периферно ниво.
  • Ангио-трофоалгичен синдром – се формира главно при повреда на вегетативните влакна во склоп на соматските нерви.

Психовегетативниот синдром го сретнуваме многу често и тој поточно од синдромот на вегетативна дисфункција ја опишува клиничка слика на полисистемски вегетативни нарушувања, акцентира приоритетност на психичките пореметувања и укажува на можно вовлекување во процес на многу системи од организмот.

Оттука следи дека вегетативните пореметувања се ретко нозолошки самостојни, а синдромот на вегетативна дисфункција ги вклучува симптомите на сите форми на вегетативната дизрегулација. Синдромот на вегетативна дисфункција е пратен со влошување на реолошките својства на крвта, пореметување на кислород-транспортната функција на хемоглобинот, активирање на процесите на липидно хидроксилирање, намалување на антиоксидантната заштита на организмот и развој на умерена хипоксија. Овие патогенетски механизми сугерираат примена на комплексна терапија за корегирање на постоечките пореметувања.

Третман на синдромот на вегетативна дистонија

Во моментов основа на лекувањето на синдромот на вегетативна дисфункција е примена на медикаментозни препарати. Се создаваат нови вегетокорeгирачки средства кои би можело да се применуваат во детската возраст. Посебно вниманието им се посветува на комбинираните препарати, кои се способни да влијаат на различни патогенетски процеси.

Еден од таквите препарати е комбинацијата на пирацетам и цинаризин, што значи комбинација на вазоактивна и метаболна компонента. Кај оваа комбинација познати се три механизми на делување:

1) антихипоксичен;

2) метаболен (ноотропен) и

3) вазодилататорен.

Освен тоа, оваа комбинација поседува нормотимичен ефект заради седативното делување на цинаризинот.

Клиничките ефекти се постигнуваат заради нормализирање на централната хемодинамика, позитивно делување на метаболизам на мозокот.

Главните клинички симптоми на синдромот на вегетативна дистонија се: главоболките - поинтензивни после умствено оптеретување, вариациите на крвен притисок, вртоглавиците при промена на телесната положба, зголемен замор при извршување на школските обврски и физичкото оптеретување, лабилност на расположението, плачливост, пореметувања на сонот.

Степенот на изразеност на психовегетативните пореметувања при користењето на комбинација на пирацетам и цинаризин покажува веродостојно намалување на симптомите на синдромот на вегетативна дисфункција, пореметувањата на сонот, астенијата, персоналната и реактивната анксиозност, како и подобрување на квалитетот на сон.

При внесот на комбинација на пирацетам и цинаризин се забележува позитивна клиничка динамика: намалување на степенот на изразеност на синдромот на вегетативна дисфункција независно од етиолошкиот фактор.

При посткомоционен синдром со посттрауматска генеза основните клинички симптоми регресираат после еден месец од почетокот на користењето на комбинација на пирацетам и цинаризин, при синдромот на вегетативна дистонија во пре- и адолесцентниот период и при минимална мозочна дисфункција од различно потекло – кон крајот на вториот месец од лекувањето.

Комбинацијата на пирацетам и цинаризин делува како вегетативен коригиенс, поседува антиастенично и антидепресивно дејство.

Примената на комбинација на пирацетам и цинаризин ја зголемува толерантноста кон физичкото оптеретување и ги подобрува адаптационите можности на организмот при вегетативна дисфункција.

Комбинацијата на пирацетам и цинаризин може да биде препорачана за поширока примена кај деца и адолесценти со синдром на вегетативна дисфункција од различна генеза.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 25.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина