Доктори.мк | Ксеростомија – сува уста | kserostomija-suva-usta | Портал за медицина и здравје

Ксеростомија – сува уста

магистер по стоматолошки науки

Што е ксеростомија?

Ксеростомија претставува медицински термин за субјективно чувство на сува уста при недостиг на доволна количина на плунка во устата. Оваа состојба се јавува повремено, најчесто при стресни состојби и нервоза. Меѓутоа, кога перзистира подолго време претставува сериозен проблем при мастикација (џвакање), голтање и зборување. Сувата уста го зголемува ризикот од појава на кариес, бидејќи при недоволна количина на плунка во устата отсуствува самочистењето, а штетните бактерии при погодна рН на плунката делуваат на забните површини. Оралната кандидијаза е најчеста орална инфекција при ксеростомија.

Причини за појава на ксеростомија

Сувата уста се јавува најчесто при дисфункција на плунковите жлезди, при употреба на некои медикаменти, при дијабет, но и при прекумерно дишење преку уста. Паркинсоновата болест и Сјогреновиот синдром влијаат на плунковите жлезди и можат да бидат причина за намалена саливација. Другите причини за сува уста вклучуваат вознемиреност, консумација на алкохолни пијалоци, физички повреди на плунковите жлезди, нивните канали или нерви, дехидратација предизвикана од недоволен внес на течности во организмот, хемотерапија и радиотерапија. Антидепресиви, антихистаминици, амфетамини и супстанции како канабис и хероин предизвикуваат намалена саливација. Голем процент на стари лица страдаат од ксеростомија, а најчестата причина е употребата на лекови.

Знаци и симптоми за ксеростомија

Вообичаени проблеми поврзани со ксеростомија се: болки во грлото, чувство на печење, потешкотии во зборување и голтање, засипнатост и сувост во усната и носната празнина. Пациентите со мобилни протетски надоместоци (протези) имаат сериозни проблеми со задржување на протезата и често имаат појава на рани на непцето и јазикот. Пациентите со ксеростомија се жалат на нарушен вкус во устата (дисгеузија), болен јазик (глосодинија) и зголемена потреба за вода, особено во текот на ноќта. Ксеростомијата доведува до значително зголемување на ризикот од појава на кариес, проширување на паротидната жлезда, воспаленија и рани на усните, инфламации и улцери на јазик и букална слузница, орална кандидијаза, инфекција на саливарните жлезди (сијалоаденитис), халитоза и бруксизам.

Третман

Третманот на ксеростомија опфаќа изнаоѓање на причините и нивно отстранување, доколку е возможно. Во зависност од причината за појава на сува уста се препорачува и соодветен третман. Заштитните чекори што треба да се преземат веднаш се: консумирање голема количина на вода, џвакање мастики без шеќер и избегнување цигари и алкохол. Добрата орална хигиена и редовните стоматолошки прегледи се задолжителни кај пациенти со ксеростомија и се предуслов за здрава уста.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 24.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија