Избор на четкичка за заби - стандардни, електрични и интердентални четкички

доктор по стоматологија

Препораката за правилен избор на четкичката за заби треба да потекне од терапевтот, кој од своја страна треба да ги има во предвид: техниката на четкање која му ја препорачал на пациентот, мотивираноста на пациентот и спецификите на усната празнина.

Стандардните четкички се состојат од глава со влакна и дршка. За подобра адаптација на оралната анатомија кај различни индивидуи, забните четкички се изработуваат со различна големина, а се разликуваат и по нивната тврдина: цврсти, средни и меки четкички за заби.

Синтетски или природни влакна?

Синтетските влакна се посупериорни во однос на природните од неколку аспекти. Синтетските влакна не се абразираат, не набабруваат и не се порозни со можност да се создадат ретенциони места во кои ќе се задржуваат микроорганизмите. Конфигурацијата и тврдината на синтетските влакна може да се стандардизира. Како резултат на споменатите предности на синтетските влакна и како резултат на нивното поедноставно и поекономично производство, четките со природни влакна денес се истиснати од пазарот.

При изборот на четкичка треба да се знаат следните факти:

  • Услов за правилно одржување на оралната хигиена е да се има добра четкичка;
  • За секојдневна употреба препорачливо е да се користи средно тврда четкичка, каде дебелината на влакната изнесува 0.25 мм;
  • Мека четкичка се препорачува кај пациенти со силна инфламација на гингивата или по хируршки интервенции во устата се додека не се смири инфламацијата.

Методи и цели на четкањето

Цели на четкањето се:

  • отстранување на плак формацијата;
  • чистење на забите од храната;
  • стимулирање на гингивалното ткиво;
  • апликација на флуориди.

Најчесто применувани методи на четкање се: метод на хоризонтално четкање и ротациона метода (движење на четката горе-доле). Во поново време за најадекватно четкање се даваат следните препораки:

1. Користете четка со меки, најлонски и заоблени врвови на влакната која нема да ги оштети забите и гингивата.

2. Нежно четкајте ги надворешните површини на 2-3 заба, со вибрирачки и кружни движења одете со четката на следните 2-3 заба и повторете ја постапката.

3. Поставете ја четката вертикално зад предните заби и правете нормално движење горе-долу со предната половина на четката.

4. Поставете ја четката на гризната површина на забите и четкајте со напред-назад движења.

5. Четкајте го јазикот од задниот кон предниот дел со цел да се отстранат бактериите што продуцираат непријатен мирис, како и редукција на остатоци од храна, плак и бројни орални микроорганизми.

6. И за крај, оптималното времетраење на четкањето изнесува 3 минути.

Одржување на четкичките за заби

Основна грижа за самата четкичка е по секоја употреба да се измие под млаз топла вода и притоа да се суши отворена на воздух. Затворените футроли за четки не се препорачливи затоа што при недостаток од воздух го поттикнуваат растот на микроорганизмите. Испитувањата покажале дека илјадници микроорганизми се создаваат на четката, посебно на нејзините влакна. Повеќето од нив се безопасни, но некои може да предизвикаат инфламација на меките ткива и пародонтот.

Кога да се промени четкичката?

Векот на траење на четката за заби зависи од квалитетот на влакненцата, начинот на употреба, од силата со која се врши четкањето и техниката која се употребува. Деформирањето на четката, односно на самите влакненца, претставува главен индикатор дека четкичката треба да се смени. Четкичката за заби се менува на секои три месеци!

Електрични четкички за заби

Електричните четкички за заби, пред се, биле дизајнирани за лица со моторни недостатоци и ментално хендикепирани, кои не можеле да го изведат четкањето па овие четкички ги симулирале движењата на мануелно четкање. Новите генерации електрични четкички, сонични и ултрасонични, ги употребуваат и пациенти со пародонтопатија и пациенти со дентални импланти.

Постојат најразлични видови на електрични четки за заби, со различна поставеност и форма на сноповите и главата. Меѓутоа најголем напредок е постигнат во начинот на движење на главата па така постојат електрични четкички каде модот на движење се одвива со брзи и кратки удари и со комбинација од движења во една од следните насоки: реципрочни (горе-долу, внатре-надвор), ротирачки или осцилирачки (вибрациони). Овие четкички треба да се движат бавно по забите, без никаков притисок, за да се избегне траума на меките ткива.

Најновите генерации на електрични четкички работат со помош на сонични бранови и ултрасоничен мод на движење, но и покрај најновите технолошки достигнувања, сепак ниедна електрична четкичка за заби не е така дизајнирана за да може да го отстрани во целост денталниот плак.

Интердентални четкички

Овие четкички се направени од жица обвиткана со пластика, околу која по целата должина се наредени најлонски влакненца. За полесна примена, четкичката се поставува на држач. Аплицирањето на четкичката не смее да се форсира за да не дојде до повреда на гингивата. Четкичката се аплицира интердентално (меѓу забите), без употреба на сила, а потоа се движи во насока надвор-внатре.

Интерденталните четкички се користат и кај пациенти со фиксни протетски надоместоци, ортодонтски апарати, како и пациенти со импланти. Интерденталните четкички можат да се користат повеќе пати, а се заменуваат кога ќе се деформираат влакненцата и четкичката ќе ја изгуби својата функција.

Заклучок

Од сето досега кажано може да се заклучи дека не постои универзален дизајн на четкичка која ќе биде подеднакво ефикасна кај сите пациенти. Фреквенцијата на четкање е поважна од тоа кој модел на четкање ќе се користи. Секоја метода која врши ефикасно чистење при што не доаѓа до оштетување на меките ткива и може рутински да се употребува, може да се препорача како добра метода. Ниту една процедура на четкање целосно не го отстранува интерпроксималниот и субгингивалниот плак, особено кај заби во малпозиција и фиксни помагала, затоа употребата на соодветна четка за заби во комбинација со интердентални помагала (интерденални четкички, дентален конец) се неопходни за да се дополни четкањето, а неопходна е и мотивираноста на пациентот за одржување на оралната хигиена.

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 20.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија