Прежалување - 5 фази на прежалувањето

специјализант по радиодијагностика

Секој од нас изгубил нешто драгоцено, нешто без кое животот му бил незамислив додека го имал. Може да се работи за смртен случај на некој близок во фамилијата, другарче или пак раскинување на врската од соништата, развод, губење на работно место, губење на довербата при прекажување на тајни или било што - ама важно, од големо значење за нас.

Што и да е, ако сме му дале доволно значење, а сме го изгубиле засекогаш, нашиот организам поминува низ неколку фази за да ја ублажи болката и тагата. Низ народот еволутивно се развиле различни обичаи за да се ублажи тагувањето по саканите, за што побрзо да се преболи вистината. Затоа се парастосите, “пеењата” на починатите, затоа се пријателите и блиските да ве утешат и да ви зборат што е можно полошо за партнерот кој ви раскинал. Затоа се родителите на децата да им кажат дека се ќе биде во ред, затоа е “измислено” рамото за плачење. Овде ќе ви доловам како науката го објаснува тоа.

Прва фаза: Одрекување

Ова е еден од одбранбените механизми на личноста при непогодни ситуации. После вистинското раскинување (не важи за оние кои тоа го прават секојдневно) или смртниот случај, нашиот организам се наоѓа во непогодна ситуација и поминува низ фрустрации. Прво си велиме “Па подобро е вака” или ”Нема шанси тој/таа мене да ми раскине” или пак ”Oва не ми се случува мене”, ”Не е вистинско раскинување, кај и да е - ќе се смириме наскоро”. Но, тоа е само привремено олеснување кое е најизразено во ситуациите кога загубата е неизвесна, додека кога се работи за смртен случај тогаш одрекувањето трае кратко и нема голем ефект бидејќи нема назад. Одрекувањето може да биде и заобиколено, т.е. директно да се почне од втората фаза.

Втора фаза: Бес

Бесот и лутината се производ на фрустрациите. Овде може да се пишува многу, некои помалку стабилни личности се доведуваат до фаза на афект и прават многу лоши постапки, насилни се, како кон себе така и кон околината, а класичен пример е Тројанската војна. Преку песна оваа фаза е испеана во “Запалиќу пола града идеш ли од мене сада”. Но, да ги оставиме екстремните случаи на страна. Најсмирениот човек ќе каже “Па мораше ли мене ова да ми се случи”, ”Стварно не е фер” или ”Ќе ја/го убијам, она/он мене ќе ми раскинува”. Оваа фаза може да биде пратена со физичка повреда, кршење на предмети по домот или посесивност од следење на партнерот до изнајмување на детективи. Во оваа фаза не можеме да разбереме дека одрекувањето не може вечно да трае, дека мора да заврши за што побрзо да преминеме во наредните фази, а со тоа да го забрзаме процесот на прежалување. Кај смртните случаи бесот е исто така краткорочен и неефикасен, освен кај исчезнатите лица или кај неразрешените криминални убиства. Во такви случаи тој кој загубил е тој кој ја зема правдата во свои раце и постапува “грешно”.

Трета фаза: Рационализација / преговарање

Ова е фазата кога шансите да се смирите со партнерот ви се најголеми. Без разлика кој ја раскинал врската и двајцата изгубиле нешто драгоцено, што значи и двајцата минуваат низ исто. Овде си велите “Ех да и/му посветував повеќе внимание, немаше да раскинеме” или “Се би дал да може да се врати времето”, “Па каде ли згрешив?”. Но за жал, а за некои за среќа, оваа фаза трае многу кратко и интересно е што се појавува низ целиот процес на прежалување без никаква најава. Така, од никаде ви доаѓаат мисли од типот што би било кога би било. Кај смртните случаи оваа фаза е многу долга и многу комплицирана за минување. Овде тие што загубиле, може да бидат многу растроени, овде се јавуваат илузиите, соништата и фантазирањето. Кога ќе се најдете во оваа фаза бидете спремни дека доаѓа четвртата фаза или депресијата.

Четврта фаза: Депресија

Како посебна клиничка дијагноза, депресијата има различно ниво на јачина. Од депресивно расположение, преку дистимија, па се до целосна депресија. При прежалувањето оваа фаза е таа што трае најмногу, што повредува најмногу и што доаѓа ненајавена. Многу е ризична за тој што изгубил и може да завземе размери до целосна изолација, губење на апетит или прекумерно јадење, прекумерно спиење, несоница, наштетување на самиот себе си, па се до самоубиство. Најчесто се чувствуваме тажно, без никаква иницијатива, мислиме дека животот веќе нема смисла и дека нема за што да се живее. Овде сите блиски ќе сакаат да бидат со нас, да не утешат, да не разведрат, а ние не сакаме никој друг освен собата со четири ѕида и спуштени ролетни. Сакаме да плачеме, да тагуваме и да прежалуваме. Колку и да звучи страшна оваа фаза, неизбежна е, но и најефикасна. Овде вистински прежалуваме, овде ќе ги истрошиме ендорфините, серотонинот и природните супстанци кои се лачат во оваа фаза, а служат за да ја ублажат болката. Се што треба да направите кога ќе се најдете во оваа фаза е да и дозволите да продре што е можно подлабоко, не се трудете да бидете силни, напротив - опуштете се и запознајте се самите. Може да трае од неколку дена до неколку месеци, а ништо чудно и неколку години.

Петта фаза: Прифаќање

После дождот – Сонце. Па нормално. Се ќе биде во ред. Оваа фаза најтешко доаѓа и индивидуално кај секоја личност е различна. Кај некои се појавува и дава лажна надеж, па повторно се враќаме во четвртата фаза. Така можат да си играат овие две фази “На ти го - дај ми го” многу долго време. Прифаќањето е последната фаза и кога ќе ја победи депресијата процесот завршува, доаѓа олеснувањето, а остануваат само спомените од едно добро време - една добра личност или лошо време - лоша личност.

Заклучок

Овој модел на пет фази во науката е познат како Kübler-Ross-ов модел на прежалување. Редоследот не е секогаш запазен, но со сигурност може да се тврди дека секој поминува барем низ две од овие фази. Ефектот на “roller-coaster” е присутен, со постојано преминување од една во друга фаза, или со заглавување во некоја од фазите. Кај оние кои се најслаби, процесот никогаш не прекинува и истите треба да побараат помош од стручни лица како психијатри, психолози или социјални работници. Други примери кога прежалуваме се исто така дијагностицирањето на неизлечивите или хронични болести, потврдувањето на неплодност, зависност од тешка дрога, трагедии, елементарни непогоди, затворски казни итн...

Статијата е посветена на велосипедот кој ми беше украден во 7-мо одделение...

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 20.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина